Годинава официјално се отвори Центарот за поддршка на згрижувачки семејства на СОС Детско село, кој ќе обезбедува услуги за 64 семејства и е од исклучително значење за преземањето на конкретни чекори во унапредувањето на детската заштита. Овој центар како форма треба да врши промоција на услугата згрижување во семејство, подготовка, процена и обука на идни згрижувачи, како и да ги следи и да дава поддршка на постојаните згрижувачки семејства. За улогата на згрижувачот во растот, развојот и животот на децата, за предизвиците и емотивните моменти што ги носи оваа професија, но најмногу поради инспиративната форма на чиста љубов, во нечие дејствување ја интервјуиравме Снежана Деспотовска, долгогодишна згрижувачка во СОС Детско село.
Основната цел на згрижувачките семејства е да се задоволат потребите на децата во делот на заштита, чувството на сигурност и развој. Што беше пресудно да станете згрижувач?
Како сега се сеќавам, беше неделно попладне и дома само што завршивме со семејниот ручек. Време беше за попладневниот одмор, па го вклучив телевизорот. Вниманието ми го задржа една емисија на која се зборуваше за услугата – згрижување деца. Тогаш не знаев што значи тоа, но емисијата успеа да ми го задржи вниманието и ја изгледав до крајот во еден здив.
Има многу деца кои ја изгубиле родителската љубов, грижата, вниманието, не престануваа да ми одекнуваат зборовите на репортерката. Вечерта не можев да заспијам, нешто не ми даваше мир. Се прашував, каде се овие деца, со кого се, кој им дава храна, кој ги чува, кој ги лекува кога се болни, кој учи со нив, кој ги воспитува? Имав многу прашања на кои не го знаев одговорот, но знаев дека морам нешто да сторам јас како индивидуалец. Утредента се распрашав на неколку места каде што можев да добијам повеќе информации. И така дознав за СОС Детско село. Оттогаш, па еве до денес, повеќе од една деценија трае мојата згрижувачка мисија.
Организацијата СОС Детско село преку една од своите програми поддржува згрижувачки семејства. Кои услови е потребно да се исполнети за да се стане згрижувач?
СОС Детско село веќе 20 години обезбедува грижа и поддршка на децата и младите без родителска грижа во семејна средина. За да бидеш згрижувач потребно е многу љубов, трпение, но и посветеност. Ние сме постојано тука, се грижиме и живееме заедно со децата секој ден во годината, токму поради тоа децата со нас создаваат посебна емотивна врска. Тие се чувствуваат сигурни, безбедни, исполнети и, што е најважно, ја враќаат довербата кон возрасните. Ги поттикнувам и ги охрабрувам сите луѓе кои размислуваат, да не чекаат, да ги отворат своите срца и да се јават на 075/277-447 или www.zgrizuvanje.mk, за да ги добијат сите потребни информации околу тоа како да станат згрижувачи. Да се биде згрижувач е гордост, бидејќи ова не е обична професија, ние менуваме животи!
Згрижените деца добиваат топол дом и родителска грижа. Можете ли да ни раскажете нешто повеќе за вашето секојдневие?
Секојдневието на еден згрижувач е исто како и на биолошките родители. Едноставно, ние правиме сè што прават и биолошките родители. Малите дечиња ги носиме во градинка, поголемите ги спремаме за на училиште – подготвуваме појадок, ужинка, ручек.
Сами пазаруваме, се грижиме околу хигиената на децата и куќата, ги завршуваме училишните задачи кога ќе се вратат од училиште, одиме на лекар кога ќе настинат и сè друго што е потребно во едно секојдневие. За време на викендите, особено кога е убаво времето, сакаме да се прошетаме во природа или да одиме во ЗОО градина, на кино, во театар и да правиме други интересни работи за нивна возраст.
Вие сте се грижеле за повеќе деца кои растеле и се развивале со вашата љубов. Колку често контактирате со нив по напуштањето на селото?
Досега сум згрижила 13 деца, а во моментов се грижам за пет деца. Сите тие се „мои“ деца. Редовно се слушаме и ме посетуваат. Можам да кажам само дека нашата врска е нераскинлива и постојана, а јас сум тука секогаш кога сум им потребна.
Секој родител се соочува со низа проблеми и предизвици во процесот на растење на своите деца. Што сметате дека е пресудно за децата да се насочат кон вистинскиот пат?
Ние, како згрижувачи, ја имаме улогата на нивно семејство кое се грижи за нив во секој момент од животот. Ги даваме сета љубов и сето внимание за да почувствуваат дека се сакани. Од друга страна, секогаш да бидат облечени, да не бидат гладни, да одат на училиште и да научат да читаат и да пишуваат. Сакам и се трудам ништо да не им недостига. Вниманието и грижата, но пред сè сигурноста што ја создаваат им помага да израснат во пристојни и успешни луѓе кои во иднина ќе можат сами да се грижат за себе.
Секое дете на различен начин се справува со новонастанатите ситуации. На кој начин им помагате кога децата кога се тажни или имаат проблеми што ги мачат?
Секое дете е единствено само за себе и бара поинаков индивидуален пристап. Се трудам сите предизвици да ги решиме со разговор или со совет. Досега со убав и искрен разговор сме решиле многу емотивни, училишни и пубертетски проблеми. Најважно е дека имаме доверба меѓу себе и можеме искрено и отворено да разговараме за сè.
Разделбите се неминовен процес од растењето. Како се чувствувате и се справувате со моментот на разделба на овие млади луѓе за кои сте се грижеле?
Тоа е дел од животот и чувствата се измешани, тага, гордост, среќа, но од друга страна еден од најубавите моменти во животот. Тогаш знаеш дека се на вистинскиот пат и дека се подготвени да создадат самостоен живот и ќе имаат можност за сопствена иднина.
Вашата работа е многу благородна, но бара и многу силна волја и силен карактер. Како таа влијае на вашиот приватен живот, на вашето семејство?
Како што велите, оваа работа е многу благородна, бара силна волја и силен карактер. Но, за нас, згрижувачите, ова не е работа, како што велите вие, ова овде е нашиот живот, нашиот дом, нашата животна мисија. Ние, згрижувачите во СОС Детско село, 24 часа сме со децата и младите без родителска грижа. Ова бара многу одрекување, всушност, како и за биолошките деца. Но, од друга страна, многу хумана работа е што секојдневно нè прави многу горди. Јас имам ќерка која е мажена и имам две внучиња. Тие заедно доаѓаат тука и ме посетуваат, сакаат да се дружат со децата и да играат заедно во дворот на СОС Детско село. Со сета таа љубов околу мене се чувствувам среќна, горда и исполнета.