Научниот вонреден професор, Светлана Мојсов од Универзитетот „Рокфелер“ е именувана на листата на „Тајм 100“ највлијателни луѓе за 2024 година, која им оддава почит на уметници, иноватори, лидери и пионери во различни области. Мојсов е светски познат научник чие истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин доведе до револуционерни третмани за дијабетес и дебелина.
Македонката Светлана Мојсов е всушност жената која стои зад лекот-блокбастер Оземпик, лекот за дебелина, заслужна за откритието на хормонот ГЛП-1 (GLP-1). Долги години се борела за признавање на својот придонес, наградите ги добивале други наместо таа, сè додека не почнала правна битка. После толку години борба, конечно минатата година почнува да се пишува за неа како жена која е најзаслужна за откривањето на ГЛП-1, хормон што фармацевтската компанија „Ново нордиск” го претвори во лек против дијабетес и дебелина. Светлана е родена во Скопје, а дипломирала хемија во Белград, тогашна Југославија.
Таа пред неколку дена ја доби наградата „Перл Мастер Грингард“ за 2024 година за нејзиното истражување за хормоналните предизвикувачи за производство на инсулин, обзнани Универзитетот Рокфелер. Во објавата се вели дека истражувањето довело до револуционерни третмани за дијабетес и за дебелина.
„Оваа награда е истакната меѓународна награда која им оддава признание на истакнати жени научници.
„Иновативните методи и клучните сознанија на Мојсов доведоа до идентификација на пептид сличен на глукагон (ГЛП-1), цревниот хормон кој предизвикува панкреасот да лачи инсулин. Нејзините откритија се основата на револуционерните лекови наречени ГЛП-1 агонисти кои ги трансформираа клиничките третмани за дијабетес и дебелина. Пример за оваа класа лекови се Оземпик, Виктоза и Вегови“, објави универзитетот.
Светлана започнала да истражува за дијабетес во Рокфелер, како студент и постдокторски соработник во лабораторијата на нобеловецот Брус Мерифилд. Таму развила техника за синтеза на глукагон, хормон кој помага во регулирањето на шеќерот во крвта. Во 1980-тите, Мојсов се преселила во Општата болница во државата Масачусетс, каде што започнала да го истражува тогаш мистериозниот ГЛП-1, пептид кој има сличности со една класа на хормони кои ослободуваат инсулин во цревата, наречени инкретини. Врз основа на сличностите со глукагонот, Мојсов била првата што ја идентификувала биолошки активната секвенца на ГЛП-1, скриена во неговата целосна низа од 37 амино киселини. Нејзините експерименти покажале дека кратката верзија на ГЛП-1 навистина се произведува во цревата.
Понатаму, Мојсов успеала да покаже, во соработка со колегите Џоел Хабенер, Гордон Вир и Дејвид Натан дека ГЛП-1 предизвикува ослободување на инсулин во панкреасот, докажувајќи дека ГЛП-1 е инкретин. Оваа работа доведе до терапевтски развој на ГЛП-1.
„Комисијата беше импресионирана и од остроумноста на Светлана во хипотезата дека пептидот во ГЛП-1 може да биде клучниот регулатор на инсулинот и нејзината истрајност во тестирањето на таа хипотеза“, вели Мајкл В. Јанг , претседател на комисијата за избор и професор Ричард и Џин Фишер од Универзитетот во Рокфелер.
„Се разбира, нејзиното истражување, исто така, доведе до моќни нови терапии за третман на дијабетес и дебелина“, додава професорот.
Наградата „Перл Мајстер Грингард“ ја востановиле покојниот Пол Грингард, професорот Винсент Астор во Рокфелер и неговата сопруга, скулпторката Урсула фон Рајдингсвард. Покојниот Грингард го донирал својот паричен дел од Нобеловата награда за физиологија и медицина во 2000 година на Рокфелер и, во партнерство со други великодушни поддржувачи, воспоставил годишна награда за признавање на истакнати научници кои се жени.
Наградата, која вклучува хонорар од 100.000 долари, е именувана по мајката на Грингард, која починала за време на неговото раѓање.
Светлана Мојсов вети дека паричната награда ќе ја донира на иницијативата за жени и наука на Рокфелер.