Социјални медиуми

Ние сме Портрет!

Нашата приказна започна во 2015 година откако со вас, нашите читатели, го споделивме првото испечатено издание на „Портрет“ како месечен магазин, единствен од ваков тип во нашиот регион. Започнувајќи од март 2020 година на оваа приказна и дадовме нов концепт и малку поинаква динамика, односно продолживме како квартален магазин што излегува на поголем број страници во месеците март, јуни, септември и декември.

Како што веќе знаете, конструкцијата на она што го нарекуваме „Портрет“ магазин е склоп од повеќе засебни сегменти, претставени преку разновидни авторски рубрики, интервјуа со соговорници и инспиративни содржини посветени на суштествени теми. Нашите страници во континуитет даваат простор и поддршка на индивидуалноста, човековите права, предизвиците на модерното живеење, а тоа го продолживме и понатаму со започнувањето на оваа онлајн платформа каде ќе се читаме и дружиме секојдневно, со содржина независна од онаа во списанието.

Содржината на оваа платформа секако е во нашиот препознатлив „портретовски дух“ од областа на културата, уметноста, модата, музиката, филмот и друго, па така ќе имаме можност да ви претставиме авторски интервјуа, модни едиторијали, наши погледи и ставови на теми кои сметаме дека се важни и имаат огромно влијание на локалната и светската културна сцена.

Нашите читатели се нашиот двигател!

Она што најмногу нè радува во нашата работа е што во изминатите години забележавме голем број на фанови, па дури и колекционери на „Портрет“ магазин, оние кои имаат посебно ќоше во нивниот дом за нашето списание и кои со нетрпение го очекуваат секој нов број, предложуваат соговорници, рубрики, а ни даваат и пофалби и критики.

Неизмерно сме среќни што успеавме да стекнеме верни читатели кои ја уважуваат и ценат авторската содржина, ја споделуваат со најблиските и постојано ни даваат признанија и нè потсетуваат дека нашата работа има вистинско значење и трајна вредност.

Сето ова ни даде искрена надеж дека оваа платформа на ист начин ќе биде препознаена, прифатена и почитувана од нашите читатели, па затоа би сакале да ја задржиме нашата визија, а тоа е и понатаму да продолжиме да бидеме медиум за луѓе со отворено срце и чиста мисла.