Животот е краток, многу пати ќе чуеме, па дури веќе би ја сместиле таа фраза во клишеата, сѐ додека не ни се случи ситуација во животот што ќе ни го покаже токму тоа и ќе ни гo тргне тлото под нозете. А каква поврзаност има тоа со самата тема? Може некој ќе се праша. Има буквално секаква. Особено на нашите простори, сѐ уште е табу тема патувањето сам/а. Постои некоја стигма и имам чувство дека луѓето воопшто не ја земаат таа опција предвид да отпатуваат негде сами и да осетат како ќе им биде. Тука морам да напоменам дека да патуваш сам/а не е баш и за секој карактер на човек, но дали е за вашиот нема никогаш да дознаете ако некогаш не пробате. И сега да ги поврземе двете работи заедно: доколку може да си дозволите финансиски, здравствено, психички и како и да е и да отпатувате некаде и да осетите нешто ново, свеж бран на енергија, архитектура, природа, што и да е, не чекајте на вистинскиот момент. Или вистинскиот човек. Или децата да направат 40 години прво, затоа што нема без вас нели да преживеат 3 дена, бидејќи вистината е дека животот навистина знае да изненади. Денес да сме тука, а утре да не нема. Во продолжение ќе споделам некои од убавините на патувањето како соло патник.
Себеоткривање
Многу значајно во нашите животи е себеоткивањето. Многу ќе се прашаат: Каков е тој процес на себеоткивање? Па јас знам се што треба да се знае веќе за мене. Но не е така.Без разлика на која возраст сме секогаш постои нешто ново што би можеле да научиме за нас. Идеално место и време е токму тоа кога сме оставени сами на себе на нови места, во непознати градови, во опкружување кое е понекогаш и предизвикувачко. Тоа се моментите кога откриваме една нова верзија на нас самите. Во моментов кога го пишувам ова имам поглед кон шарените куќички во Порто и пијам бело вино со овошна нота. Не се разбирам многу во вина, но битно ми беше да е локално португалско и уште побитно да не заборавам да дишам додека го доживувам овој прекрасен момент. Вистинскиот начин на кој можеме да се запознаваме себе си е преку самонабљудување. Едноставно, се анализираме како реагираме на звукот на птиците, сончевиот зрак, уличните артисти кои некогаш се поталентирани и од изведувачот за кои сме платиле 100 евра карта и многу многу други ситуации во еден ден без мисли кои ни го оптеретуваат мозокот, некаде во некој град…
целосно препуштени нам самите. Ова себеоткривање е тешко да се постигне кога патуваме со партнер или пријатели баш поради тоа што често мораме да правиме компромиси и прилагодување, што е сосема нормално. Кога сме сами одлучуваме што ни се прави во одреден момент без на тој избор да има влијание некој друг. И во тој момент има толку многу убавина. На тој начин добиваме информации за тоа што на нас всушност ни е важно и кои активности нѐ исполнуваат и прават да се чувствуваме опуштени и вистински среќни. Инспирација за нови подвизи. Она што го забележав низ годините е дека најголемата инспирација и сила потребна за промени ми доаѓа токму кога сум сама и далеку од местото каде живеам. Тоа е можеби така затоа што моментот кога се одалечуваме од тековниот живот и обврски можеме се да согледаме од поинаков агол што всушност ни дава insight во оние делови од нашите животи кои сакаме да ги промениме. Уште една стигма во нашето општество е токму промената и стравот кој доаѓа како последица. Научени сме ако нешто добиеме или оформиме во текот на животот, без разлика дали станува збор за партнерски однос, работно место, пријателство тоа треба да биде за век и векова. Но тоа е сосема погрешно.
Ние сме живи суштества кои што се подложни на промена, нашите организми се менуваат од секунда во секунда така што тоа верување се коси апсолутно со нашата природа. Во некој однос, работа, место на живеење се останува се додека во неа постои простор за раст и напредок. Моментот кога увидуваме дека некој однос, активност или локација нѐ гуши подолг период на време, тоа е знак дека треба да почнеме да размислуваме да направиме промена. Некои промени се случуваат од денес за утре, за некои е потребно време но неизбежно е промената да се случи доколку сакаме да одиме психички и физички кон раст и развој, здравје и благосостојба. Токму таква инспирација и сила за такви подвизи, што некогаш не се ни малку лесни се добива од соло патувања.
Проширување на гледиштата
Толку важно нешто во животот. Факт е дека сме преполни со предрасуди кои што само нѐ оневозможуваат да имаме повеќе разбирање кон другите луѓе, особено оние кои што се поразлични од нас. Најчестиот предизвикувач на конфликти меѓу луѓето се различностите. Моментот кога ќе почнеме да ги отвараме нашите видици кон светот нашето ниво на толеранција почнува да се зголемува. Тоа е и моментот кога излегуваме од стегите и дозволуваме луѓе од различни култури да влезат во нашиот живот и од нив да учиме наместо да ги осудуваме. Ова е исто така значајно за генерацискиот јаз и оние проблеми кои се појавуваат помеѓу децата и родителите. Кога вашето ниво на толеранција ќе порасне, а добар начин е и престојувањето во хостели во соби каде има 6,8,10 или повеќе кревети и вие практично ноќевате со луѓе кои прв пат ги гледате во вашиот живот, тогаш и вашата потреба да се докажувате или влегувате во било какви расправии ќе исчезне. После такво искуство многу повеќе ги цените своите блиски и тоа колку всушност си се познавате и си се сакате. Во тој случај веќе не обрнувате внимание на вашите разлики туку на она што ве спојува и поврзува. Многу честа појава за време на соло патување е запознавање со нови луѓе кои се исто така на некој сличен пат како вашиот и тоа е можност за остварување на ново пријателство кое понатака останува некогаш и за целиотживот. Се сеќавам на едно од моите први соло патувања кога престојував во хостел во Гданск во Полска, случајно стапив во контакт со девојка која во моментот беше болна и сакав да и помогнам на некаков начин ако можам. Уште на самиот почеток почувствував дека таму има потенцијал за ново пријателство. Така и беше. После неколку месеци бев нејзина гостинка во Утрехт, Холандија и среќна сум што сѐ уште го одржуваме контактот. Оние моменти кога сме отворени за нови искуства тие и доаѓаат во нашите животи и ни ги разубавуваат на најубав можен начин.
Благодарност за она што веќе го имаме
Уште едно клише на кое вреди да се потсетуваме одново и одново се до нашата смрт. За време на соло патувања го имаме целото време на овој свет. Денот може да изгледа како поминати 20 километри во истражување на секое ќоше од некој град, но и ден поминат во убави, скриени кафулиња со квалитетно кафе и мир. Изборот е наш и секогаш се
разликува во согласност од mood-от тој даден ден. Како и да е ја имаме можноста да го стопираме времето и да се потсетиме на се она што е значајно и добро во нашите животи. Потсетете се на вашиот миленик кој ви има внесено толку многу насмевки и убави моменти, вашите деца кои растат толку брзо и тоа како секој момент со нив е драгоцен, куќата во која живеете и која ви е засолниште од секоја бура и каде огништето највеќе грее, вашите родители на кои што исто така времето им е одброено и со кои што вреди да поминете што е можно повеќе моменти на свесно присуство и можам да набројувам до утре и назад но ќе оставам на вас и на вашата свест тоа да го направи. Ова не е нешто што може да се практикува само на соло патувања, туку нешто што треба да го правиме што е можно почесто. За жал некогаш вртлогот на животот е толку интензивен што едноставно нѐ проголтува. Затоа лекот може да биде slow down и enjoy life. Во истиот момент ви се враќа и благодарноста и го гледате светот појасно и со очи полни љубов.
Надеж за она што доаѓа
Една од оние работи кои ги потценуваме најмногу, а всушност е game changer. Она како се чувствуваме во моментот има огромно влијание на она што ни доаѓа во иднина. Ако вибрираме љубов, благодарност, уживање, многу поверојатно е да привлекуваме убави луѓе со чиста енергија и намери, работни можности, спокој. Тоа е многу поврзано со тоа
дали сме исполнети со надеж за подобро утре или имаме црни слики за иднината во глава.Токму утрово прво нешто што направив откако излегов од хостелот беше што отидов во Капела на душите, така би се превело на македонски. Оној мир што го осетив е неопислив. Едноставно надеж дека што и да ме дочека утре ќе го прифатам со спокој и благосостојба.
И со таа мисла сакам и да ја завршам оваа статија. Без разлика дали соло патувањата се your cup of tea или не се, а се надевам од срце дека се или ќе станат откако ќе ги доживеете, она кон што треба да се стремиме е да станеме наша подобра верзија со секој следен ден за наше добро, за добро на нашите најблиски и за доброто на светот.
*Chapel of Souls 1