Здружението за промоција на источноазиски култури „Пагода“ го најавува националниот косплеј натпревар, преку кој ќе се избере претставникот на Македонија за учество на меѓународниот натпревар Ultimate Balkan Cosplay Championship (UBCC) 2026.
Натпреварот ќе се одржи на 9 мај 2026 година (сабота), со почеток во 12:00 часот, во Netaville во Скопје. На сцената ќе настапат косплеери кои се пријавија како соло учесници или во дуо, претставувајќи креации инспирирани од филм, аниме, манга, видео игри и поп-култура.
Победникот ќе ја има честа да ја претставува Македонија на UBCC 2026, што ќе се одржи на 13 јуни во рамките на фестивалот Urusai Con во Сава Центар во Белград, Србија. Покрај учеството на меѓународната сцена, наградата вклучува и обезбедено сместување за две лица. Дополнително, ќе бидат доделени и награди за прво, второ и трето место, обезбедени од партнерот Aнхоч.
Овој натпревар претставува уникатна можност за домашните косплеери да го покажат својот талент, креативност и изработувачко мајсторство пред публика и стручно жири, како и да станат дел од регионалната и интернационалната косплеј заедница.
Настанот ќе биде збогатен со дополнителна програма, вклучувајќи базар, како и водителска и стриминг поддршка од „Дебели Гикови“. Официјален медиумски покровител е Comics.mk.
„Пагода“ ги поканува сите љубители на косплејот и поп-културата да присуствуваат на настанот и да ја поддржат сцената. Публиката е повеќе од добредојдена да дојде и во косплеј, дури и без учество во натпреварот, и да стане дел од атмосферата која ја слави креативноста и заедништвото.

