На 26 септември, сабота, Камениот мост ќе стане сцена на која модата, музиката и архитектурата ќе се сретнат во чест на две децении од постоењето на модното студио Кокев. На една од најпрепознатливите локации во Скопје, јубилејот ќе биде одбележан со ексклузивна ревија и претставување на сосема нова колекција.
Замислена како спој на мода и сценски перформанс, вечерта ќе започне во 19:30 часот со пречек на гостите на црвениот тепих и пијалак за добредојде. Јубилејната ревија ќе се одржи во 21 часот, на самиот Камен мост.

Новата колекција ја црпи својата инспирација од лебедот, паунот и рисот – три впечатливи суштества што ги олицетворуваат убавината, велелепноста и моќта. Нивната симболика се надоврзува на препознатливата естетика на Кокев и на вредностите што модното студио ги негува низ годините: доследност, издржливост и верност кон сопствениот визуелен потпис.
Посебно место во концептот има и Камениот мост, трајниот симбол на Скопје. Неговата архитектура и историја се дел од креативната замисла на ревијата, поврзувајќи го современиот моден израз со духот и наследството на градот.
Честа да ја отвори јубилејната вечер ќе ја има актерот Никола Ристановски, а музичкиот дел за време на ревијата ќе го предводи диџеј Соња Исмаил. По претставувањето на колекцијата, прославата ќе продолжи со забава со диџеј Славе.
26 септември, сабота | Камен мост, Скопје
19:30 – Црвен тепих и пијалак за добредојде
21:00 – Јубилејна ревија на Кокев
По ревијата – Забава со диџеј Славе






