На 9 мај, Битола ќе биде домаќин на специјалното издание „Женски Земјотрес“, настан посветен на женските гласови од независната музичка сцена кои во последните години внесуваат нова енергија, автентичност и современ израз во домашната музика.
Програмата ќе се одвива на неколку локации низ градот и ќе започне во кафе „Tigre“, каде NastasyaKish од 12 до 16 часот ќе има дневен DJ сет и ќе ја отвори атмосферата за целодневното фестивалско дружење.








Во 17 часот, во Кино Браќа Манаки ќе се одржи разговор на тема „Женски гласови во независната музичка сцена“, на кој ќе учествуваат Дина Јашари, Марија Каева, Елена Васова и Теодора Василевиќ, додека модераторка ќе биде Виолета Качакова. Разговорот ќе отвори теми поврзани со независната сцена, видливоста, упорноста и потребата културните содржини да се развиваат и надвор од Скопје.
Вечерната програма продолжува во Пациото на Завод и Музеј Битола, каде од 19:30 часот ќе настапат АТА, КОРКА, Елена Васова, Дина Јашари и Princess Donatsu. Просторот на музејот ќе стане сцена за современа музика, различни жанрови и публика која сака да биде дел од нешто актуелно, живо и автентично.
„Женски Земјотрес“ се реализира во соработка со локалните партнери We Pretend It’s a City и МИДС Битола.


