Ако ви здодеа од обичните кафулиња и вообичаената рутина на излегување,Sip&Create.Skopje е идеално место за поинакво искуство. Ние разговавме со Ена Бендевска и Симона Георгиевска, сопственичките на ова ново,интересно место.
Sip&Create.Skopje е уникатно место каде што се спојуваат креативноста, уживањето и забавата. Кои се главните одлики на овој концепт и како се роди идејата за ваков вид на место?
Sip&Create.Skopje се појави како одговор на зголемената потреба во Скопје за места каде креативноста и задоволствата се клучни елементи. Ние сме пресреќни што гледаме сè повеќе иницијативи од овој тип, а нашата визија беше да создадеме простор кој не само што ги охрабрува луѓето да бидат креативни, туку и им овозможува исклучување од секојдневието. Препознавајќи дека нашиот град нема доволно вакви места, одлучивме да создадеме нешто уникатно и привлечно.
Главните карактеристики на Sip&Create.Skopje вклучуваат сликање на стакло или свеќи и уживање во различни пијалаци. Дизајнирано е да обезбеди опуштено опкружување, примамливо за сите нивоа на уметничко искуство. Нашиот простор е релаксирачки и е место каде учесниците можат да го остават зад себе секојдневниот стрес и да се посветат на создавање на нешто убаво. За нас, Sip & Create.Skopje е повеќе од место за сликање и пиење – тоа е место каде креативноста и дружењето се спојуваат во едно незаборавно искуство.
Секој посетител може да пронајде свој начин за да ја изрази својата креативност. Како се одвива самиот процес, добиваат ли посетителите насоки, предлози и сл.?
Процесот во Sip&Create.Skopje е структуриран, а сепак флексибилен. Учесниците започнуваат со краток вовед во материјалите и основните техники од нашите инструктори. Обезбедуваме предлог дизајни и шаблони, а стоиме и на располагање за совети во текот на целата сесија со цел да се подобри целокупното искуство. Сепак, гостите се охрабрени да ја следат својата креативна интуиција.
Кои се предностите што ги нуди Sip&Create.Skopje и за каков вид на настани и пригоди може да се посетува?
Sip&Create.Skopje нуди едно различно искуство каде учесниците можат да се опуштат и да го истражат својот уметнички аспект во пријателска атмосфера. Идеално е за различни видови на настани, од ‘casual’ собири и date nights, до тимски активности (team buildings), роденденски или други прослави. Предноста се крие во нашата уникатна понуда – комбинација на креирање уметност и социјализација, што ретко се наоѓа во други места и која може целосно да се персонализира за приватни настани.
Покрај опуштање и добра забава што може да научи секој учесник на овие работилници?
Освен релаксација и забава, учесниците на работилниците можат да научат различни техники на сликање, мешање на бои и пристап кон создавање нешто свое. Освен ова, работилниците ги поттикнуваат посетителите на личен развој: може да дојдат сами и да запознаат нови луѓе, да посветат неколку часа на себе по напорен ден или недела на работа, да се опуштат со пријателите, или пак да се поврзат со своето „inner child“ и да направат нешто забавно и ново.
Скопје во последно време нуди нови, интересни, креативни места и поинаков начин на забава. Во кој правец сакате да се развива Sip&Create.Skopje и што ново можеме да очекуваме?
Планираме да растеме и да се развиваме заедно со нашите учесници – секогаш земајќи ги предвид нивните мислења и предлози. Нашиот план е да го зголемиме бројот на работилници, да соработуваме со локални уметници и креативци, и да организираме тематски настани кои ги одразуваат културните настани и сезоните во градот. Гостите можат да очекуваат разновиден календар на уникатни и иновативни искуства кои се прилагодени на различните интереси на сите.