Славче Таневски го знаеме како Македонецот кој дизајнира автомобили „Мерцедес“. Но, неговата упорна работа и визија го донесоа до нова позиција во „Мерцедес-Бенц“, сега е тим-лидер на „Мерцедес-Бенц екстериер“, дел од менаџментот на компанијата. Со него поразговаравме за неговото досегашно искуство и што значи новата позиција и новите предизвици, но и како изгледа еден процес на дизајнирање автомобил.
Ве унапредија во тим-лидер на „Мерцедес-Бенц екстериор“, вистинско достигнување во вашата кариера. Ќе можете ли да ни кажете нешто повеќе за оваа позиција и што ви значи овој напредок во досегашната кариера?
Од октомври годинава сум дел од менаџментот на „Мерцедес-Бенц дизајн“, што значи, пред сè, поголемо влијание, но и повеќе одговорности. Водам тим од дизајнери кои заедно со мене го креираат надворешниот дизајн на сите сериски, а понекогаш и концептни возила, како за „Мерцедес-Бенц“, така и за АМГ и „Мајбах“. За мене, претставува големо признание за мојата професионалност и за сè она што сум го дал досега како креативен инпут. Можностите воопшто да влезете во светот на автомобилскиот дизајн се многу лимитирани, а уште потешко да стигнете до водечка функција. Тука е важен факторот на доверба кај вашите претпоставени, но морате да поминете и низ неутрална интерна ригорозна селекција согласно со стандардите за менаџери во фирмата. Многу психолошки тестови, справување со предизвикувачки ситуации со работници, работилници за разни техники на водство, интегритет, техники за презентации итн.
Македонската јавност ве знае како дизајнерот од „Мерцедес“, вашиот потпис се наоѓа на дизајнот на голем број познати модели. Но, како изгледаа вашите почетоци и какво искуство собравте сите овие години?
Почнав како многу мал да цртам автомобили, откако знам за себе го правам тоа. Постоеја фази на развој, нормално, по цртањето дојде дигитално рендерирање во фотошоп, што го учев од онлајн-учења, 3Д-моделирање, потоа во 2007 година се запишав на Факултетот за дизајн во Минхен. Првото професионално искуство како практикант ми беше во „Мини дизајн“, па подоцна во „Мерцедес-Бенц дизајн“ исто како практикант, па дипломант и од 2011 година како вработен професионален дизајнер. Сè уште собирам искуства, како технички, така и социјални. Целото искуство и професионализмот ме донесоа до сегашната позиција да бидам одговорен за проекти, чијшто годишен буџет може да се спореди со годишниот буџет на Македонија.
Како изгледа вашата инспирација за моделите, што опфаќа еден дизајнерски процес, на што обрнувате особено внимание?
Зависно од проектот, инспирацијата доаѓа приближно од тој свет во кој припаѓа производот. На пример, доколку се работи за ултралуксузен „Мајбах“ се бараат теми од луксузни производи, дали е тоа висока мода, некој скапоцен часовник, може сервираната храна во некој ресторан со повеќе ѕвездички „мишлен“ и сл. Додека, пак, кај некој суперспортски АМГ-болид соодветно би било да барате некои форми и пропорции на млазен борбен авион, на пример. Во секој случај, инспирацијата може да дојде од некоја банална работа или, пак, одненадеж. Многу често и немате време за инспирација, барање на инспиративни слики, туку мора во рок од неколку часа да изработите предлог-дизајн.
Процесот опфаќа многу аспекти. Од претставување на идејата прво како цртеж, потоа како 3Д-волумен, дигитално, па во глина. Потоа доаѓа физибилити процесот, кога моделот се адаптира за производство, се оптимира аеродинамички, се инкорпорираат сите сензори, радари и други компоненти, како и апликација на сите регулативи за безбедност и хомологирање, што е и најтешкиот и најболниот дел од играта.
Внимание се обрнува на секој детаљ. Од тоа како да ја спроведете водата што при дожд се собира околу ретровизорот за да не му пречи на возачот, до тоа бандажите да бидат доволно отворени за оптимално разладување на сопирачките итн.
Кон што се стремите во вашите дизајни, кој дизајн досега ви бил најголем предизвик?
Како тим, се стремиме кон оптималното решение при зададените околности. Изработуваме луксузни автомобили за најпребирливите клиенти во светот и затоа нашите стандарди се многу високи. Главна задача на дизајнерот е да успее неговата првична идеја од скицата да биде препознатлива и на финалниот производ. Најголем предизвик, во принцип, се возилата што се високи, а немаат голема широчина и истовремено мораат да пренесуваат седум патници. Таков проект беше EQS SUV. Да направите купе двосед широко два и кусур метри и високо метар и 20 е секако полесно.
Сигурно ги следите најновите технолошки достигнувања во автомобилската индустрија. Што е денес најважно за еден функционален, но и креативен, впечатлив дизајн на автомобил како „Мерцедес“?
Во најголема мера, ние ги пронаоѓаме најновите достигнувања. „Мерцедес“ секогаш бил пионер, кога се работи за техничките иновации, како АБС-сопирачки, воздушни перничиња, на пример. Важни се повеќе фактори. Секако, автомобилот да биде препознатлив како „Мерцедес“, да изгледа свежо и безвременски истовремено. Да биде аеродинамичен заради економичност и да ги има сите можни содржини и додатоци што ги бара пазарот и сето тоа облагородено во луксуз.
Сè почесто автомобилите денес се хибридни или само електрични. Колку тоа влијае на дизајнот, каква е иднината на дизајнот на автомобили?
Автомобилите во блиска иднина ќе бидат (само) електрични. Со новиот погон добиваме поголема флексибилност затоа што имаме, пред сè, помалку компоненти. Битна и одлучувачка е големината на батеријата и таа диктира како ќе ги поставите пропорциите. Од друга страна, аеродинамиката ни помага кон постигнување на автономијата на возилото, да можете да возите колку што е можно подалеку со едно полнење.
Вашиот успех значи многу за нашата земја, сепак сте еден од ретките и во светски рамки што успеал да биде дел од толку голем автомобилски бренд. Што би порачале на помладите дизајнери кои имаат слични или исти аспирации како вашите?
Да бидат упорни, истрајни, да имаат чиста визија и искрено да го сакаат тоа што го работат. Секој предизвик и навидум неостварлива цел бараат жртва, трпение и фокус. Но, ништо не е невозможно ако навистина искрено веруваш во сонот и работиш на случајот.
Со оглед на тоа што дизајнерскиот процес бара голема посветеност и фокус, како се полните со енергија и мотивација, што особено ве радува?
Ме радува кога сум блиску до моите сакани. Ме радува кога сум во Македонија и често сум таму. Обожавам македонска храна, ме релаксираат прошетки во природа, уметност, филмови…