Халкбанк АД Скопје со години се истакнува со својата посветеност на иновациите и одличната корисничка поддршка, создавајќи банкарски решенија што се адаптираат на потребите на современите клиенти. Нивниот пристап кон одржливоста и социјалната одговорност, проткаени во голем број успешни кампањи ги прави неприкосновени лидери на нашиот пазар. Разговараме со креативниот тим за корпоративни и маркетинг-комуникации во Халкбанк АД Скопје, кои со нас ја споделија својата јасна визија за создавање на креативни решенија и ни покажаа зашто се број еден доверлив партнер за финансиски успех и стабилност.
Соговорници:
Кои беа најзначајните маркетинг-кампањи што ги реализиравте во 2024 година и како тие се одразија на позицијата на Халкбанк на пазарот?
Оваа година реализиравме многу проекти во кои искрено уживавме, но од аспект на тоа кои од нив лично ги доживуваме за најзначајни, би ги истакнале оние со кои успеавме да направивме некакво влијание и добра промена во нашата индустрија, во рамките на нашето работење и општо за јавноста.
Една од нив е кампањата за финансиска слобода на жените. Оваа година имавме втора едиција на цела кампања наменета за жените и на фустаните со џебови. Преку оваа кампања, освен што нудиме одлично финансиско решение за жените во бизнисот, ние, всушност, ја креваме и свеста за потребата од финансиска независност, но и реализираме директна поддршка кон оние жени кои имаат сериозна потреба од финансиска помош. Важно е да споменеме дека годинава, токму оваа наша платформа со сите нејзини реализирани кампањи доби посебно признание од „АмCham“ – за една од најдобрите CSR-практики во земјата.
Следна e кампањата за промоција на новиот пакет на банката за финансирање стартап-компании. Првенствено, пред да дојдеме до моментот на создавање на оваа кампања, мораме да потенцираме дека претходеше исклучителен ангажман од нашите колеги во создавање на овој пакет услуги со можност за кредитирање на стартап-бизнисите – нешто што досега никој не го понудил на пазарот. Тоа значи дека уште од почетокот на воведување на производот, како банка, покажавме голема храброст. Во чекорот што следуваше, т.е. во нашето креирање кампања и комуникација со јавноста, бевме одлучни дека ќе настапиме креативно, храбро и иновативно. Па, на пријателите од „Меккен“ им дадовме целосна дозвола за тоа да се опуштиме и да им дозволиме дури и на лудите идеи да излезат во продукција. Како резултат, добивме одлична, досетлива, забавна и инспиративна кампања водена под слоганот „Секоја идеја звучи лудо на почетокот“. Покрај маркантните ТВ-реклами и визуали, кампањата беше надополнета и со иновативни пласмани, како што се брендираните гаражи, од каде што потоа произлезе и поткастот „Стартап гаража“. Оваа кампања е значајна затоа што пласиравме храбар производ на пазарот и храбра, креативна комуникација преку иновативни канали, што уште еднаш ни се потврди со признанијата што ги добивме на значајни маркетинг-фестивали од регионот и светот – „Кактус фестивал“, „Голден драм“, MoM.
Покрај овие две, би ги истакнале и кампањите „Мој дом“ – преку која на сосем поразличен, „човечен“ начин го промовираме станбениот кредит и „ХалкЕз“ – кампања на која пријателите од „Ефектива“ ѝ дадоа личен идентитет, па следствено на тоа преку неа почнавме цела платформа и развивме подбренд наменет за млади.
Сите овие, заедно со уште низа други кампањи и проекти што ги реализиравме, придонесоа кон тоа да го доближиме уште повеќе брендот до луѓето и да му додадеме нему посебна вредност што нè прави малку повеќе од само давател на финансиска услуга на пазарот.
Каква улога одигра корпоративната општествена одговорност (CSR) во вашите кампањи оваа година и каков беше одговорот од јавноста?
Во дел од кампањите, често се обидуваме да вметнеме елементи што имаат позитивно влијание врз општеството. Како што кажавме, на пример, преку кампањата за жени, креваме свест и реализираме значајни донации наменети за жените на кои тие им се потребни; преку „Халки“ кампањите едуцираме; преку многу други, меѓу кои и онаа што и нам и вам ни е особено драга – ПОРТРЕТ на културата ☺, поддржуваме аспекти на култура и уметност…
Овој начин на комуникација, нормално, кога е направен во мера и во линија на вредностите на брендот, позитивно е прифатен и поздравен од јавноста. А дополнително, прави и корисна диференцијација за брендот.
На кој начин се адаптирате на брзите промени во навиките и очекувањата на клиентите, особено кај помладите генерации?
На начин што кон нив гледаме љубопитно, како кон нужни предизвици од кои секојдневно учиме многу. Како бренд, се обидуваме да сме блиску до својата клиентела, да ги прашуваме, да ги слушаме, да ги вклучиме и да се потрудиме да ги разбереме. Ги почитуваме нивната разновидност, нивните навики, потребите и начинот на живеење, па начинот на којшто сакаме и се обидуваме да комуницираме со нив е да биде во простор, во дијалог и стил што лично им одговара ним.
За платформата „ХалкЕко“ добивте награда од Министерството за економија, како најдобар општествено одговорен проект во делот на животната средина. Што значи да си прва еко-банка и зашто е важно големите компании да работат на подигнување на еколошката свест?
Ова е поле во кое посветено работиме веќе пет години. И оваа посветеност и конзистентност дава сериозни резултати. Преку „ХалкЕко“, банката има засадено над 60.000 садници, но оваа бројка во следните пет години ќе достигне 1.060.000 садници! Нашите шуми ќе имаат сериозна дополнување со инвестициите што банката ќе ги вложи во нив преку платформата „ХалкЕко“. Освен пошумувањето, во рамките на „ХалкЕко“ имаме реализирано и многу еко-корнери и изведби што го подобруваат урбанизмот во градовите. Традиционално, во овие рамки се реализира и вело-трката во Маврово, како и „ХалкЕко трча“ во Скопје. А тука е и мобилната апликација преку која ја наградуваме еко-свеста и еко-активноста на нејзините корисници. Сето ова значи многу за општеството и за средината во која живееме сите. Тука фокусот ни е исклучително во создавање на таквото достигнување, а значењето за нас како бренд или како компанија е последователно. Со таква мисија и со таков поглед кон создавање на добри општествени промени би требало и мислиме дека сè повеќе функционираме повеќе поголеми компании во земјата.
На што беше насочен вашиот работен фокус оваа година? Можете да издвоите некој проект, кампања или настан на којшто сте особено горди?
Оваа година бевме фокусирани на многу работа и на тоа да постигнеме резултати од неа. Секој ден го гледаме како предизвик за докажување на нашата вредност и се обидуваме да останеме доследни во ангажманот, упорноста и реализацијата. А за гордеење, се гордееме на сите проекти што ги почнуваме од идеја, па ги доведуваме до реализација. И кога уште таквите проекти ќе бидат забележани и признаени од нашата „публика“, па и од стручните лица од маркетинг-индустријата во земјата и надвор од неа, искрено се радуваме и добиваме уште поголема сила и мотивација за работа.
„Халки“, „ХалкЕко“, „Вистински слободна“, „Чувари на мудроста“, „Halk EZ“ се платформи што на различен начин излегуваат во пресрет на потребите на вашите клиенти. На кој начин ги градите стратегиите и активностите на овие платформи?
Прво, тука треба да кажеме дека сме свесни дека мораме да се насочиме со посебна комуникација и со посебна понуда кон различните сегменти од клиентелата. Па, градењето на овие платформи е всушност одговор на таа потреба.
Во принцип, нашата „публика“ ја делиме по возраст, потоа ја сегментираме врз основа на многу други аспекти, како култура, супкултура, стил… Потоа, сите активности што ги наменуваме или ги реализираме за нив, всушност се планирани и креирани имајќи ги предвид нивните карактеристики, ставови и карактер. И вака кажано, ова звучи лесно и едноставно, но бара многу работа и посветеност. Сепак, сметаме дека таквиот начин на комуникација и пласирање понуда е нужна потреба.
Кои се главните цели и стратегии на маркетинг-тимот на Халкбанк АД Скопје, за подобро поврзување со клиентите и адресирање на нивните потреби во 2025 година?
Да сме колку што е можно поблиску до клиентите, да им дадеме простор да се дел од креацијата и изведбата на нашите кампањи, да направиме заеднички позитивни промени и резултати: за општеството, за нив, но и за нивото на креативноста и културата во земјата. И да имаме многу среќа во работењето.