А1 Македонија, водечкиот оператор во 2024 година, ја промовира својата кампања за дигитална писменост со фокус на едукација и одговорно користење на технологијата. Кампањата има цел да ги подигне свеста и знаењето кај младите и возрасните за безбедно и свесно навигирање во дигиталниот свет. Преку иновативни алатки, А1 Македонија ги охрабрува граѓаните да ги искористат придобивките од технологијата, истовремено намалувајќи ги ризиците од киберзакани. Оваа иницијатива претставува чекор напред кон создавање на дигитално одговорно општество.
Дигиталната писменост е клучна за успешно интегрирање во современиот дигитален свет. На кој начин А1 Македонија ја поддржува дигиталната писменост во земјата и кои се најзначајните реализирани проекти во оваа област изминатава година?
А1 Македонија активно и стратешки придонесува за унапредување на дигиталната писменост во заедницата во целост, согледувајќи ја како клучен фактор за успешна интеграција во современиот дигитален екосистем. Затоа и посветено работиме на развој на дигитални вештини и овозможување пристап до иновации, што е од суштинско значење за индивидуалната и колективната дигитална трансформација.
Свесни за потребата од адаптација и примена на новите технологии во заедницата, ја воведовме А1 Академија преку која се фокусираме на младите и на градењето на нивните дигитални вештини што ја зголемуваат нивната конкурентност на пазарот на труд и е многу важна за развојот на општеството и економијата во целина. Имено, сите од 18 до 25 години, независно од претходното образование, се учесници на нашата А1 Академија, преку која се посветуваме на подобрување на дигиталната писменост на најактуелните теми во оваа област. Програмите се насочени кон развој на специфични дигитални вештини што ќе им помогнат во идниот професионален развој.
Како потврда на нашето заложување и инвестирање во младите е и нашето неодамнешно стратешко партнерство со Факултетот за информатика и компјутерско инженерство (ФИНКИ), каде што следната година се најавени голем број проекти со кои ќе ги поддржиме студентите со цел да бидат поконкурентни на пазарот на труд и да им овозможиме услови нивната експертиза да ја употребат во Македонија.
Во рамките на своите иницијативи, А1 Македонија реализира неколку значајни проекти што имаат долгорочен ефект на едукацијата и вклученоста на различни целни групи. Оттука, имаме стратешки пристап кон оваа тема и многу внимателно пристапуваме кон поставување и реализација.
Моментално работиме на унапредување на нова платформа „подобар онлајн“, која ќе допре до сите и преку која сакаме да едуцираме и да влијаеме на сите инволвирани во креирање побезбедна и попозитивна интернет-средина за сите. Платформата ќе нуди интегрирани алатки што им овозможуваат на поединците да стекнат знаења и вештини за безбедно функционирање во онлајн-просторот, со цел да ги заштитиме нашите деца од потенцијалните закани во дигиталниот свет.
Нашата интенција е сите протагонисти во оваа сфера, почнувајќи од најмладите, па сè до највозрасните, да ги охрабриме да го истражуваат онлајн-светот и тоа да го прават на одговорен и безбеден начин.
Свесни за сите случувања во интернет-просторот, неодамна ја лансиравме кампањата #5Секунди на социјалните профили на А1. Во денешното динамично време, каде што пораките се праќаат со само еден клик и секоја содржина можеме да ја споделиме за момент, често ја забораваме моќта на нашите зборови и дела. Кампањата „5 секунди“ е едноставен, но сериозен потсетник и нашата идеја е да потсетиме дека понекогаш сè што треба да направиме е да застанеме и да размислиме пред што и да направиме како на интернет, така и офлајн. Како телекомуникациска компанија, ние се грижиме нашите корисници да бидат онлајн и поврзани во секое време и насекаде, но исто така ја имаме одговорноста тој интернет-свет да го направиме побезбедно место. Без разлика дали станува збор за дете кое се движи низ социјалните медиуми или возрасен кој го истражува онлајн-светот, секој заслужува да се чувствува сигурно и почитувано. Кампањата „5 секунди“ нè охрабрува да направиме кратка пауза и да размислиме: Дали тоа што сакаме да го направиме или кажеме може да повреди некого? Дали нашите зборови можат да придонесат за ширење дезинформации, па дури и кибернасилство? Пет секунди одлучуваат дали несоодветен коментар ќе повреди друга личност или дали наша приватна фотографија ќе се најде во погрешни раце. Накратко: пет секунди нè делат од еден подобар онлајн-свет. Затоа, потсетуваме дека е многу едноставно, потребно е само да застанеме и да размислиме.
А1 ја препознава и важноста на инклузивноста во дигиталниот свет и активно работи на интеграција на маргинализираните групи. Преку волонтерска програма, заедно со Црвениот крст на Македонија, моите колеги волонтери прават обуки за возрасните лица со што овозможуваме пристап до дигитални алатки и нивно безгрижно учество во дигиталниот живот користење на интернетот како средство за самостојност и едукација.
Интернетот може да биде истовремено ресурс за учење и простор исполнет со ризици за младите. Кои се најголемите предизвици на младите во контекст на интернет-безбедноста и како вашата компанија се справува со нив?
Веќе споменав дека ние како компанија што е еден вид „прозорец“ кон онлајн-светот, интернет-провајдер што брои над еден милион корисници, свесни сме за придобивките што ги носат интернетот и технологијата, но и за опасностите што се наоѓаат во онлајн-светот. Оттука, многу сериозно ја имаме сфатено одговорноста што ја носиме да ги заштитиме нашите корисници, сите поединци на интернет, особено оние што најмалку расудуваат и се најранливи – тоа се најмалите. Како што веќе кажав, интернетот, иако претставува моќен ресурс за учење и развој, истовремено носи со себе значителни ризици за младите.
Ризиците со кои се сретнуваме во онлајн-светот се од различна природа, кибербулинг – која ни е исклучително важна тема затоа што има огромно влијание врз психофизичкото здравје на сите поединци особено на децата. Децата се на удар и на over usage, односно претерано користење на технологијата, и затоа повторно ќе напоменам, интензивно ќе работиме на едукација како да ја искористиме максимално технологијата и да ја извадиме единствено придобивката што ни го нуди, да научиме да ја користиме одговорно и безбедно.
Ќе вклучиме професионалци, наставници, родители, луѓе од различни возрасти и инфлуенсери како креатори на онлајн-содржини, со цел да се едуцираме за безбедно однесување во дигиталниот свет. Ќе учиме како да ги заштитиме нашите податоци, безбедно да купуваме и, секако, ќе посветиме внимание и на безбедното -онлајн-состанување, кое станува атрактивно место за остварување контакти меѓу младите.
Препознавање на лажни вести (fake news) e тема на која исто така ќе се посветиме со цел препознавање на лажни вести, нивно ширење и на кибербезбедноста воопшто.
Да резимирам, го вклучуваме алармот за сите закани и опасности што произлегуваат од користењето на социјалните мрежи, бидејќи тие претставуваат сериозна закана за нашите деца. Веќе имаме примери во регионот каде што се воведуваат забрани за одредени платформи. Наша задача е да ги научиме децата како да се заштитат.
Свeсни за овие ризици и потребата од постојана едукација, ја воведовме програмата „Интернетот не е само игра… Кликај безбедно“, која е одобрена и поддржана од Министерството за образование и наука. Имено, учениците од четврто одделение се нашите соговорници и учесници, на кои се обраќаме на оваа тема. Предавањата се одржуваат од страна на наши колеги, кои по пат на волонтаризам се вклучени во програмата. Целта на проектот е едукација на учениците за подобро и паметно користење интернет, како да се заштитат од можни опасности при користењето интернет и социјални мрежи, како и подигнување на свеста на пошироката јавност за етичко и одговорно однесување при користењето интернет.
Особено е интересно колку децата се технолошки писмени. Активно учествуваат, кажуваат ситуации и поставуваат прашања што дополнително нè уверуваат во исправноста на оваа наша едукативна мисија. Од досегашните предавања, забележуваме дека речиси 99% од децата знаат што е интернет. Најголемиот број од нив интернетот го користат за игри и забава, што е и логична појдовна точка за едукација, бидејќи токму во тие содржини децата можат да се сретнат и со првите опасности онлајн.
Децата се бескрајно љубопитни и секогаш во потрага по откривање на нови хоризонти интересни за нив и од особена важност за нивното континуирано учење и надградба, но интернетот е место каде што постојат потенцијални опасности, доколку не се користи претпазливо. Уште еднаш ќе повторам, наша задача е да им обезбедиме безбедна онлајн-средина.
Затоа, како и досега, но со уште поголем интензитет и фокус, А1 ќе се стреми да создаде безбедно и одговорно дигитално опкружување за младите, обезбедувајќи им ресурси за безбедно и свесно користење на интернетот.
Кибернасилството и говорот на омраза се сериозни проблеми на денешницата. Дали А1 Македонија планира да развие специфични алатки или програми за превенција од кибернасилството?
Веќе потенцирав дека кибербулингот и говорот на омраза се сериозна закана за нас и за нашите деца. Застрашувачки е колку е брз порастот на кибербулингот. Последните истражувања покажуваат дека нашите деца поминуваат минимум шест часа на интернет, а секое шесто дете е жртва на кибербулинг — ова однесување е еднакво кај момчињата и девојчињата.
Оттука, секој осми тинејџер, приближно 12%, некогаш малтретирал некого на интернет. Застрашувачки е порастот на насилството во земјата и во регионот, што само ја потенцира потребата да разговараме со нашите деца и да ги научиме како да се однесуваат и што да направат во периодот кога се онлајн, за да останат безбедни на интернет.
Она што им се случува онлајн, се рефлектира и офлајн. Ќе работиме со стручни лица кои ќе ни помогнат да стигнеме до сите целни групи. Ќе иницираме пријавување на каков вид било насилство и интензивно ќе работиме на спречување на говорот на омраза, кој се шири многу полесно зад анонимноста на интернет.
Ние, како компанија што нуди интернет, сме медиум преку кој стручните лица можат да ни помогнат да зборуваме гласно на оваа тема и да овозможиме подобар онлајн-свет за сите.
Кибербулингот е само еден од предизвиците со кои се справуваат адолесцентите, а карактеристично за него е што се случува 24 часа, надвор од училиштата, додека гледаат телевизија, ручаат со својата фамилија или играат со пријателите. Со оглед на тоа што сè повеќе време се поминува на интернет, потребна е итна реакција од родителите, учителите, инфлуенсерите и политичарите. Сите што имаме какво било влијание врз нашите деца активно треба да се вклучиме во решавањето на овие проблеми.
Не е тајна дека кибербулингот може да го наруши животот на младите и нивните семејства, а има многу случаи каде што завршува со сериозни последици. Затоа, многу е важно да разговараме со нашите деца и да им овозможиме максимална едукација за користење на технологијата и присуството во онлајн-светот. Заклучокот и на СЗО е дека се потребни брзи и сеопфатни потези во кои ќе бидат вклучени различни старосни групи, во комбинација со политики и програми што потенцираат потреба од емпатија и почит помеѓу адолесцентите.
Оттука, како компанија, ја препознаваме потребата и ја носиме одговорноста да помогнеме во создавањето на #подобаронлајн. Имаме сериозен временски план на активности со кои ќе ја зголемиме важноста на добро однесување на интернет, ќе едуцираме како да препознаеме дете кое е жртва на врсничко насилство и ќе ја потенцираме важноста за пријава на врсничко насилство. Дефинитивно, ќе работиме на тоа да се разјасни што е насилство, бидејќи верувам дека голем број од „насилниците“ не се ни свесни дека се креатори на криминален чин.
Безбедноста во онлајн-игрите е сè позначајна тема, особено за младите гејмери. Со оглед на зголемената свест во гејминг-заедницата, кои чекори можат да се преземат за заштита на гејмерите од онлајн-булинг?
Безбедноста во онлајн-игрите сè повеќе е важна, особено со оглед на зголемената свест во гејминг-заедницата за потенцијалните опасности, како што е онлајн-булингот. Со оглед на тоа што младите гејмери често се изложени на оваа опасност, потребни се различни чекори за заштита и создавање на безбедно дигитално опкружување. Како организатори на A1 Game Fest и нашата блиска соработка со гејмерската заедница, сфативме дека, често, гејмерите вложуваат прекумерно време и енергија во виртуелниот свет, грижејќи се за својот анимиран карактер повеќе отколку за сопственото здравје. Затоа го креиравме #ГејмајОдговорно како едукативен формат за сите е-атлети и родители на е-атлети. Со нашата иницијатива #ГејмајОдговорно, сакаме да ја зголемиме свеста за можните последици од прекумерно гејмање и да ги советуваме гејмерите како да создадат здрави навики.
Сметам дека наша одговорност како компанија е да се вклучат во овие напори преку партнерства за развој на безбедносни алатки, како и кампањи за подигнување на свеста за важноста на безбедноста во онлајн-игри. Преку својата инфраструктура и платформите, тие можат да овозможат заштита и да создадат услови за фер и позитивни игри.
Соработката меѓу компаниите, невладините организации и институциите може да ја засили интернет-безбедноста. Работите ли на партнерства со локални, невладини или државни институции за промовирање на интернет-безбедноста и дигиталната писменост?
Го разбираме нашето влијание како компанија врз општеството и заедницата и затоа ја гледаме нашата улога во поширок контекст. Свесни сме за значајноста на трипартитните соработки меѓу компании, невладин сектор и институции што се клучни за промовирање на интернет-безбедноста и дигиталната писменост. Кибербулинг, како серозен проблем, има длабок и негативен ефект врз децата и младите и затоа е исклучително важно да се реализираат иницијативи што ќе го адресираат овој предизвик. Ја поздравуваме идејата на Министерството за дигитална трансформација за преземената иницијатива и активности на оваа тема и горди сме на почетокот на нашата соработка во поддршка на проектот MKSafeNet – Центар за безбеден интернет како идно тело за превенција од онлајн-насилство што е значаен чекор напред во создавањето на безбедна онлајн-средина. Оваа иницијатива не само што треба да помогне во превенцијата на онлајн-насилството туку и ќе промовира одговорно користење на дигиталните технологии, придонесувајќи кон целокупниот развој на свеста во заедницата.
На важно место за нас е и соработката со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), што претставува одличен пример за синергија меѓу академските и корпоративните институции. Во моментов сме на почетокот од креирањето на голема иницијатива и веруваме дека нејзината реализација ќе придонесе за развој и напредок на оваа општествено корисна тема и за создавање на подобро информирано општество.
Кои се стратешките приоритети на компанијата А1 Македонија за следната година, во контекст на едукацијата и унапредувањето на безбедносните стандарди во дигиталниот свет?
Во последно време, како во нашата земја, така и во регионот, се забележуваат загрижувачки случувања поврзани со кибербулинг и насилство. Младите се соочуваат со зголемен број случаи на онлајн-малтретирање, што често доведува до сериозни психолошки последици. Социјалните мрежи и дигиталните платформи често се изворот за ширење дезинформации и негативни коментари, што дополнително ги зголемува тензиите и стресот меѓу корисниците. А најмногу ги афектира нашите најмлади.
Во овој контекст, за жал, забраната на одредени платформи не нуди трајно решение за проблемите со кибербулинг и насилство. Наместо тоа, потребно е да се фокусираме на едукација и превенција. Охрабрувањето на отворен дијалог меѓу младите, родителите и наставниците е клучно за создавање на позитивна култура на почитување и разбирање. Овие иницијативи не само што ќе го намалат негативното поведение туку и ќе ја подобрат општата клима во онлајн-заедниците.
Во таа насока, ние, како компанија, продолжуваме со засилено темпо во спроведување проекти за едукација и развој на програми што ќе стигнат до сите возрасни групи. Важно е да се осигуриме дека луѓето, без оглед на нивната возраст, имаат пристап до информации што ќе им помогнат да се движат безбедно и одговорно во онлајн-просторот. Нашите проекти, насочени на едукација, играат клучна улога во заштита на интернет-корисниците од потенцијални опасности, но и во развојот на етичко однесување.
Насоките за паметно користење на интернетот, емпатијата и почитувањето на другите се од витално значење. Новите платформи треба да понудат не само технички совети за заштита од закани туку и морални и етички упатства, кои ќе помогнат во создавањето на позитивна интернет-култура. Со овој проект, нашата цел е да создадеме поволно опкружување за сите учесници во интернет-просторот.
Технологијата ни носи добро само ако ја користиме одговорно. Нашата задача е со сите напори да ја потенцираме важноста за одговорно користење на технологијата со цел создавање на подобар онлајн-свет за сите.
Промените во корисничките навики се показател за успешноста на една кампања. Кои промени во навиките на корисниците сакате да ги постигнете за да се подобри безбедноста во онлајн-просторот?
Забрзано и креативно пристапуваме кон сите целни групи за да ја подобриме безбедноста во онлајн-просторот и да поттикнеме промени во навиките на корисниците. Она што би сакале да постигнеме е обучени корисници кои сами и навреме ќе знаат да препознаат сомнителни активности на интернет и ќе се воздржат од откривање лични податоци на сомнителни интернет-страници или преку електронска пошта. Би ја постигнале целта кога би забележале подобрување на дигиталната етика и емпатија или промена на навиките што вклучуваат одговорно однесување и избегнување омраза, малтретирање и ширење лажни информации.
На крајот, би сакала да заклучам дека со континуирана едукација, сите заедно ќе постигнеме позитивно влијание на корисниците и ќе помогнеме во изградба на одговорно и емпатично општество во интернет-просторот. Успешната промена на навиките на корисниците ќе обезбеди посигурно онлајн-опкружување за сите. А кога сите ќе сносиме одговорност за нашите постапки за интернет, ќе овозможиме безбедно опкружување за сите, особено за нашите најмали.
Проф. д-р Иван Чорбев, Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство
Како универзитетски професор, ја истакнувам клучната улога на соработката меѓу академската заедница и реалниот сектор во справувањето со предизвиците од кибернасилството, особено кибербулингот. Овој феномен негативно влијае не само врз психолошкото здравје на младите туку и врз нивниот потенцијал за развој во дигиталната средина.
Образованието има централна улога во подготовката на идните генерации за безбедно и одговорно користење на технологијата. А1 Македонија е одличен пример за проактивен партнер, со посветеност кон корпоративната општествена одговорност и иницијативи за подигнување на свеста за кибербулингот. Во соработка со нив, развиваме програми за превенција и интервенција што ги опремуваат студентите со практични знаења и вештини за справување со кибернасилството, додека ги поттикнуваат да бидат активни промотори на позитивни промени во дигиталната средина.
Со зајакната соработка меѓу универзитетот и А1 Македонија, можеме да создадеме побезбедна и инклузивна дигитална средина, каде што младите ќе се развиваат без страв од насилство. Заедно, можеме да изградиме иднина што ги почитува различностите и поттикнува конструктивен дијалог
.