MINYA Film i Animacija е независна хрватска продукциска куќа, специјализирана за создавање висококвалитетни анимирани содржини, филмови и телевизиски програми. Основана е од креативната продуцентка Миљана Драгичевиќ, која има долгогодишно искуство во областа на анимацијата и меѓународните копродукции.
Драгичевиќ е копродуцентка на македонскиот анимиран филм „Лефти и Рајти си најдоа дом“.
„Со Македонија досега сум работела на повеќе проекти и од тие соработки секогаш произлегувале добри филмови и прекрасни пријателства. Драго ми е што сум дел од проектот „Лефти и Рајти“, кој, иако е дебитантски филм, има приказна што ветува и која веднаш ја препознавме.“
Соработката со македонски автори и продуценти за неа не е новост. Таа посочува дека Хрватска има мошне развиена сцена на анимиран филм.
„Хрватскиот аудиовизуелен центар редовно издвојува посебен буџет за анимирани филмови, а во Загреб се одржува и Анимафест, еден од најзначајните и најреномираните фестивали на анимиран филм во светот, со долгогодишна традиција и силна меѓународна програма.“


Според Драгичевиќ, во Македонија постои простор за значително поголем развој на анимираниот филм, а меѓународните соработки можат да бидат еден од клучните начини за негово унапредување.
„За овој жанр дополнително да се развива, анимираниот филм треба да биде застапен како редовна категорија во сите релевантни конкурси. Потребна е и поголема разновидност во однос на возрасните групи за кои се наменети филмовите, како и на поджанровите.“
„Лефти и Рајти си најдоа дом“ е македонски анимиран филм во фаза на продукција. Покрај поддршката од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, проектот доби поддршка и од Хрватскиот аудиовизуелен центар. Премиерата на филмот се очекува да се одржи во Скопје кон крајот на ноември.
Драгичевиќ деновиве е гостинка на Флипбук филм фестивал, каде што учествува со анимираниот филм „Во трњето нема ѕвезди“ („Sky of Thorns“) на авторките Антонија Клариќ и Луна Стрмотиќ, во продукција на MINYA Film i Animacija.




