Зад секој бренд што го сакаме и препознаваме, стои приказна за еден човек кој во вистинскиот момент решил да го вложи своето искуство во нешто сопствено. За Влатко Казанџиски, сопственик и директор на маркетинг агенцијата People Media, патот во светот на медиумите и рекламирањето започнува рано, но неговата суштина останува иста низ сите 28 години професионално созревање: искреноста и емоцијата се оние кои создаваат трајна доверба.
По повод десетгодишниот јубилеј на People Media: агенција која зад себе има голем број успешни кампањи, пионерски инфлуенсер-проекти и незаборавни културни настани, со Влатко разговараме за еволуцијата на маркетингот, за моќта на автентичноста, за минимализмот како животна естетика и за тоа што навистина значи да се остави сопствен белег во време на брзи информации.
Создавањето сопствена компанија често е и процес на лично созревање, во кој амбициите се среќаваат со одговорноста. Како ве промени искуството да изградите нешто свое?
Процесот на лично созревање и преземање одговорност кај мене започна многу рано — уште од мојата седумнаесетта година и беше поинтензивен отколку кај голем дел од мојата генерација. Рано научив дека зад секоја одлука стои одговорност и дека ништо не доаѓа само по себе.
Минувајќи низ сите фази во светот на медиумите, адвертајзингот и рекламирањето во голем број домашни и меѓународни маркетинг агенции, од почетнички позиции до високи раководни функции, кај мене се роди порив, желба и професионален предизвик: сè она што сум го научил низ годините да го вложам во создавање нешто свое и да оставам сопствен белег во македонската рекламна индустрија, каде што го поминав најголемиот дел од мојот професионален живот.
Можам да кажам дека најголемата промена не е само во тоа што успеав да изградам сопствена маркетинг агенција „Пипл Медиа“, препознатлива по својот уникатен пристап и посветеност, туку и во тоа што изградив поинаков однос кон себе, кон работата, колегите, клиентите и општо кон луѓето. На крајот, најголемата вредност на тоа што го создаваш не е само во неговото постоење, туку во трагата што ја оставаш зад себе.
Маркетингот може да го привлече вниманието, но вистинскиот предизвик е тоа внимание да прерасне во доверба и одлука за купување. Што, според вашето искуство, најчесто пресудува еден човек да избере одреден бренд?
Брендот не се избира само според тоа што го нуди, туку според емоцијата и искуството што успева да ги создаде.
Процесот на донесување одлука при купување на одреден бредн или призвод се менува од ден на ден. Како човек кој е 28 години во светот на маркетинг и адвертајзинг индустријата во земјава и регинот, можам слободно да кажам дека секоја генерација има свои различни извори и канали на информирање и секако рекламирање. Тоа бара нови и уникатни начини да се стигне до потенцијалните купувачи, следачи или, стручно кажано, до својата ниша.
Денес информацијата е моментална и достапна насекаде. Затоа, според мене, магијата не е во тоа само да бидеш видлив, туку да бидеш препознаен. За тоа се потребни оригиналност, автентичност и искреност – вистински тон и вистинска емоција во вистинскиот момент. На крајот, луѓето можеби го забележуваат брендот по рекламата, но го избираат по чувството и емоцијата што им го остава.


Купувачите денес имаат повеќе информации, поголем избор и простор јавно да го изразат своето мислење. Која промена во нивните навики најмногу го преобликува вашиот пристап кон маркетингот?
Дефинтивно тоа се дигиталните канали и социјалните мрежи.
Гледајки во изминативе 30тина години потребите на секоја генерација се генерално исти, но секако од временска дистанца можам да кажам дека изворите на информации се многу поголеми, поразновидни, побрзи и подостапни, во споредба со минатото. Информацијата се добива СЕГА и ВЕДНАШ.
Токму тука е и најголемиот предизвик, но и магијата на денешниот маркетинг: како на одредена целна група да ѝ кажете нешто уникатно, свое и вистинито.
Денес не е доволно само да бидете присутни. Нашиот најголем предизвик во денешно време е како да ги одбереме точните и вистинските канали за комуникации, на кои би пристапиле кон нашите целни групи или потрошувачи, а при тоа да го задржиме нивното внимание и интерес.
Зад секој бренд од вашето портфолио стојат различна приказна, публика и деловен предизвик. Која соработка ви донесе највредна лекција за тоа што навистина создава врска меѓу брендот и луѓето?
Оваа година славиме 10 години од работењето на нашата маркетинг и адвертајзинг агенција „Пипл Медиа“. Работејќи за над 50 брендови од земјава и регионот, можам да кажам дека зад секој проект и бренд сме имале максимална и уникатна посветеност, која секогаш дава мерливи позитивни резултати.
Како најоригинална соработка, каде што најдобро се гледа таа поврзаност меѓу брендот и луѓето во изминатите 10 години, би ги издвоил сите кампањи за брендовите BU, STR8, Carroten, Bioten и Fino. Бидејќи станува збор за различни брендови, различни целни групи, период на користење и канали на комуникација, за секој од нив имавме најуникатен пристап на комуникација и рекламирање.
Најгорди сме на тоа што бевме пионери-основоположници во инфлуенсер маркетингот за комерцијални брендови во Македонија, креирајќи ја првата комерцијална кампања за брендот BU во 2016 година и изборот за лице на годината.
Исто така, „Пипл Медиа“ беше коорганизатор на предпремиерата и премиерите во Македонија на сите концерти од проектот „МАКЕДОНИССИМО ДОМА“ во 2022 година, на маестро Симон Трпчески и пријателите.
Како дел од организацијата на Светското првенство во Хип-хоп во 2024 година, кое се одржа во Македонија и на кое учествуваа 5.020 учесници од 35 земји во светот, заедно со танцовото студио „Break a Leg“ освоивме 3 награди на најголемиот натпревар во адвертајзинг индустријата во Македонија — БЕАМ (Гранд При на годината, Најдобар спортски настан и Најдобар културен настан за 2024 година).
Во последниве 4 години, исто така сме дел од организацијата на сите меѓународни конгреси и работилници на Македонското здружение на медицински сестри по анестезија, реанимација и интензивно лекување — МЗМАСИРИН. На овие настани успеваме да ги собереме сите медицински сестри од државното и приватното здравство од земјава и регионот, каде што преку стручни презентации и работилници се прикажуваат најновите достигнувања и практични случаи при третманот на најтешките пациенти.
Една од соработките на кои сум искрено многу горд е и нашиот огромен придонес во успешната реализација и организација на историскиот концерт на нашиот изведувач на македонски народни песни, Влатко Миладиноски, во распродадениот СЦ „Борис Трајковски“ во декември 2025 година.


Личниот стил се препознава во начинот на кој се облекуваме, разговараме, го уредуваме просторот и ги правиме секојдневните избори. Во што најјасно се огледа вашето чувство за естетика?
Се стремам кон минимализам — изразување комплексни идеи на едноставен и прецизен начин, без излишни зборови и непотребна „галама“.
Мојата естетика е динамична и се менува во зависност од контекстот. Таа може да биде аналитичка и остра кога се бараат факти, или топла, природна и слоевита кога разговараме за идеи и креативни теми.
Но, секако, личниот стил и естетиката се отсликуваат и во секој проект што сме го работеле, без разлика дали е голем или мал. Таму најдобро се гледа таа естетика, каде што инсистираме да го оставиме нашиот уникатен потпис на посветеност.
Со годините подобро се запознаваме себеси, но некои средби и искуства умеат да ги преиспитаат и нашите најцврсти уверувања. Кога последен пат се изненадивте од сопствената подготвеност да пробате нешто ново?
Секојдневно. Сите што добро ме познаваат, ме знаат како природен и искусен човек од медиумската и адвертајзинг индустријата. Но, тоа понекогаш создава зона на комфор која не остава доволно простор за креативност или за осознавање на новитетите што ги носи современиот комуникациски свет.
Во нашата професија (маркетинг и адвертајзинг) реално нема исти денови ниту исти проекти. Доколку ги повторуваме или копираме работите, тогаш е само прашање на време кога ќе бидеме заменети или заборавени. Секој нов проект или бренд е нов ден и нова приказна, а целите на брендовите не се секогаш исти.
На секој нов предизвик му се посветуваме максимално — како на новороденче или на ново другарче во училиште. Токму тоа ја прави нашата професија толку интересна и несекојдневна.
Во секојдневие исполнето со рокови и очекувања, слободното време лесно станува уште една обврска што треба добро да се организира. Како изгледа ден во кој си дозволувате да не постигнете ништо, а сепак да се чувствувате исполнето?
Тоа дефинитивно е денот кога патувам со семејството на некое ново место, за кое немам никакви очекувања, ниту претходни информации.
Но во последно време најмногу се чувствувам исполенто кога заедно со ќерка ми патуваме на сите нејзини натпревари, работилници, семинари по хип хоп и модерни танци низ Европа.
Со искуството се менуваат и мерилата според кои го проценуваме сопствениот живот. Што денес за вас значи да бидете успешен човек?
Да се разбуди човек жив и здрав и да го почне денот со очи и гради широко отворени.




