Да се остават сите сигурни рамки на секојдневието: стабилните работни места, училишните клупи и рутината во градинката, за да се тргне во потполна неизвесност, бара храброст што ретко кој одлучува да ја покаже. Но, за ова четиричлено семејство, чекањето на „идеалниот момент“ заврши оној миг кога сфатија дека вистинското време за живеење на соништата е сега.
Со спакувани куфери и отворени срца, тие го заменуваат секојдневието во Норвешка со деветмесечно патување низ седум земји и два континенти. Наместо класични училишни клупи, нивна училница стануваат плажите, авионите, прашумите и древните храмови, додека секој нов град носи своја лекција за културата, прифаќањето и прилагодувањето.
Преку својот инстаграм профил Семејство на пат, тие ја прикажуваат реалната, искрена страна на номадскиот живот со деца: од неочекувани тропски болести и вулкански ерупции, до пронаоѓањето на вистинскиот луксуз во мали, секојдневни моменти.
Во ова интервју Славица Савеска- Кењереш, ни открива како изгледа кога светот ќе ти стане училница, како постојаната заедништво ја продлабочува семејната врска и зошто поимот „дом“ повеќе не е само конкретна адреса, туку чувство што го носат со себе каде и да се наоѓаат.
Одлуката да ги ставите на пауза работата, училиштето и градинката и да тргнете на долго семејно патување е храбра и неконвенционална. Кој беше моментот кога сфативте дека оваа идеја навистина може да стане реалност?
Кога пресековме и рековме, одиме. Ништо не можеше да се реализира доколку не бевме решени просто да „скокнеме“ во авантурата и да видиме каде ќе нѐ однесе. Како идеја ја имавме долго време, но сфативме дека никогаш нема да биде сѐ идеално поклопено за да може да се реализира. Двајцата бевме во работни односи, малечката ќерка беше навикната на градинката и другарчињата, големата ќерка беше задоволна со школото… Идеално време не беше, но ние мислевме поинаку. Ако не сега, тогаш кога? И одговорот беше едноставен – тогаш го правиме сега.
Од сегашна гледна точка, мислам дека не можевме да донесеме подобра одлука од таа. Сега кога веќе се вративме на секојдневието во Норвешка, одново им се навраќаме и ги уживаме сите авантури од нашето деветмесечно патување. Бескрајно многу спомени, бесценети лекции за животот и време поминато заедно што е најголемата придобивка.






Патувањето со деца не е само запознавање нови места, туку и средба со различни култури, навики и вредности. Како забележувате дека ова искуство го менува нивниот поглед кон светот?
Различностите со кои се среќаваме кога патуваме, е најголемата лекција за животот. Видовме и почувствувавме како други народи живеат и функционираат, се запознавме со нивните културолошки карактеристики, бевме опкружени со нови јазици, јадевме храна која е несвојствена за нашето секојдневно мени дома, учевме и живеевме опкружени со религии за кои претходно имавме само читано.
Сето ова не направи и нас возрасните, а и децата отворени за различностите, храбри во погледите на светот, снаодливи во секојдневните мали и големи предизвици. Ни сруши предрасуди кои не бевме ни свесни дека ги имаме.
Како изгледаше образованието на вашата ќерка додека бевте на пат и на кој начин се грижевте да продолжи да учи?
Петтоодделенката имаше една година училиште различно од тоа на кое беше навикната. Па ете и ние, родителите, добивме уште една улога во секојдневието, зашто ние бевме одговорни за нејзиното образование.
Се водевме од теми кои беа дел од наставната програма за нејзиното одделение, но ја имавме слободата да го прилагодиме учењето како што нам ни одговара и сметаме дека е добро. Одредени работи ги учеше класично, на лист хартија со молив и гума во рака, а други ги учевме преку искуство.
А учевме секаде – во авион, во автобус, на брод, на плажа, во зоолошка, во шума, во музеј, во религиозен храм… Учеше, а и ние со неа насекаде. Светот беше нашата училишна клупа.






Зад фотографиите од прекрасните дестинации сигурно се кријат и бројни организациски, финансиски и емотивни предизвици. Кој дел од ваквиот начин на живот се покажа како најтежок?
Голем дел од организацијата беше направен уште пред да тргнеме. Ние отсекогаш сме биле едни од оние семејства кои го имаат букирано одморот најмалку пола година однапред. За едно вакво патување од 9 месеци и посета на 7 земји, беше некако предодредено голем дел од летовите и сместувањата да бидат резервирани уште порано.
Сепак мислам дека она што беше најтешко, се сите оние непредвидливи предизвици, за кои не можеш да бидеш никогаш целосно подготвен. На пример кога ќерките беа болни во Тајланд, а ретко кој дури и од докторите зборуваше англиски, кога сместувањето во Виетнам не беше ни одблизу слично на идиличните слики кога резервиравме, кога имаше ерупција на вулкан во Филипини, а ние бевме сместени на малечок остров во близина, и за крај кога изби војната во Иран, што ги избриша од опција голем дел од воздушните линии па ние не бевме сигурни ни дали ќе можеме да се вратиме накај Европа.


Постојаното заедничко време може силно да ги зближи членовите на едно семејство, но и да ги стави нивните односи на искушение. Што научивте едни за други во текот на патувањето?
Најмногу се изненадив дека не си се здодеавме. Имав некоја мисла дека децата после неколку месеци ќе се „наситат“ од тоа да сме постојано со и околу нив и дека ќе имаат потреба да се одвојат од нас.
Но, за мое големо изненадување, тоа не се случи. Токму напротив, мислам дека на патувањето изградивме уште поголема поврзаност. Цели 6 месеци во Азија бевме постојано заедно и уживавме да бидеме заедно! Ова го сметам за најголемиот подарок кој си го дарувавме како семејство.
На социјалните мрежи ја споделувате убавината на патувањето, но и неговата реална страна. Колку ви е важно зад привлечните фотографии да ја прикажете и секојдневната динамика на едно семејство на пат?
Окото сака да гледа убави работи и сигурно тоа е психолошкиот момент што придонесува поголемиот дел од содржината која се сервира на социјалните медиуми да биде наместена, нашминкана, луксузна.
Според мене луксузот не е само лет во бизнис класа, хотел од 5 ѕвезди, лимузина и поглед од rooftop. Јас секој ден се чувствував дека сме благословени со луксузен живот. Луксуз беше да доручкуваме во локалното ресторанче на улица во Виетнам, луксуз беа сите насмевки и мали знаци на внимание кои ги добивавме во Тајланд, луксуз беа приватните „недопрени“ плажи во Малезија, луксуз беше да се шета покрај бескрајните оризови полиња во Индонезија, луксуз беше и бесцелно да се гледа во кристално чистата океанска вода на Филипини, луксуз беше да се јаде паеља од продавница на плажа во Шпанија.
Тоа сакам јас да го кажам и прикажам преку нашиот профил „Семејство на пат“. Луксузот има многу форми, мириси и вкусови.
По сите земји, луѓе и искуства што досега беа дел од вашето патување, дали поимот „дом“ за вас сѐ уште означува конкретно место или сега има сосема поинакво значење?
Клише или не, дом е таму каде што сме ние четворица. Имавме многу „домови“ изминатиот период. Посетивме 7 земји на два континенти, доживеавме секојдневие во 23 градови и острови, отспавме во 26 сместувања и ниту еднаш не се почувствувавме небезбедно.
Баш напротив, после неколку денови секогаш ни се населуваше чувството дека: „Е, сега сме веќе локалци“. Не бевме туристи, бевме патувачи.




