Даниел Николовски е дизајнер на мебел и ентериер роден во Македонија, чијашто работа е позната по учеството на Париската недела на дизајн, Саемот на мебел во Милано, „Офсајт онлајн“ во Њујорк, како и Виенската недела на дизајн. Во неговата работа секогаш има приказна и порака и се карактеризира преку скулптурална геометрија и менување пропорции со богат опус на материјали, штофови и ткаенини користени и во модната индустрија. Неговите парчиња мебел се објавени во светските познати магазини „Ел“, „Мери Клер“, „АД“ и „Њујорк тајмс“.
Работите во Милано како дизајнер на мебел, но имате работено и живеено во Верона и студирано во Лондон. Колку градовите каде што живеете ви даваат инспирација за работа, на пример вашите дизајни според бруталистичките споменици во Скопје?
Градовите и урбаниот живот се во голем дел од моите дизајни. На пример, изминатиов период во Милано на изложбите доминираа претежно јаки примарни и секундарни бои и тоа ме инспирираше да излезам од комфорната зона и да почнам да имплементирам појаки бои во моите дизајни. Градовите се симбол на постојана промена и тоа ме мотивира секое дело да биде различно од претходното. Секој град има посебна аура што знае да ме привлече и инспирацијата често знае да не е ни поврзана со уметност, архитектура или дизајн и може да дојде од метежот на улиците или длабока конверзација со пријател.
Зошто дизајн на мебел, од каде потекнува желбата и како почнавте?
По професија сум дизајнер на ентериер, но почнав со дизајн на мебел пред три години кога бев повикан во Верона да дизајнирам колекција на мебел за брендот „Кабинет“ (kabinet.it). Соработката со столари и артизани што специјализираат во различни техники на обработка и материјали ме натера да сфатам дека овој занает е вистинска уметност и, згора на тоа, функционална. Современиот мебел е интердисциплинарен и отворен за интерпретација, дозволува да раскажеш идеја преку форма и материја.
Кои се вашите последни дизајни и што претставуваат? На што работите моментално?
Периодов работев на неколку продукти паралелно што ги подготвував за Milan Design Week 2022. Името на колекцијата е „Room: Multiply“ и ја разгледувам можноста како преку модуларен мебел да се достигне бесконечна соба. Еден од продуктите е модуларна софа што лесно се спојува и се одвојува и доаѓа во штоф од волна со доминантни бои. Друг продукт е модуларен параван што се состои од заоблени дрвени панели фурнирани со јавор, што овозможува да се трансформира во скулптурални форми во ентериерот.
Како изгледа процесот на изработка? Како почнувате, со кои материјали најмногу сакате да работите?
Најчесто почнувам со типологија на мебелот и оттаму почнувам да истражувам. На пример, еден од моите продукти, „Bunny Table“, почна со идејата дека сакав да направам претенка масичка, што ќе има елемент на поп- и постмодернизам. Разгледував иконски симболи во поп-културата и како можам да ги имплементирам во една масичка што ќе даде точка на разиграност во ентериерот. По фазата на дизајн, почнав да истражувам можности за продукција и материјали, каде што дојдов до идејата да искористам огледален челик од два милиметра за парчето не само да изгледа претенко туку и да може да исчезне во просторот.
Вашите дизајни раскажуваат приказна. Па, според тоа, колку сметате дека е важно парчето што го дизајнирате да кажува нешто само по себе, да биде препознаено по нешто уникатно?
Приказната и пораката се голем дел од мојата работа и потекнуваат од две места: допирливите работи што секојдневно ги среќавам/гледам и недопирливиот надреалистички свет. Сакам да го претставам чувството што го добивам кога набљудувам, допирам и создавам. На пример, „Bounce Armchair“ е фотелја што не е тапацирана и се гледа внатрешноста што се крие пред да се додаде крајниот слој (штофот). Идејата е да се соблече и да се покаже внатрешноста што се крие и кои се чекорите да се дојде до еден елемент што го користиме секојдневно. Нарацијата најмногу кажува кога е кажана индиректно, а преку дизајнот може да се овозможи тоа.
Што ви е најважно во работата како дизајнер и од кои дизајнери или правци се инспирирате?
Да се биде дизајнер може да значи неколку работи, моето истражување е најмногу околу тоа како дизајнот влијае на психологијата на еден човек. Дали просторот и продуктите во него нè инспирираат? Која е пораката зад нив? Од современи дизајнери се инспирирам од Демна Гвасалија, Макс Лемб, Валерио Олгијати.
Како изгледаше вашата последна изложба и што беше фокусот?
Последната изложба е инфлуенсирана од седумдесеттите години на 20 век со футуристички твист. Разгледував простории за социјализирање и дружба и пробав тоа да го имплементирам преку една мини-колекција што се состои од пет парчиња. Носталгична атмосфера, јаки бои, модуларен мебел, огледални површини, топлина, се дел од карактеристиките во колекцијата, претставена преку сценографија што личи на салон презентирана првпат на Milan Design Week 2022.