Дина Јашари е еден од најинтересните ликови и еден од најубавите гласови кои во последно време се појавиле на македонската музичка сцена. Девојка која со многу љубов и желба работи на секоја своја песна и на секој свој настап. Токму поради тоа, таа е нашата приказна од насловната страница, како позитивен пример дека секој вложен труд и преголема желба даваат големи резултати.
Веќе неколку години сте дел од нашата музичка сцена, како млада, надежна поп-пејачка. Како се одвиваше вашиот пат од девојка вљубена во музиката до сериозен автор и изведувач?
Процесот се случуваше многу природно и спонтано. Најпрвин, благодарна сум им на моите дома што не само што ми вршеле никакви притисоци туку од нив ја добив најголемата поддршка кога се одлучив да се занимавам со музика. Музиката отсекогаш имала голем удел во моето секојдневие, како мала постојано слушавме музика со татко ми, тој ми ја стекна таа навика постојано да барам и да си симнувам нова музика. Во основно школо, под влијание на наставникот по музичко, научив да свирам на мандола, па се вклучив во мандолинскиот оркестар во МКЦ. Свирењето инструмент ми отвори нови перспективи во музиката, па така почнав сама да учам да свирам гитара и да пеам. Во текот на средното образование музиката ми беше хоби. Во гимназијата „Корчагин“ се организираа мјузикли, свирки, претстави и слични настани, па нормално, јас бев секаде каде што имаше потреба од музика и многу уживав во тоа (не го правев за да бегам од часови). Тој период почнав да создавам музика и пеев придружни вокали во бендот „Ај Кју“. Некако, сè ме водеше кон тоа целосно да ѝ се посветам на музиката. И го направив тоа. Сега сум студент на Факултетот за музичка уметност во Скопје, насока популарни жанрови, а надвор од тоа продуцирам своја музика. Запознав прекрасни луѓе, колеги од кои имам многу што да научам и со кои денес заедно свириме концерти. Нема поголема радост од концерт со авторска музика.
Кој дел од процесот на создавање на една песна најмногу ве исполнува и ве предизвикува?
За секоја песна процесот е различен, немам конкретна формула или шема. Текстовите се инспирирани од животни настани и од секојдневни ситуации. Сè што ми се чини интересно го запишувам во „notes“ или го снимам на телефон. Потоа, најдобрите стихови ги одбирам и ги запишувам во мојата специјална розова тетратка што ја користам само за таа намена. Во мојата музика текстот и вокалот се во преден план, па така оттаму почнува сè. Во процесот на создавање на една песна имам едно правило според кое се водам – ако песната звучи убаво само со еден инструмент и вокал, убава ќе биде и со минимален аранжман. Интуицијата и слухот ми се најверни пријатели кога е на ред продуцирањето (аранжирањето). Никогаш не знам колку време ќе ми биде потребно за да завршам една песна, некогаш ја завршувам во неколку часа, некогаш ми се потребни месеци. Секако, тука е и Драги Иванов да ме надополни и да ме извади од „луп“ кога сум заглавена, а и техничките работи како снимање, микс и мастер му ги препуштам нему. Секој дел од создавањето на една песна си има свои убавини, ама, еве, ако треба да издвојам еден, тоа би било кога комбинирам различни инструменти, бои на звуци, зборови и гласови и некогаш ненамерно добивам нешто магично. Е, тие моменти ми се омилени!
Светските музички ѕвезди имаат голема влијателност и милионски аудиториум, па затоа во последно време ги користат своите платформи за општо добро. Која е вашата порака до вашата публика?
Хејли Вилијамс во едно интервју има кажано дека искреноста и наивноста ти прават оклоп. Ќе се изненадиш колку реакциите на луѓето ќе бидат спротивни од тоа што очекуваш, ќе се изненадиш колку луѓе ќе се поврзат со тебе, ако си ги откриеш раните. Па, во духот на целото лудило што се случува периодов, мојата порака е: „Кога си тажен, направи нешто од тагата, запиши ја, за радоста што ќе дојде да биде уште поголема“.
Што за вас претставува слобода на изразување и колку ја имате во вашето секојдневие?
Во ова време слободата на изразување е многу достапна поради социјалните мрежи. Со еден пост на социјалните мрежи, на „Фејсбук“, „Инстаграм“, „Твитер“, многу лесно можеш да испратиш порака до повеќе луѓе, што во исто време е опасно, бидејќи кој било може да испрати каква било порака. Социјалните мрежи треба свесно да ги користиме за да правиме позитивни промени. Покрај социјалните мрежи, секогаш постои и уметноста како медиум да се направи истото.
Која е Дина кога не е на сцена, кои се вашите желби, стравови, ставови?
Кога не сум на сцената и кога сè е нормално, многу сакам да се дружам, да пијам кафе, да возам велосипед, да шетам во природа, да галам мачки, да гледам серии и филмови, да слушам музика, да одам на концерти и на филмски фестивали и други слични работи. Моја најголема желба е да ме радува тоа што го работам и да сум меѓу луѓе кои ги сакам и кои ме сакаат, а стравувам да не се случи спротивното.