Постоењето на бендот „Реприза“ започна во 2017 година, кога тројца млади слободоумци почнаа да создаваат музика заедно. Започна со препевање на стари македонски заборавени рефрени. Од сезона на сезона репeртоарот се менуваше и менуваше, се настапуваше многу често, сè додека сето тоа не здодеа. Малата пауза на активност кај нив создаде нешто ново. Нешто во кое максимално може да се вложи креативност, односно моментот кога почнаа да се вклопуваат мелодии, текстови, хармонии и да се создава своја авторска музика. Прва песна и авантурата започнува. Во август годинава беше премиерата на нивната прва песна „Иста слика“, а видеото беше промовирано пред неколку дена.
Моментално бендот работи целосно на своја музика. Посветен е на модерната популарна музика на денешницата и спојува елементи од повеќе жанрови во своите дела.