Поразговаравме со Димитар Тодоровски – Дими, Огнен Стојаноски и Петар Стојаноски, тројцата иницијатори зад неформалното културно движење „Млади за Скопје“ чии два настани досега се одржаа во октомври и ноември во Старата скопска чаршија, а третиот ќе се одржи на 20.12. Млади уметници и бендови се дел од програмата со цел да се претстави поинаков дух на Скопје, жеден за нови културни зачетоци.
Како ја добивте идејата за „Млади за Скопје“? Како изгледаа почетоците?
„Млади за Скопје“ како идеја се создаде во 2016 година. Претходно нашата екипа направи 3 изданија на фестивалот „Алтернативно Скопје“ (2014-2016) и решивме дека еднаш годишно ни е малку да организираме настани, па сакавме секој месец да правиме по еден настан. Но, „Млади за Скопје“ излезе многу повеќе од само организација на настани, поради бројот на млади што се вклучи во идејата/иницијативата станавме неформално културно движење. Најтешко нешто е да се смени менталитетот на народот, а мнозинството од нашиот народ нема никаков културен код освен кодот на турбофолкот со кој е индоктриниран од 80-тите па наваму, се со цел одделни соседни држави да остваруваат културно влијание во Македонија. Ние сакаме да создадеме автентична македонска култура, која ќе биде карактеристична за нас како народ, која пред сè ќе почива на западни вредности – затоа почетоците беа прилично тешки, но полека почнуваат нашите идеи да продираат до сè повеќе млади луѓе.
И самите правите рок- свирки и со години се обидувате да ја размрдате рок – сцената. Какво искуство имате од досегашната работа, што ви е најголем предизвик?
Не сме музичари J. Од искуството од досегашната работа научивме дека има непресушен извор од младинска побарувачка за култура. Сфативме дека на нашите настани или на настаните кои ги организира МКЦ сме запознале само паметни луѓе кои се воспитани и имаат осет за култура кој е поразличен од мнозинството. Затоа, првично нашиот проект е наменет за тие млади луѓе, а доколку и други луѓе се приклучат и почнат да ги споделуваат нашите културни идеи и идеали тоа ќе биде уште подобро.
Оваа година „Млади за Скопје“ епизода 2 се одржа во пандемски услови но сепак тоа не ве спречи да подготвите квалитетна програма. Како сте задоволни од организацијата во карантин и од самите настани?
Од оваа година покрај настаните започнавме да правиме и емисии во кои артистите даваат свои интервјуа и искажуваат свои погледи општеството во кое што живееме и нивната работа како уметници/музичари. И првиот настан во октомври и вториот во ноември се оддржаа во Старата скопска чаршија во услови на пандемија. Стресно искуство за нас како организатори, бидејќи протоколите се строги и целата одговорност паѓа на нас. Но, со трудољубивост и со паметно планирање успеавме да ги воспоставиме сите протоколи и нашите настани поминаа најсигурно и најбезбедно што може. Интересно е што и во услови на оваа тешка пандемија, капацитетите на настаните на двата настани беа исполнети дури и 30 минути до 1 час пред самите настани да почнат. Тоа е доказ дека младината тежнее по култура, но е и доказ дека сме се нашле со публиката на половина пат т.е. дека она што ние го создаваме како емисии/настани – тие сакаат да го консумираат.
Што научивте годинава и колку сметате дека младите кај нас се подготвени да бидат креативни и слободни во изразување на сопствените желби и ставови дури и во време на изолација?
Научивме дека младите се во тешка колективна траума и дека тешко ќе биде после сите овие шокови од пандемијата психички не само младите, туку и сите луѓе да се оправат. Како што на нашите предци им било тешко за време на светските војни, така сега на сите луѓе од целиот свет ни е тешко во оваа ситуација која во овој момент изгледа дека никогаш нема да заврши.
Имавте статус на Инстаграм во однос на активирање на младината но и за родово базирано насилство. Што треба да се смени кај нас за конечно овие две прашања да добијат вистинско значење и да бидат слушнати од сите, а не само од поединци?
Доколку се смени тоа што е најтешко, а тоа е менување на менталитетот и на (не)културните навики веруваме дека многу работи ќе се подобрат. Останување во ваква состојба во која владее шундот, тоа и понатаму ќе произведува општествени девијантни појави меѓу кои е и родовото насилство. Доколку сите тие девијантни појави се казнуваат и се санкционираат, тоа ќе го спречи мотивирањето за да се продолжи со тие активности во иднина. Но, доколку селективно се казнува, тогаш тоа нема да го реши проблемот туку повеќе ќе го продлабочи. Правна држава и правен систем кој ќе важи еднакво за сите е решението за огромен број на поблеми кои се наталожени во Македонија.
Колку треба младите да бидат вклучени според вас во креирањето на политики во заедницата?
Младите не се искусни за да создаваат политики ниту пак треба од толку рана возраст да се политички активни, меѓутоа доколку младите се сплотат и се согласат кон определени идеи или културни вредности и цврсто ќе застанат позади тие позиции – тогаш, политичарите многу посериозно ќе се впуштат во исполнување на нивните аспирации. Ако се создаде критична маса од 80 до 100 илјади млади луѓе која знае што сака, огромен број на работи во нашето општество ќе се сменат набрзо во блиска иднина, но и во далечна иднина, затоа што тие млади ќе станат возрасни интелектуалци кои многу ќе можат да придонесат во сите полиња од нашето општество.