Доаѓа периодот на добропознатите празнични филмови и наслови кои со години ги знаeме како „Сам Дома“, „Божиќ со Кренкови“, „Елф“, „Одморот“, „Љубов, всушност“… Иако дел од овие популарни филмови се одлични и во посакуваниот Christmas spirit, доколку сте љубители на празнични филмови, а сакате да погледнете нешто постаро, ви предлагаме пет класици кои се безвременски.
А Christmas Carol (1951)
Книгата од Чарлс Дикенс има безброј филмски верзии, но оваа верзија од 1951 година се смета за најдобра. Познатиот викторијански бизнисмен Ибенизер Скруџ го глуми Аластар Сим, а режисер на филмот е Брајан Дезмонд Херст. Приказната ја знаеме сите, Скруџ, кој го мрази празничниот период, на Бадник го посетуваат тројца духови, на минатото, сегашноста и иднината, со цел да се врати неговата верба во Божиќ.
Miracle on 34th Street (1947)
Оваа верзија е од 1947 година, а се работи за еден стар човек по име Крис Крингл (Едмунд Гвен) кој го заменува ликот на Дедо Мраз на годишната парада за Денот на благодарноста организирана од стоковната куќа „Мејси“. Тој ќе биде толку уверлив во својот костим и ќе се здобие со популарност па ќе стане регуларна маска во стоковната куќа на Менхетен. Кога ќе почне да ги убедува купувачите и вработените дека тој е навистина Дедо Мраз тоа ќе води до судски спор за да се утврди неговото ментално здравје и уште поважно, неговата автентичност.
Meet me in St. Louis (1944)
Прекрасната Џуди Гарланд глуми во овој класичен романтичен мјузикл што се фокусира на четири сестри за време на саемот во Ст. Луис во 1904 година. Приказната се врти околу нивното учење за како да се снајдат во светот, вклучувајќи во љубовта, животот. На крајот љубовта победува проследена со песни, танцување, музика и неверојатни костуми.
It’s a Wonderful Life (1946)
Во овој класичен божиќен филм од 1946 година на кој сите сме наишле во некој период, глуми Џејмс Стјуарт во улогата на разочараниот Џорџ Бејли кој поради многу проблеми одлучува да си го одземе животот. На Бадник пред да скокне од мост, го спасува неговиот ангел чувар Кларенс кој потоа му покажува на Џорџ како би изгледал неговиот град доколку тој и неговите добри дела не постоеле никогаш.
The Shop Around the Corner (1940)
Алфред Кралик (Џејмс Стјуарт) и Клара Новак (Маргарет Салаван) се вработени продавница за кожа во Будимпешта. Алфред и Клара постојано се расправаат и воопшто не се согласуваат на работа. Во исто време и двајцата се допишуваат постојано со тајни пријатели кои никогаш не ги запознале, ги знаат само преку писмата, и почнуваат да се заљубуваат во нив. Тоа што не знаат е кои се навистина нивните тајни пријатели.