Секој месец има нова магична состојка, режим или метод што конечно работи. Оваа сезона е да не јадеш ништо во точно определен прозорец од 16 часа. Претходната беше детокс со сокови. Пред неа, комбинирање на намирници строго според некаков редослед.
Алгоритамот на социјалните мрежи не бомбардира со нови “научни” информации. Ги читаме, ги пробуваме, ги споделуваме меѓу себе. Секоја носи ветување дека токму таа е разликата, дека сите претходни едноставно не биле вистинскиот метод, а овој ќе биде.
А за повеќето луѓе, резултатот е ист. Неколку недели ентузијазам, дисциплина, можеби дури и видлив резултат на вагата. Потоа враќање на старите навики, честопати и неколку килограми повеќе отколку на почетокот. Колку пати повторно разочарување?
Зошто плановите не функционираат
“Дали добивам план за исхрана?”
Ова е најчестото прашање кое го добивам од луѓето кои размислуваат или штотуку почнале со нутриционистичко советување.
Секако дека прашуваат. Плановите за исхрана се одамна стандард во индустријата за фитнес и нутриционизам. Тренерите се учат да ги создаваат. Клиентите се учат да ги очекуваат.
За жал: повеќето планови за исхрана не функционираат.
Традиционалните планови се прецизни прописи: јади токму ова, во токму оваа количина, во токму ова време. Штом се обидеме да следиме такви строги правила, обично се случува едно од следниве сценарија:
Сценарио 1. Едноставно не го следиш планот. Колку и да си ентузијастичен на почетокот, строгите планови се тешки за следење. Ова е нормално. Животот го прави своето. Работата, децата, непредвидените состаноци го менуваат распоредот секој ден, а строгиот план не остава простор за тоа. Дури и ако си платил некој да ти го направи планот, можеш да се најдеш во тивка или не толку тивка побуна против него.
Сценарио 2. Го следиш планот премногу добро. Планот се следи прецизно, но телото на крајот се побунува. Кратка забрана може да се издржи. Долгорочна рестрикција честопати завршува со циклус на прејадување или изгубен интерес за исхрана воопшто.
Сценарио 3. Го следиш некое време, но ти е досадно. Секој оброк одмерен, секој грам избројан, до точка кога јадењето веќе престанува да биде уживање и станува задача.
Проблемот лежи во планот, не во човекот што се обидува да го следи.
Има и втор проблем, можеби уште поголем. Традиционалните планови зборуваат за нутриенти, грамови протеини, калории, макроси. Но луѓето не јадат нутриенти. Јадеме тавче гравче, пита, скара и салата со пријатели, супа со колегите на пауза, сендвич набрзина пред работа. Тешко е да се мери прецизно, а всушност и не треба.
Токму затоа во REGULA не работиме со планови за исхрана во тој класичен смисол. Работиме по методологијата на Precision Nutrition, еден од водечките системи за исхрана и коучинг во светот, развиван повеќе од 20 години и применет кај над 150.000 луѓе. Јас сум сертифициран нутриционистички коуч според оваа методологија (PN1-NC). Нејзината суштина е фокус на исхраната и прилагодување во реален живот, не на идеални услови на хартија.
Што всушност функционира
Наместо да прашуваш дали еден оброк е добар или лош, замисли спектар. Секој оброк може да биде малку подобар од претходниот, не бараме совршеност веднаш. Не си прави притисок дека се мора да биде идеално.
Практично, тоа значи следново. Ако вообичаено јадеш брзо и без размислување, првиот чекор не е целосна промена на исхраната преку ноќ, туку нешто помало: седни на маса наместо да јадеш во движење или на нога во кујна.
Ако вечерата секогаш е случајна, зависна од тоа што има во фрижидер во моментот, првиот чекор е да имаш готов извор на протеин однапред, за да не мора секој пат одново да решаваш под притисок на глад. Ако најчесто јадеш надвор, првиот чекор не е да избегнуваш ресторани, провери го во менито и избери пред да седнеш на маса, наместо да нарачаш под притисок на глад и мирис на храна од кујната. Планирај.
Малите промени, повторени доследно недела по недела, траат подолго од секоја строга диета. Бараат единствено да бидат одржливи во твојот секојдневен живот.
Следниот пат кога ќе наидеш на нова “магична” диета, запрашај се дали е нешто што реално можеш да го правиш секој ден, со работа, семејство и сето она непредвидено што животот го носи.
Се читаме повторно за две недели.




