Љубовта, границите, стравот, историското паметење и местото на литературата во денешниот свет беа темите за кои писатели од регионот говореа на отворањето на 14. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан синоќа во Музеј на град Скопје. На отворањето беа претставени седум писатели од регионот и пошироко, меѓу кои и годинашниот добитник на наградата „Прозарт”, српскиот писател Драган Великиќ – еден од најзначајните, најпреведуваните и најпрепознатливите современи српски писатели.
Гостите ги поздрави Дејан Трајкоски, основач на фестивалот, а разговорите со писателите ги водеа Александар Прокопиев и Ермис Лафазановски.





Годинашната фестивалска програма ја сочинуваат автори чии дела се преведени на бројни јазици, но и длабоко вкоренети во своите култури – албанската писателка Дијана Чули, бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара, британскиот филмски автор и продуцент Мајк Дауни, српската писателка Христина Радовиќ Андриќ како и домашниот писател Блаже Миневски.
Албанската писателка Дијана Чули се осврна на своите два романи кои извираат од вистински настани. Нејзиниот прв роман е напишан според вистинска случка од минатото – љубовна приказна меѓу двајца партизани, за која многу се зборувало во Албанија.
– Благодарност до организаторите да се сретнеме на ваков важен фестивал. Пред падот на Берлинскиот зид не се познававме едни со други, но потоа се запознавме подобро, и тоа е тема на мојот втор роман. Преку едно убиство што се бара низ целиот наш Балкан сакав да покажам колку малку работи нè делат и колку добро се разбираме и сакаме кога седиме сите заедно без да ни пречат други политички влијанија – рече Чули.




Писателката од Албанија, која преведува од италијански и француски јазик, истакна дека тоа влијание се гледа и во нејзиниот сопствен стил.
Бугарскиот писател и сценарист Николај Терзијски, чиј трет роман „Ѕвезди под клепките” беше преведен на македонски јазик во 2025 година во издание на „Три”, изрази благодарност што по втор пат е во Скопје благодарение на своите книги и творештво.
– „Ѕвезди под клепките” започна со еден тежок момент за мене, кога го изгубив татко ми. Јас решив да ја раскажам љубовната приказна на мајка ми и татко ми. Ама, кога почнав да пишувам, ми дојде да развијам три различни љубовни приказни и ги сместив во 1940-тите, во 1980-тите и во 2020 година. И секоја претходна ја измислува следната. Кога ќе ги затвориме очите, под клепките, гледаме светови, сите ние создаваме светови низ творештвото. Кој е вистинскиот свет – тоа прашање им го поставувам на читателите – рече Терзијски.
Тој се наврати и на потеклото на своето авторско име за блогот кој го води од 2014 година.
– Кога почнував да пишувам, направив една страница на интернет која се викаше „Терзилаци”. Тоа е асоцијација со кроењето, но во себе носи и нешто од терзаењето – нешто што те мачи однатре и мораш да го раскажеш, инаку нема да можеш да живееш. И јас така се чувствувам – рече тој.
За добитникот на наградата „Прозарт” 2026, српскиот писател Драган Великиќ, зборуваше проф. д-р Александар Прокопиев, колега на Великиќ од студентските денови, кој истакна дека уште од првата книга на Великиќ било јасно дека се работи за автентичен книжевен свет, и потсети дека двајцата, како студенти, го обожавале писателот Данило Киш.
– Јас не сум скромен човек, ама ми е незгодно како ме претстави Прокопиев, колега од факултет – рече со насмевка Великиќ, повикувајќи се на Бодлеровата мисла дека „инспирацијата е сестра на секојдневната работа“.
Тој отвори увид во сопствениот процес на пишување, откривајќи ја строгоста кон себе и бавното темпо со кое создава.
– Тешко ми е да кажам како наоѓам инспирација. Пишувам споро – за две години пишувам педесет страници. Не дозволувам баналност. Цела палата се руши, а јас сум строг кон себе и мислам дека секоја моја книга треба да ја прочитам барем сто пати. Преводот е последна лектура – рече тој.
На прашањето како го чувствува духот на времето, Великиќ одговори:
– Сè што се случи во нашиот регион влијаеше на нас. Да не беше таа војна, јас ќе пишував поразлично. Во последните романи се бавам со секојдневието… се радувам кога можам да го извлечам текстот што сум го напишал.
Словенечката романсиерка Габриела Бабник Уатара говореше за својот роман „Сушна доба”, преведен на дваесетина јазици, меѓу кои и на јазиците на Мали и Буркина Фасо, земји со петстогодишна книжевна традиција.
– Тоа е љубовен роман, а е и антирасистички. Читајќи го романот, многу луѓе ќе се прашаат зошто јас пишувам за африканската култура – рече Бабник Уатара.




Британско-ирскиот филмски автор, продуцент и писател Мајк Дауни, автор на романот „Истарско црно” – втор дел од трилогијата „Три бои Истра”, по светскиот бестселер „Истарското злато” – зборуваше за темата на своето ново дело.
– Тоа е роман со доста политички импликации. Тема на трилогијата е омразата. Доаѓам од антифашистичко семејство, и имајќи предвид дека фашизмот е многу во подем, тоа беше мојата побуда. И сега сакам да користам хумор и да им дадам достоинство – рече Дауни, кој е познат продуцент поврзан со домашната кинематографија преку филмовите „Пред дождот” и „Караула”, како и со многу други малцински копродукции, меѓу кои и „Устав на Република Хрватска“, којшто ќе се прикаже в среда (16 септемви) во Кинотека.
Тој заврши со порака на надеж:
– Она што се случува денеска во Ирска ми дава надеж за човештвото – дека е можно едни остри непријатели од југот и северот да се помират. Можно е светот да се промени во догледно време, ако не изгориме од глобалното затоплување.
Писателот Блаже Миневски зборуваше за својот роман посветен на љубовта на Гоце Делчев, откривајќи дека идејата созревала две децении.
– Ја истражував љубовта на Гоце како новинар и мислев дека може да стане проза, да се раскаже низ чувствата… Тој и дал аманет на Јанка да се вери со неговиот пријател, само ако се родат некакви чувства. И од историска, таа книга излезе приказна за чувствата. Историчарите не се бават со чувствата, така што нека не бараат историски факти во мојот роман – рече Миневски.
Тој се осврна и на позицијата на книжевностите на малите јазици во меѓународниот книжевен простор, посочувајќи дека обично помалите издавачки куќи ги објавуваат домашните автори надвор од земјата.
Писателката Христина Радовиќ Андриќ зборуваше за својот прв роман „Арјачкиње барјачкиње, кого ќе изберете”, кој излезе од печат лани.
– Книгата е многу интимна и не е работена со предумисла, оти не ми беше целта да напишам книга за жени или за односот со мајка ми. Книгата е за животот и односите во моето семејство, архетипни мажи и жени – мажот е тој кој низ акција станува херој, додека жената и нејзината вредност се прикажани низ пасивност, дека жената мора да трпи. Книгата излезе од некоја моја потреба да ја артикулирам болката која постојано ја ставав настрана. Како да сум се плашела да ги оджалам моите предци. Сакав да покажам колку смрт може да се случи во животот на една жена – рече таа.

Денеска на програмата на фестивалот се неколку настани. Утрото е предвидена средба на деца со писателката Зиновија Василејади. Во 13.30 часот учесниците на програмата „Скопје фелоушип“ ќе се сретнат со претставници на Македонската асоцијација на издавачи во Europe House, додека вечерта од 20 часот на истата локација ќе се одржи тркалезна маса на тема „Иднината што не знаеме да ја замислиме“. Ќе учествуваат гостите писатели, а модератор е Владимир Јанковски.
Влезот за вечерните настани е слободен. Дневните настани се наменети за професионалци од областа на издаваштвото.
Организатор на интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е издавачката куќа „Прозарт медиа“ од Скопје. Поддржувачи на „ПРО-ЗА Балкан“ се: Министерството за култура и туризам, „Традуки“, Делегација на Европската Унија и Europe House, Амбасада на Грција, Културно-информативен центар на Бугарија во Скопје, Амбасада на Словенија, Кинотека, Музеј на град Скопје и Умно.мк.




