Тужба за утврдување на дискриминација во учебникот „Основи на персонологија 2“ од проф. д-р Благоја Јанаков, што се користи во наставната програма на Филозофскиот Факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје поднесе невладината Коалиција Маргини заедно со Мрежата за заштита од дискриминација, врз основа на новиот закон за спречување и заштита од дискриминација.
„Обвинување на жените за зголемениот број на разводи, осуда на прекинувањето на бременост и квалификување на истополовите партнерства како забеганост, се само дел од вознемирувачка содржина што бараме да биде отстранета и заменета со научно заснована содржина што е во чекор со современата научна мисла. Институциите имаат обврска да обезбедат образование насочено кон целосен развој на личноста и кон зајакнување и почитување на човековите слободи и права, поради што мора да биде ослободено од сите форми на дискриминација.
По неколку обиди да го привлечеме вниманието на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, на Филозофскиот Факултет и на авторите на спорните учебници кои се дел од наставната програма на оваа единица, и да побараме повлекување на спорните содржини, наидовме на отпор и игнорирање на нашите барања. Дополнително, споменатиот автор на учебникот е веќе професор во пензија, но неговите спорни учебници сѐ уште се користат во наставата на овој факултет“, се вели во соопштението од Маргини.
Коалицијата Маргини, заедно со партнерските организации од Мрежата за заштита од дискриминација, подолго од една декада работи на елиминирање на дискриминирачките содржини во учебниците кои содржат невистни, научно незасновани ставови преку кои се одржуваат родовите предрасуди и стереотипи и се вознемируваат луѓето со различна сексуална ориентација и родов идентитет.
„Идентификуваваме повеќе од 20 учебника во сите нивоа на образование што содржат дискриминирачка содржина, најчесто врз основа на род, сексуална ориентација, родов идентиет и здравствен статус, а по наша иницијатва дел од овие учебници беа отстранети. Сепак, останува фактот дека образовните програми и материјали сé уште се полни со содржини што создаваат и одржуваат понижувачка и непријателска средина за жените, сексуалните и родовите малцинства“, информираат од Маргини.
На потребата од измена на наставните материјали уште во 2011 година укажа и Европската комисија во Извештајот за напредокот на државата, но досега малку е направено за елиминирање на дискриминацијата во образованието.
Поради ова, Коалицијата Маргини и Мрежата за заштита од дискриминација ја инфомира јавноста дека, покрај судската постапка, започнуваат и со серија активности за подигнување на свеста на стручната и општата јавност за потребата од реформи во образованието со кои ќе се обезбеди квалитет во знаењата, напредок во науката и создавање нови генерации на вистински професионалци кои во својата професија ќе се водат од фактите, а не од предрасудите.
Во прилог прочитајте дел од содржината во учебникот.