Тијана Стојковска е студент на постдипломски студии на Архитектонскиот факултет во Скопје, и моментално во последната фаза од студиите – изработка на магистерски труд. Во слободно време создава дигитални колажи и илустрации со главен фокус на македонската архитектура со доза на надреализам.
„Љубовта кон нашата архитектура и нејзиното вреднување особено го развивив за време на студиите, но истовремено почнав и да забележувам се повеќе дека луѓето не ја ценат доволно македонската архитектура и не се доволно запознаени со истата. Како резултат на моето карантинско затворање дома и вишокот креативност почнав да ги создавам овие колажи и илустрации со цел да направам некој свој мал придонес за прикажувањето и запознавањето со македонската архитектура.“, вели Тијана.
За еден уметник да твори е најважно… постојано да ја истражува и предизвикува својата имагинација и да пронајде свој индивидуален начин како да ја реинтерпретира. Но потрагата на свој израз не е краен резултат тоа е процес кој постојано подлежи на нови промени, предизвици, учење нови нешта, испробување нови техники и тестирање на своите способности.
Инспирација и мотиви за колажи и илустраци наоѓам во… сè што ме опкружува – архитектурата, природата, небото, водата. Во секојдневиот живот што се одвива насекаде по улиците, парковите, терасите на зградите, како и во филмовите и книгите.
Мојата уметност би ја опишала како… спој на реализмот и надреализмот. Реалното се градбите кои ги црпам од нашиот богат архитектонски опус, а надреалното е околината во која ги вметнувам.
Најмногу сакам да илустрирам… градби од македонската традиционална, бруталистичка и споменична архитектура.
Преку илустрациите и колажите сакам да пренесам… дека архитектурата која нè опкружува и градбите кои ги гледаме секојдневно, а некогаш не ги ни забележуваме имаат своја видлива но и скриена убавина, величественост и многу поголема вредност од онаа која им се препишува. Дека сите треба да ги препознаеме како маестрални и уникатни дела кои го обликуваат лицето на градот, и да не дозволиме да исчезнат и да се претопат во современиот живот.
Македонска архитектура и колажи бидејќи… ние како народ ретко умееме да го цениме тоа што го имаме. Обично ни треба некој друг да ни ги отвори очите и да ни ја укаже вредноста на она што е наше, без разлика дали се работи за архитектурата, уметноста, музиката и низа други работи… баш поради тоа и сакав да ја претставам македонската архитектура во сосема поинакво светло, преку надреални колажи. Со поставувањето на една градба, без разлика дали е од традиционалната македонска архитектура или бруталистичката архитектура, во нереална околина, сосема поинаква атмосфера пробувам да ја истакнам нејзината грандиозност и посебност.
Илустрација што досега ми била најголем предизвик… па всушност сите се предизвик сами по себе, не би можела да издвојам една. Најмногу од аспект што тоа што сум го замислила некогаш не можам да го реализирам на вистинскиот начин. Тука стапува на сцена испробувањето различни концепти, варијанти и техники и крајниот резултат може да излезе и подобар од тоа што првенствено сум го замислила.
Во слободно време сакам… да творам. Со оглед на големиот број на обврски што ги имам во последно време, слободното време ми е реткост. Па затоа сакам да го искористам за нешто креативно, дали ќе се тоа колажи, илустрации, слободорачни цртежи или пак пишување поезија. Исто така обожувам да читам книги и сум голем филмски љубител. Кај мене слободното време секогаш е максимално искористено.
Најдобрата позитивна критика што сум ја добила.. дека сум упорна и во сè што работам несебично се давам себе и својата креативност и затоа резултатот е секогаш позитивен.
А негативна… дека сум голем перфекционист и тоа ме успорува, па ми треба многу време да завршам било што. Но во секое лошо има нешто добро, па ако тоа што го работиш ти треба повеќе време да го завршиш, крајниот резултат секогаш ќе биде подобар ако му се посвети повеќе внимание.
За време на карантинот научив… колку е важно да имаш здрава врска со самиот себе. Додека целиот свет е на пауза и се реорганизира ни се укажа уникатна можност да се насочиме кон личниот раст и развој, да научиме нешто ново, да бидеме креативни, да се радуваме на малите нешта и пред сè да научиме да уживаме во сопственото друштво.