Битола беше домаќин на едно од најавтентичните и најживи независни културни случувања годинава. „Женски Земјотрес“, специјалното издание на фестивалот „Земјотрес“, низ три различни простори и три различни формати донесе музика, разговори, идеи и енергија што ретко се случуваат на едно место.
Фестивалот започна со дневен matinee настан во Café Tigre, каде што публиката, низ музичкиот сет на NastasyaKish, разговори и опуштена атмосфера, полека влезе во ритамот на фестивалот. Во ревитализираниот индустриски објект, Café Tigre создава современ урбан простор што нуди добра атмосфера, забава и локални производи, а специјално за „Женски Земјотрес“ беше „облечен“ во боите на фестивалот. Дневното музичко matinee беше одличен вовед во програмата што следеше.
Во Кино „Браќа Манаки“ се одржа дискусијата „Женски гласови во независната музичка сцена“, модерирана од Виолета Качакова, со учество на Дина Јашари, Марија Каева, Елена Васова и Теодора Василевиќ. Наместо класична панел-дискусија, разговорот отвори повеќе теми поврзани со позицијата на жените во музиката и независната сцена, нивната видливост, предизвиците што професијата ги носи во личниот простор, потребата постојано да се докажуваш во нови и постојни средини, но и важноста на соработката, солидарноста и меѓусебната поддршка помеѓу сцената и публиката.





Една од значајните поенти што произлезе од разговорот беше дека независната музичка сцена носи посебни предизвици, но и став во кој авторството и автентичноста се поважни од трендовите и алгоритмите. Во таков простор, без разлика на родовата припадност, доколку се работи насочено, посветено и професионално, постои можност за развој и создавање квалитетна музика и сцена.
Фестивалот кулминираше со вечерниот концерт во Пациото на Завод и Музеј Битола, каде што под отворено небо настапија дел од најистакнатите и најинтересни македонски музичарки и претставнички на независната сцена, заедно со своите бендови и музички соработници. Настапите на АТА, Дина Јашари, Prince$$ Donatsu, Елена Васова и Корка создадоа моќна и музички издржана атмосфера на европски niche фестивал, во совршениот амбиент на овој прекрасен културен споменик. Со нова авторска музика, свежи изданија и професионална сценска изведба, „Женски Земјотрес Битола“ покажа дел од квалитетот со кој изобилува домашната независна сцена, овојпат преку нејзините женски гласови.
Со „Женски Земјотрес“, Битола доби фестивал што не се обидува да биде масовен по секоја цена, туку внимателно гради сцена, публика и културен простор во кој музиката, разговорот и заедницата функционираат заедно.





