Лажните вести се како магнет на социјалните мрежи, се шират многу брзо и најчесто тешко е да бидат сопрени пред да допрат до голем број на луѓе. Особено дојдоа до израз лажните вести периодов откако почна пандемијата со коронавирусот. Често можеа да се прочитаат лажни бројки, теории на заговор, манипулативни информации кои беа далеку од фактите и предизвикаа само паника. Ситуацијата ескалираше до тој степен што од Фејсбук неодамна детектирале дека такви „фарми на тролови“ кои доаѓаат од Македонија и Филипините ширеле дезинформации од интернет страницата „Natural News“, по што од компанијата Фесјбук ги отстранила за спамирање и несоодветно однесување. Овие „фарми на тролови“ од Македонија не се за прв пат споменати сега, туку станаа актуелни во светот по велешката група на млади кои ширеа лажни вести во периодот кога во САД се бираше претседателот Доналд Трамп во 2016 година. Иако ширењето лажни вести е казниво со закон сепак тоа не ги спречува тие што шират дезинформации и лажни вести да допрат глобално до голем број на луѓе. Затоа е важно во вакви неизвесни времиња кога потрагата по лајкови и шерови стана „поголема и повредна“ од вистинската информација, правилно да се едуцираме и информираме за да препознаеме кога една информација е лажна. За таа цел, а и за спречување на ширењето на дезинформации како и поголема свесност за правилната работа на медиумите, поразговаравме со уредници и новинари кои во текот на својата работа вршеле, истражувања и анализи, се труделе да внесат позитивни промени и да ги едуцираат граѓаните и се бореле против ширењето на дезинформациите.
Чадот некогаш намерно, вештачки се создава за да предизвика разгорување
Гоце Трпковски, новинар во БИРН
Борбата со дезинформации и со лажни вести е исклучително тешка, затоа што тие се базираат на празноверие или на претпоставки што се земаат здраво за готово, а информациите се базираат на факти што треба да се утврдат. Не е воопшто едноставно да се разубеди некој што решил да поверува во некоја неточна или манипулативна информација. Разбивањето теории на заговор, на пример, како таа дека коронавирусот се шири преку 5Г мрежа, е речиси невозможно, бидејќи треба да читате научни трудови, а сè што некој на интернет треба да каже за да ве „демантира“ е дека „научниците лажат и се платени за тоа“. Но теориите на заговор и онака се прифатени само од помал број луѓе. Многу позагрижувачки лажни вести се манипулациите со реални информации, како таа дека на семејства на починати во болниците им нуделе пари за да ги впишат дека починале од корона, односно за „државата да исполни одредена квота на починати за да добива некаква помош“. За нас што работиме во светот на информирањето тоа е тотална бесмислица бидејќи веднаш размислуваме аналитички – не постои таква помош, изворот на информации е „на сосетката тетка и имала братучед што имал колега на кој роднините му кажале…“ итн. Но изненадувачки е колку луѓе веруваат во тоа. Се водат од изреката дека „кај што има чад има и оган“, иако на интернетот тоа не е така. Чадот некогаш намерно, вештачки се создава за да предизвика разгорување. Многу почесто треба да се користи дека „сè што лета не се јаде“. Еднаш дури се објави име и презиме на човек што наводно починал без корона, па семејството примило пари за да го пишат како починат од болеста. На тој што го напишал тоа, се што му требало е да измисли име и презиме и да добие илјадници споделувања на информацијата. На сервисите што проверуваат факти им требаше да чукнат на многу врати, поточно во случајов да завртат многу телефони, за да утврдат дека таков пациент воопшто не бил примен никаде во Скопје, а камоли да починал и да му ја лажирале причината за смртта.
Мислам дека еден од клучните елементи во борбата со лажните вести, освен докажувањето дека се лажни, е утврдувањето на изворите. Тоа е нешто во што јас сум многу почесто вклучен. Каква било манипулативна информација да излезе веднаш гледам кој портал ја објавува, дали е познато неговото сопствеништво или не, дали може да се утврди на поинакви начини кој стои зад него, на пример преку тоа кои профили на социјалните мрежи ги шират неговите информации, кој ги промовира итн. Понекогаш на тој начин се утврдуваат мрежи што организирано функционираат, и се откриваат мотивите (политички или други) зад ширењето на манипулативните информации.
Сè повеќе млади покажуваат интерес да ги проверуваат наводите
Ивана Митровска, новинарка во ПИНА – Платформа за истражувачко новинарство и анализи
Луѓето со месеци живеат во страв од коронавирусот, а стравот е идеален за ширење на дезинформации. Страв од помислата дека ќе се разболат, страв дека ќе останат без работа и неизвесност дали оваа криза ќе ги врати нашите стари навики и услови за функционирање. Сите овие стравови се оправдани и поради тоа луѓето постојано бараат информации кои може да ги направат поспокојни или да им дадат подетална слика за тоа што се случува. Одредени медиуми ја користат состојбата и без никаква одговорност објавуваат непроверени бројки, состојби и теории.
Платформата за истражувачко новинарство и анализи ПИНА веќе неколку години се занимава со оваа тема. Публиката покажа голем интерес на дебатата „Македонија и феноменот за лажните вести“ на првото издание на Истражувачкиот филмски фестивал кој за прв пат го организиравме во 2017 година и ни покажа дека иако секој има различно видување за тоа што е вистина, сепак многумина сме обединети во желбата да ја пронајдеме. Следната година мотото на фестивалот беше насловено „Вистината, лагите и лајковите“ и ја разгледуваше вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата која кулуминира во дигиталниот 21 век.
Ние постојано ги преиспитуваме и анализираме трендовите во медиумската сфера, особено оние кои се значајни за медиумската писменост и информираноста на младите. Иако има и лоши примери, она што нè радува е дека сè повеќе млади покажуваат интерес да ги проверуваат наводите пред да ги споделат на социјалните медиуми, се интересираат да дознаат повеќе, да ги преиспитуваат наметнатите авторитети во медиумите, да побараат самите извори и покажуваат висока свест за проверка на информациите.
Во моментов граѓаните добиваат многу повеќе дезинформации отколку вистински квалитетни информации
Сашка Цветковска, главнa и одговорнa уредничка на Истражувачка репортерска лабораторија ИРЛ
Кога ја формиравме Истражувачката репортерска лабораторија се запрашавме дали е важно што работиме така важна и одговорна работа како откривање организиран криминал и корупција ако граѓаните имаат многу ниска доверба во медиумите. Сте потрошиле месеци и месеци макотрпна истражувачка работа и сфаќате дека вие и некој што креира дезинформации или објавува селективни информации во интерес на некоја структура на моќ, реално исто им се фаќате на граѓаните. Моравме паралелно да работиме и на друг процес за воопшто да добиеме и шанса нашата работа да има влијание да изврши позитивни промени.
Здружението „Истражувачка репортерска лабораторија – ИРЛ – Скопје“ има за цел да го зголеми влијанието и да работи на враќање на довербата во слободното новинарство и така да им помогне на граѓаните да дојдат до точни и релевантни информации за состојбите во сферата на корупцијата, криминалот и владеењето на правото и преку интер-дисциплинарна соработка со академската заедница, технолошките експерти и корисниците на социјални мрежи.
Еден од механизмите како го правиме ова, е со тоа што решивме да истражуваме кој ги создава лажните вести, пропагандните наративи и кој стои позади овие цели скапи фабрики чија што цел е да влеат недоверба во медиумите и во институциите. Паралелно со ова, работиме на зголемување на квалитетното новинарство бидејќи во моментов граѓаните добиваат многу повеќе дезинформации отколку вистински квалитетни информации. Граѓаните мора да побараат заедно со новинарите и квалитет од новинарите и транспарентност од нас медиумите.
За да се заштитат граѓаните од лажните вести треба да покажат интерес за сопственичката и редакциската структура на медиумите
Маја Јовановска, уредничка во ИРЛ
Пред една деценија дигиталните технологии одиграа клучна улога во неколку процеси кои ги променија медиумите: овозможија слободен и лесен пристап до институционалната дата и до информации важни за јавниот интерес, дадоа слободна платформа за граѓаните активно да учествуваат во креирањето информации, охрабрија нови актери во граѓанското општество кои се бореа за фундаменталните слободи, особено во земјите без такви цивилизациски придобивки.
Транспарентноста стануваше поголема, медиумите стануваа не само подобри и побрзи во својата работа туку и поодговорни и поточни. Работите бргу се променија. Одеднаш се создаде паралелен дигитален медиумски свет во којшто со помош на пари и моќ почнаа да оперираат со информации и дезинформации насочени кон влијание на изборите, менување на политиката и јавното мислење во корист на мали центри на моќ.
Во Македонија нештата веќе се комплетно излезени од контрола, а поголемиот дел воопшто не оперираат со вистински новинари и вистински редакции, се финансираат директно од организираниот криминал и подземјето или политичките партии кои и самите се во силни врски со првата група и затоа граѓаните не може да очекуваат дека медиумите работат во јавниот интерес, бидејќи повеќето зависат од спонзорите. Првата работа која е важна за да се заштитат граѓаните од лажните вести и да препознаат пропаганда е да покажат интерес за сопственичката и редакциската структура на медиумите кои што ги читаат.