Сава Осигурителна Групација нуди услуги од областа на примарно осигурување, реосигурување, управување со средства, здравствени и помошни услуги и решенија за пензионирање. Матичната компанија Позаваровалница Сава д.д. (Сава Ре) е компанија за реосигурување со седиште во Љубљана, Словенија, и оперативна холдинг-компанија на Сава Осигурителана Групација. Сава Ре е најголемата компанија за реосигурување со седиште во централна и источна Европа, која опслужува повеќе од 350 партнери на над сто пазари за реосигурување ширум светот, а групацијата е една од водечките осигурителни групи во регионот, со присуство во шест земји на Балканот. За сите предизвици но и новитети во работењето на Сава осигурување АД Скопје, разговараме со Мелита Гугуловска, Генерален директор на Сава осигурување АД Скопје.
Минатата година Сава осигурување АД Скопје прослави импресивен јубилеј, 30 години постоење на македонскиот пазар. Кои се најголемите успеси во изминативе години и со какви предизвици се сретнувавте на патот кон тоа што сте денес?
Тимот на Сава осигурување во Македонија имаше големото задоволство да го прослави овој значаен јубилеј – 30 години успешно постоење, благодарејќи на целосна посветеност и заеднички труд на целиот тим на Сава осигурување. Честа е да го прославивме заедно со нашите клиенти, соработници и драги луѓе со кои заедно се развиваме и заеднички се справувавме со сите предизвици во изминатите години. Не беше секогаш лесен патот по кој одевме, но имавме јасни и прецизни насоки да бидеме професионални, транспарентни и постојано тука за потребите на клиентите. Задоволството од постигнатото е во тоа што денес Сава осигурување е препознаена како модерна и современа компанија што постојано се грижи за своите вработени и за своите клиенти, компанија што се развива во духот на одржлив развој и општествена одговорност. Денес сме препознатливи по нови осигурителни продукти, по транспарентна и професионална услуга, истовремено препознаени како лидери во банкоосигурување. Сава осигурување е прва и единствена компанија што има сопствена станица за технички преглед и сопствен асистентски центар, реализиран преку нашата фирма-ќерка „Сава стејшн“. Тоа само го потврди фактот дека секогаш се трудиме да ги знаеме кои се потребите на нашите осигуреници за да можеме да им ги понудиме. Иницијативата „Срце за светот“ е гордост на Сава осигурителна групација и на Сава осигурување како дел од неа. Во оваа иницијатива активно е вклучен тимот на Сава осигурување и членовите на нивните семејства, каде што секој придонесува за подобра иднина на нашето општество и за животната средина. Како општествено одговорна компанија сметаме дека наша задача е да бидеме добар пример и едукатор на нашите поколенија. 2023 година, освен што беше јубилејна година на Сава осигурување – 30 години постоење, таа истовремено беше и година во која е реализирана 20 милиони евра бруто полисирана премија, година во која седиштето на компанијата има нова адреса и веќе сме подготвени за нови предизвици во 2024 година и реализација на нашиот план.
САВА осигурување АД Скопје е дел од Сава осигурителна групација, која е присутна во земјите на југоисточна Европа. Задоволни ли сте од работењето на македонскиот пазар и по кои начела работи оваа групација?
Сава осигурување е членка на Сава осигурителната групација, која е присутна во Словенија, Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Македонија, и тоа преку друштва за осигурување, пензиски фондови и асистентски куќи. Како пример за голема групација што преку својата мајка „Сава Ре“ е присутна на 110 осигурителни пазари во сегментот на реосигурување имаме можности да научиме и да си ги размениме сопствените искуства од осигурителните пазари. Во услови на 11 компании што се членки на осигурителниот пазар на неживот, можам да нагласам дека се работи за здрава конкуренција, која е одличен мотив за сите нас за подобри продукти и беспрекорна услуга за нашите осигуреници. Во позитивна насока е фактот што се работи за регулиран пазар од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, што од почетокот на своето постоење, па до денес прави огромни чекори за подобрување на состојбите на пазарот преку надзор на субјектите, грижа за заштита на правата на осигурениците и придонесува за финансиска едукација. Но, лошата економска ситуација, високата инфлација ги влошуваат условите, сепак Сава осигурување останува на своите основни начела по кои ќе продолжи да работи: клиент во фокусот преку одлични продукти и услуги, дигитализација на процесите , развој на ИТ-технологии и градење на задоволен и мотивиран вработен.
Сава осигурување АД Скопје е лидер на осигурителниот пазар како во делот на продукти, така и во делот на асистентски услуги. Која е предноста на сопствен асистентски центар преку кој се организираат асистенциите во случај на штети?
Во 2015 година го отворивме нашиот сопствен асистентски центар и обезбедуваме нонстоп поддршка за реализација и организација на отштетните побарувања на нашите клиенти. Единствени на пазарот, успешно ги покриваме услугите од домашна, автомобилска и здравствена асистенција. Со овој начин на работа преку асистентскиот центар сме поблиску до обезбедување на квалитетна поддршка на нашите клиенти, но истовремено ги слушаме барањата и потребите на нашите осигуреници и ги реализираме преку обезбедување на највисоко ниво на услуга. За доближување до нашите клиенти го формиравме и контакт-центарот, достапен за нашите осигуреници и клиенти нонстоп, секогаш со спремни одговори и подготвени да одговориме на барањата на клиентите.
Кои се придобивките што дигитализацијата и вештачката интелигенција ги донесоа во осигурителниот сектор?
Дигитализацијата стана дел од нашето секојдневие, а по КОВИД-19, развојот оди со забрзано темпо, односно од ден на ден сме сведоци на нови и понапредни технологии. Ние, како компанија, се стремиме да сме во чекор со новите промени, но не по секоја цена, односно им овозможуваме на нашите осигуреници сами да го изберат својот начин на комуникација со нас, во рамките на секој сегмент на нашето работење. Денес, нашите клиенти можат да го изберат начинот на комуникација во делот на издавање полиси, наплата на премија, пријава и процена на штетата. Но, не застануваме тука, плановите за 2024 година во делот на дигитализацијата се поставени високо на приоритетната листа на активности, бидејќи работиме на подобрување на сопствените работни перформанси, со што ќе обезбедиме ефикасна, професионална и брз услуга, а постепено се надградуваме со решенија што ја користат вештачката интелигенција, и тоа во делот на прием на осигурителните ризици, како и во делот на максимално користење на науката за податоци, а сè во насока за да ги научиме потребите и навиките на нашите осигуреници за да можеме да одговориме на нивните барања.