Овој петок Кино Карпош ќе го прослави својот 15 роденден, со атрактивна музичка програма, преубави коктели, најпознатите македонски диџеи и многу гости. По тој повод ние разговаравме со сопствениците Мартин Војдановски и Илија Аргировски-Шале, кои повеќе од 15 години се домаќини на незаборавни заборави.
Кино Карпош во петок го слави својот 15-ти роденден и веќе е култно скопско место, многу повеќе од кафуле. Како вие го доживувате овој значаен јубилеј?
Во нашата долгогодишна работа и делување, преку 25 години, Кино Карпош како локал има посебно значење, не само заради тоа што најдолго опстојува веќе 15 години туку и заради тоа што преку него се реализирани стотици проекти поврзани со промоција на култура, музика, уметност. Кино Карпош има организирано најразлични случувања како филмски проекции, изложби, промоција на музички дела на македонски автори, промовирање на домашни уметници од светот на уличната уметност, модата, татоо уметноста, промоција на јапонска, германска, француска, англиска уметност. Посебно сме горди на фактот дека 15 години позитивно сме влијаеле на многу генерации млади луѓе кои биле и сẻ наши гости. Секако тука се и емоциите во овие 15 години, тука се развиле многу пријателства, дружби, забави, запознавања, заљубувања и бракови, 15 години многу спомени, приказни, убави и смешни случки кои траат и се трудиме да биде така и во иднина.
Кино Карпош како место е домаќин и промотер на безброј настани од областа на културата и токму поради тоа изгради една силна заедница на љубители на добра музика и уметност. Кои вредности сакате да ги негувате како колектив?
Се разбира, нашата почетна идеја и концепт во работата секогаш била квалитетна музика. Со музиката не правиме компромис, секогаш мора да биде квалитетна и модерна. Низ овие 15 години сите домашни артисти настапувале во Кино Карпош како диџеи така и бендови. Се трудиме музичката селекција да биде секогаш на високо ниво и сите нови музики да им се презентираат на нашите гости. Заради оваа долгогодишна посветеност кон квалитетна музика, Кино Карпош е омилено место на многу домашни и странски артисти, радио водители, ТВ водители, луѓе од театарот и филмот, луѓе кои сакаат добра музика.
Колку е сменет ноќниот живот во изминативе 15 години? Кои моменти ви недостасуваат од минатото, а кои се подобри сега?
Ноќниот живот се разбира е поразличен од минатото, нови генерации, нови технологии, нова музика. Не велиме дека порано било поубаво, ова е ново време со нови навики, луѓето и понатаму се социјализираат и забавуваат но дефинитивно порано имаше поголема желба и мотивација за забава, тоа е изгубено во последните 2-3 години.
Ковидот и пост-ковид беше најтежок период за сите субјекти што се занимаваат со угостителство. Со какви други предизвици се сретнувавте изминативе години?
Да, за жал почнавме да зборуваме за време пред и после ковидот. Работите се сменија после ковидот, особено тоа се забележува во ноќниот живот. Никој не очекуваше дека може да ни се случи тоа, никој не беше подготвен за такво нешто и секако дека тешко го поминавме. Но и тоа е позади нас, се надеваме. Предизвици како енергетска и економска криза имало и ќе има, важно е да се снаоѓаме во нив, си поставуваме нови идеи и предизвивци кои ги реализираме, концерти, настани, журки. Гледаме да бидеме преокупирани со убави нешта, не со проблеми.
Овој петок е најавена роденденската журка на Кино Карпош, каде свои сетови ќе имаат неколку македонски диџеи. Што очекувате од самиот настан и кој сẻ ќе биде дел од него?
Овој петок на 26.01.2024 година имаме значаен јубилеј, 15 години роденден на Кино Карпош и припремите се во тек. Поканети се сите наши драги пријатели и гости на кои им е дел од животот и голем дел од времето го поминале во Кино Карпош и оние кои моментално се секој ден гости во КК. Програмата е целодневна како и секогаш ќе се зезаме цел ден. За музичкиот дел ќе се погрижат Настасија Киш, Васо, Шале, Мартин, Флудер, Мачки, Ермилова Еми, Мицајков, Soul Case и на крај ултра популарното дуо PBR Streetgang од UK. В. Забавата ќе заврши во ноќниот клуб Минус Еден.
Во кој правец и насока сакате да расте и да се развива Кино Карпош? Кои се вашите идни планови и на што сте фокусирани оваа година?
Планови и желби имаме многу, се трудиме да бидеме подобри на секој план како и поинвентивни во работата. Ги тераме стандардните проекти како фестивалот Култиватор, Пикник во паркче кои оваа година планираме да бидат во поинаков формат. Неколку нови идеи во врска со разни работилници кои би се организирале оваа пролет, гостувања на нови артисти и пласирање на нови музики.
На кој начин се гради лојална публика и кои се предностите што Кино Карпош го издвојуваат од останатите локали?
Најдобриот пристап е преку добра комуникација низ музика, пријатна атмосфера, добра услуга, отвореност и добар пристап и создавање на културен простор за луѓето кои ќе го препознаат и ќе ги освои. За нив Кино Карпош е дома.