ТВ-серијата „Зоки Поки“ ќе се гледа низ цела Скандинавија. Откако беше најавено дека серијата ќе се емитува на националните телевизии „SVT“ во Шведска и „NRK“ во Норвешка, пристигнува веста и за емитувањето на националните телевизии „DR“ во Данска и „YLE“ во Финска. Од продукцијата „Кино Око“ известуваат дека емитувањето на овие четири национални телевизии значи потенцијал за огромна гледаност на „Зоки Поки“. За македонската кинематографија, пак, ова е успех од историско значење. „Зоки Поки“ е единствената македонска серија и воопшто програма од овие простори што се емитувала на јавните сервиси во овие четири земји, се вели во соопштението. Заслугата за меѓународното емитување е на дистрибутерот „Videoplugger“ од Лондон, кои силно веруваат во светскиот потенцијал на серијата, нејзината моќ да го збогати детскиот свет и да ја развие детската имагинација, особено во време кога нивните активности се значително намалени. „Кога Роберт Насков ни ја покажа оваа убава серија, веднаш знаевме дека треба да ја споделиме со светот. Квалитетот на фотографијата, глумата и приказните ѝ даваат филмски квалитет на серијата, што е реткост во детските програми снимани за телевизија. ʻЗоки Покиʼ ќе продолжи да ги поминува меѓународните граници“, вели Емануеле Галони (Emanuele Galloni), извршен директор на „Videoplugger“. И покрај големиот интернационален успех на серијата, втората сезона на „Зоки Поки“ е во неизвесност. „Многу се радувам што серијата ʻЗоки Покиʼ ќе се прикажува и на националните телевизии во Финска и Данска и со тоа го комплетира прикажувањето во цела Скандинавија. Ова е доказ дека во Македонија може да се продуцираат квалитетни дела кои ќе ги задоволат највисоките стандарди и критериуми за продукција на детска програма и дека македонските брендови се вреднувани и надвор од Македонија. За жал, овој голем интернационален успех не наидува на поддршка од институциите во Македонија кои имаат обврска да финансираат детска и образовна програма, па затоа серијата ʻЗоки Покиʼ нема да има продолжение. Ова е голема штета за нашите деца кои се соживеаја со серијата и кои сакаат и понатаму да уживаат во авантурите на Зоки Поки и неговата дружина“, вели Роберт Насков, продуцент на серијата. Модерната екранизација на популарната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на „Кино Око“, во копродукција со Македонската радио телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Главните улоги во серијата ги толкуваат Матеј Настевски (Зоки), Анастасија Аневска (Лидија), Матео Матоски (Боки) и Матеј Зимбаков (Гоки). Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, во улогата на неговата баба. Режисери на серијата се Александар Поповски, Марија Апчевска, а режисери на епизодите Марија Апчевска, Александар Поповски, Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата се на Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска. |
„Зоки Поки“ ја освои цела Скандинавија, но сепак неизвесна втората сезона
март 25, 2021