„Што се другите за вас? Што е тоа што ве разделува, а што ви е заедничко? Какви желби и интереси имаат другите, каква приказна носат во себе, што ги прави среќни, а што тажни? Дали избирате да го гледате она што ве дели или да го цените она што ве поврзува?Секојдневно се разминуваме со секакви лица со кои не знаеме што нè спојува, а што нè разликува. Сликата за другите ја градиме самите, а секогаш е подобро да се прифатат и разберат отколку да се осудуваат и да потпаѓаат под стереотипи. Секој човек во себе носи приказна, носи маани и извонредни доблести. Кога ги разбираме другите, учиме повеќе за себе, повеќе за светот, избираме почит и го правиме животот поубав.“ Пред неколку месеци ние (магазинот „Портрет“) во соработка со Фондацијата Фридрих Еберт,упативме отворен повик за креативни идеи, со кој ја повикавме нашата читателска публика, да испрати слика, фотографија,текст,песна, илустрација или да се изрази на било кој начин за тоа како ги гледа луѓето околу себе. На наше огромно задоволство добивме стотици ваши апликации, кои ни покажаа дека и во нашата земја постои можност да се подигне свеста за прифаќање на различностите и славење на сличностите. Многуте прекрасни фотографии, песни, прозни дела, уметнички творби, што ни ги испративте се доказ дека сите сакаме да живееме во подобро општество, во кое во лицето на другите ќе ја препознаеме својата грижа, во срцето на тие околу вас, ќе ја почувствуваме својата љубов. Сакам да упатам и голема благодарност до нашата жири комисија, еминентни професионалци, секој во сопствената област, кои внимателно ги разгледаа сите апликации, одбраа свој победник во определа област и го образложија својот избор.
Горјан Ѓоргиев, академски сликар, негов избор Ангелина Велкова, победник во категорија уметност
„Убавината на овој конкурс беше тоа што кога ги разгледувавме сите апликации, имаа нешто заедничко, преголема желба да покажат дека различностите навистина се исти. Иако беше многу тешко да се избере сепак дека делото на Ангелина Велкова најсоодветно го доловува тоа што за мене се другите.“
Сибел Бајрам, активистка, претседателка на здружението на жени Ромки „Лачо Диве“ нејзин избор Софија Петковска, победничка во категорија активизам
„Мене лично многу ми се допадна делото на Софија Петковска зашто во него се забележува голема доза на емпатија, што е навистина важно еден автор да го изразува, потоа сплотеност и исто така зборува и за почитта помеѓу луѓето како важна меѓучовечка релација“.
Владимир Мартиновски, професор и писател, негов избор Лидија Димковска, победничка во категорија литература
„Песната на Лидија Димковска на еден многу ефектен начин се осврнува на тоа дека ние всушност се запознаваме себеси, запознавајќи ги другите.Песната е прилично екстензивна и покажува дека тие два процеси се непрекинати.Говори и за равенките во животот и на еден многу возбудлив начин се преплетува со есеистичкото размислување на оваа длабока тема. “
Арбнора Мемети, фотографка, нејзин избор Марија Поповска, победничка во категорија фотографија
„Иако имаше премногу убави фотографии, сметам дека фотографиите на Марија Поповска се најсоодветни за темата на повикот.Преку нејзините фотографии јасно се гледа пораката која таа ја испраќа.“
Лидија Димковска е добро познато име од македонското литературно небо, поетеса, прозаист, есеист, теоретичар на книжевноста. Таа беше избор на нашата жири комисија во категорија литература.
„Равенка со две непознати е песна која на многу возбудлив начин го тангира прашањето на другоста, на другите поврзувајќи го овој предизвик од нашите животи со математичката равенка со две непознати.“ Вака жири комисијата неодамна го образложи изборот на ваша песна за победник. Што ве инспирираше да се пријавите на отворениот повик „Другите“ ? Апсолутно тоа беше темата на Другоста, која е на некој начин темата на мојот живот, а се појави во моето пишување по заминувањето од Македонија и, сакала јас или не, стана едно од клучните егзистенцијални, филозофски и книжевни прашања на кое барам одговор и во моите романи и раскази, и во мојата поезија, а песната „Равенка со две непознати“, напишана на почетокот на епидемијата, се занимава токму со неа.
Како вашиот збор и мисла, ги опишуваат „другите “, полесно ви е да пишувате за сличностите или разликите помеѓу луѓето? – Сите луѓе насекаде и отсекогаш ги мачеле истите болки и ги радувале истите задоволства, успеси и убавини, во своето внатрешно битие сите сме исти. Разликите ги создаваат политичките, верските, социјалните и другите општествени системи, другоста е наметнат гео и психосоциолошки проблем што не може да се пренебрегне во уметноста затоа што е иманентно поврзан со идентитетот, припадноста, блискоста, отуѓеноста, љубовта, слободата, границата, разликите, и, секако со сличностите.
Добитничка сте на низа награди и признанија за литература и веќе имате значајна улога за ширењето на убавината на македонскиот пишан збор. Имате ли инспирација за пишување во овие пандемски услови? – Радикалните ситуации и состојби се лоши за животот, а добри за литературата и воопшто за уметноста бидејќи нѐ соочуваат со себеси и со светот поинтензивно одошто во „нормални“ услови, па во оваа епидемска година и самата, притисната од (над)реалноста на животот, многу пишував, пред сѐ поезија, но започнав и нов роман, а напишав и неколку есеи.
Дискриминацијата е црната страна на модерните општества, широко распространета, по различни сегменти и основи. Што сметате дека би било најуспешно да се имплементира во нашето секојдневие за подигање на свеста кај луѓето против оваа појава? – Просто неверојатно е што историјата и понатаму се повторува и покрај сиот напредок на 21-от век. За мене е незамисливо што сѐ уште мора да се бориме за нешта кои би требало да се веќе завршена и успешна приказна десетици, па и стотици години наназад. Образованието е клучно за подигање на свеста кај луѓето против дискриминацијата на секое поле: од мали нозе до висока старост човекот треба добро и трудољубиво да учи за да не ја повторува историјата на предците.
Што забележувате на лицата на луѓето околу вас во последно време? – Загриженост, отсутност, очај, осаменост, и овде-онде по некој поведар лик. А пред сѐ отуѓеност и желба по блискост.
Кога би можеле да ја опишете слободата со неколку стихови тие би биле… „Светот што се распаѓа/ одеднаш сеќава меѓу коските и кожата љубовен повтеж: да може барем уште еднаш да се љуби со слободата/ која му мавта од врата: „Спиј, ќе наминам кога ќе можам“.
Равенка со две непознати
Да ве запознаам,
ни рече заедничкиот познајник
и повеќе не бев х
што не го засега y
кој седи крај мене во автобусот,
чека пред ист јавен тоалет,
тупка пред ист шалтер,
офка пред иста ординација,
живее на иста улица,
дури и во иста зграда,
го шета кучето по иста патека,
го пази детето во ист парк,
влегува во ист лифт,
купува билети за иста претстава,
стои крај мене
одвоен со бодликавата жица
меѓу непознатите
во равенката на животот.
А само некој да рече
Запознајте се,
сѐ е веќе поинаку,
формата ја отвора содржината,
стисокот на раката ја крева рампата,
си мавтаме преку улица,
си одиме в пресрет со насмевка,
човекот со име не е повеќе странец,
го познавам ли – можам да го засакам
а и да го отсакам,
еднаш запознат
– секогаш познат,
дури и да го заборавам,
равенство е на равенката.
А без меѓусебното запознавање
како во учебник по странски јазик,
остануваме странци,
се снебиваме разминувајќи се,
се одминуваме молкум
со наведнат или намуртен поглед,
со непознат не се зборува,
еден крај друг сме еден без друг,
ѕуриме во самотијата
и среде најголемата толпа.
Кога би се запознале
веднаш би било поинаку,
формата ја ослободува содржината,
славината на врската е одчепена,
разговорот може да тече,
штом сме си ги кажале имињата
меѓу нас нема веќе пречка,
х станал 1, а 1 плус 1 се 2.
А името воопшто не е важно
во гранична ситуација
кога животот ти виси на конец
среде цунами или сообраќајка,
бегајќи по скалите при земјотрес,
трчајќи со вода во станот што гори,
молејќи го со најнежни зборови
непознатиот да не се фрли од покривот.
Тогаш не се потребни имињата
за да го отворат патот кон интимата.
Па треба ли животот постојано
да биде гранична ситуација
за да не морам да ти се претставам,
а да ме знаеш и да те знам
во равенката на постоењето?
И најпосле, како да си пријдам себеси?
Кој да ме запознае со самата себе,
двојничка со исто име и презиме?
Како кога во детството ми пиша
непознато другарче
и директорката на училиштето ме повика
в канцеларија, да не е тоа некаков
антисоцијалистички потег
што Лидија Димковска од Прилеп
ѝ пишува на Лидија Димковска од Скопје.
Бевме две во едно име и едно презиме,
форма и содржина на меѓусебно постоење,
сѐ дури таа не го смени
моминското презиме,
а јас не го задржав
за спомен и опомена
на равенката со две непознати.