Одамна сакав да подготвам ролнички со цимет кои ќе бидат малку поразлични од она што обично го очекувате кога ќе чуете „ролнички со цимет.“ Кога првпат ги видов руските ролнички во форма на срце (рус. плюшки) решив дека ќе пробам да ги подготвам со цимет и путер во филот иако традиционално се подготвуваат само со шеќер. И покрај тоа што ова беше уште еден експеримент, можам само да кажам дека резултатот е одличен! 😊 Лесно се подготвуваат, а вкусот е создаден за сите љубители на цимет. Меки, ароматични, неодоливи – мора да ги пробате!
Состојки за тесто:
- 400-450 г брашно
- 150 мл топло млеко (не врело)
- 100 мл млака вода
- 1 јајце
- 2,5 лажици шеќер
- 50 г стопен путер
- 7 г сув инстант квасец
- прстофат сол
- 1/2 лажица масло
Фил:
- 90 г кристален бел шеќер
- 1,5 лажица цимет
- 40 г стопен путер
За премачкување:
- ½ изматено јајце
- 1 лажица млеко
Во голем длабок сад измешајте ги водата, млекото, 1 лажица шеќер и квасецот. Оставете ја смесата околу 20 минути додека се активира квасецот, а потоа додајте го путерот, преостанатата 1,5 лажица шеќер и сол. Изматете го јајцето и додајте половина од течноста во садот, а другата половина чувајте ја за премачкување. Потоа додавајте постепено од брашното и замесете меко тесто кое се одлепува од страните на садот. Почнете со 400 г, а додавајте постепено од преостанатите 50 г доколку тестото е многу лепливо. Потоа лесно премачкајте го тестото со масло, покријте го садот со чинија, замотајте го со крпа и оставете го да кисне 30-60 минути на топло место, додека се дуплира.
Откако ќе се дуплира тестото, месете го кратко за да се ослободи воздухот. Поделете го тестото на 10 дела (или повеќе ако сакате помали ролнички) и направете топче од секој дел. На набрашнета површина расукајте го секое топче во круг со дебелина од 1 см (дијаметар околу 15 см) и премачкајте го со стопен путер (наменет за филот). Во чинија измешајте го шеќерот со циметот и посипете го секој расукан круг со оваа мешавина. Потоа замотајте го кругот како на сликите подолу и преклопете го едниот крај на ролната со другиот. Пресечете го на два дела тестото од таа страна каде што е преклопено (како на сликите подолу), а потоа свртете ги добиените два дела нагоре за да се добие срцевидна форма. Притиснете ги краевите на тестото (кај делот што не е пресечен) за да се спојат и да не се распукаат при печење.
Добиените ролнички редете ги во плех обложен со хартија за печење. Внимавајте при редењето бидејќи треба да оставите повеќе простор помеѓу нив зашто се шират многу при печење.
Во садот со преостанатиот дел од течноста од изматеното јајце додајте 1 лажица млеко и измешајте. Премачкајте ги сите ролнички со оваа мешавина и потоа посипете ги со малку шеќер. Оставете ги да киснат околу 20 минути, а во меѓувреме загрејте ја рерната на 180 степени. Печете ги во загреана рерна 20-25 минути (проверете ги и порано ако сте ги направиле помали) додека добијат златнокафена боја.
Послужете ги со чај, млеко, кафе, свежо овошје или нешто по ваш вкус. Уживајте! 😊