Само пред неколку сезони единствениот маж што носеше здолниште на модните недели беше дизајнерот Том Браун. Но минатото лето на улиците во Париз може да се видат многумина што ги носат, од лондонскиот дизајнер Чарлс Џефри до НБА шампионот Серж Ибака, некој што може значително да влијае на концептот на мажественост во облеката. Тоа беше трендот заедно со андрогената мода и фустаните, што владееше на модните писти на машките модни недели во 2019 година, а со оглед на тоа што и колекциите за пролет 2020 се носители на родово флуидната мода, најверојатно ќе гледаме се повеќе мажи во фустани и здолништа. Иако во минатото машките здолништа биле составен дел од секојдневната облека, со прифаќањето на нормата за носење на панталони и одела, здолништата останаа само како дел од традиционалната облека, на пример килтовите во Шкотска. Но од 1960 година неколку дизајнери како Вивиен Вествуд, Џорџо Армани, Џон Галијано, Кензо, Реј Кавакубо и Јоџи Јамамото, како и Марк Џејкобс се обидоа повторно да го воведат здолништето како прифатлив дел од машката облека. Сепак, здолништето остана само исклучок иако редовно се појавуваше на модните ревии, а понекое здолниште носеа и светски познати музичари (како Аксл Роуз, Роби Вилијамс или Канје Вест).
Во прилог неколку дизајнери и модни куќи чии модели последниве неколку сезони се со акцент на здолништа и фустани за мажи.
Од минатата година особено во уличната мода се повеќе се забележуваат мажи во здолништа, но дали тоа значи дека ќе станат мејнстрим и конечно ќе ја затворат книгата на родово определена облека? Како предвесник за некои стилови, уличната мода, особено пред модните недели во градовите како Њујорк, Париз, Милано, Лондон, Копенхаген е доволно интересна за да се најде во светските магазини или на социјалните мрежи, па дури и повеќе од самите модели на пистите.