Разговаравме со Мерсиха Смаиловиќ, еден од основачите на граѓанското здружение „Легис“ што делеше по 1500 топли оброка, хигиенски и други средства што им беа потребни на бегалците во Македонија во транзитните центри за време на бегалската криза.
Велат дека кога споделуваш лична сила со другите, таа те лекува и поттикнува други да го прават истото. Како почна вашата приказна со „Легис“ и колку време сте дел од ова граѓанско здружение?
Хуманитарната работа е работа на душевна сатисфакција, посебно кога тоа го работите доброволно и со многу љубов. Јас сум еден од основачите на „Легис“ и приказната почнува во 2009 година. Зад себе „Легис“ има големи интернационални хуманитарни проекти, а за мене посебно битна е Хуманитарната мисија во Сомалија во 2011 година. По собраните парични средства од граѓаните во Р. Македонија, заминавме во посета на најголемиот бегалски камп „Дадаб“, што е „дом“ за милион бегалци.
Сигурно сте сведок на многу потресни глетки, судбини и ситуации. Како по сето тоа функционирате и имате ли сѐ уште верба во хуманоста и човечноста?
Со сретнувањето на првите бегалци во Македонија, во ноември 2014 година, едноставно животот добива друга димензија. Ние не сме хуманитарци кои само им даваат храна и заминуваат, ние комуницираме со нив, сочувствуваме со нив. Но, на крајот е тешко да го носите сето тоа бреме од срцекршачки приказни и да се вратите во својот топол дом и кај семејството, за да продолжите да живеете нормално. Поголемиот дел од кризата ја поминав во својата втора бременост и навистина беше тешко кога бев сведок на спонтани абортуси кај изнемоштени бегалки или бегалки кои беа во доцните периоди на бременоста и на екстремни температури, со огромен багаж на својот грб, се движат без приговарања. Или, доколку се породат, по два дена заминуваат веднаш.
А децата и нивните погледи полни со надеж ве прогонуваат и во сон, никогаш не го заборавате нивното силно гушкање по давањето чоколадо или искреното „благодарам“, а со толку малку можете да ги направите среќни.
Она што ја направи оваа криза посебна е човечноста кај нас, обичните граѓани. Граѓаните во Македонија, и покрај своите скромни примања, успеаја да покажат голема солидарност и мобилност во помагањето на овие кутри и напатени луѓе. Но, глобалната политика е сурова и граничи со фашизам.
Ве погодуваат ли предрасудите што кружат околу ситуациите со бегалците, особено од луѓе што никогаш не биле на терен? Цели семејства поминуваат низ голгота, колку активисти моментално има на терен?
Покрај солидарноста што се разви кај нас во Македонија, секако пречеше и развиената ксенофобија што се шири секојдневно. Сите стравови беа неосновани! Се обидуваме постојано низ социјалните мрежи да пренесуваме приказни и фотографии од терен, да ги запознаеме граѓаните со светска трагедија. Кога ќе го видите стравот во нивните очи, измешана со надежта за подобар живот и стремежот тоа да се постигне, едноставно добивате потреба да бидете нивниот глас во јавноста, да ги побиете сите тие невистини и предрасуди за нив. Но, медиумите, што го разгоруваат стравот, продолжуваат со своите негативни вести и прикажувањето на бегалците во лоша светлина.
Низ целата бегалска криза, огромен број граѓани се приклучиле во нашата организација, со цел да им помогнат на бегалците. Тимот на „Легис“ е вистинската слика на мултикултуралната Македонија. Граѓани од разни нации, вери, политички ориентации, градови, се втопени во една максима: Да им помогнеме на бегалците.
Најдобар начин да се пронајдеш себеси е да се загубиш помагајќи на другите. Кога ја забележавте вашата потреба и желба да им помагате на другите. Имате ли поддршка од семејството, најблиските?
Велат дека карактерните особини најмногу се градат во детството, па така и во моето детство се случи војната во Босна и Херцеговина. Додека децата пред спиење го чекаа мечето Ушко, ние ги чекавме вестите, за да видиме дали нашите блиски роднини се живи. Нашиот дом беше и дом за бегалците од БиХ и Косово, кои беа непознати за нашето семејства. А сепак, моето семејство ги отвори вратите за сосема непознати луѓе. Таа добрина што ја покажаа моите родители, пред своите деца, мислам дека беа клучниот момент да се чувствувате повикани да им помогнете на сите луѓе кои имаат потреба.
Ништо од активностите што ги правам не би можела доколку не е поддршката од моето семејство. Посебно од мојот сопруг, Јасмин, кој не само што ме поддржува во тоа што го правам туку и ме поттикнува кон поголеми подвизи. Среќна сум што имам прекрасни родители и брат и сестра, кои се случувало и да ја чуваат постарата ќерка со денови, ако морам да заминам надвор од државата или кога сум повеќе од осум часа на терен. Навистина семејството и семејните вредности што сè уште се негуваат на Балканот се вистинска благодат за секоја активна жена. J
Вистинска инспирација сте за многу жени и изразена активистка за еманципација на муслиманската жена, како и нејзина заштита од каква било дискриминација. Каква е моменталната состојба во нашата држава? Маргинализирани ли се муслиманските жени од институциите, средината и сл.?
Ви благодарам за овие убави зборови. Навистина се трудам секојдневно да бидам добар пример за моите две ќерки, Далија и Амелија, како и за сите жени кои ме опкружуваат. Сакам да бидам гласот на нечујните жени. Сакам да ги поттикнам да бидат горди на својата женственост и улога што ја имаат во општеството. Честопати сум одржала и предавања во скопските џамии, каде што комуницирам со жените, ги уриваме стереотипите кои велат дека исламот е тој што ја уназадува жената. Исламот е токму спротивното, но Балканот е место, каде што традицијата игра клучна улога во ставањето на жената во една кутија и велејќи дека тоа е она. Состојбата со жената-муслиманка не е на завидно ниво, но добива тенденции на подобрување. Тие се едуцираат и еманципираат и стануваат горди на улогата што ја имаат. Без разлика дали е тоа улога на „само“ мајка или домаќинка. Сепак, нејзината застапеност во институциите не е воодушевувачка. И тоа е поле на кое мора да се работи. Јас сум една од големите заговарачи дека треба да истапиме и да го земеме самите своето место во општеството, а не да чекаме некој да ни го даде.
Носител сте на многу промени. Со секој свој став и со секое дејствување ги уривате стереотипите за муслиманската жена. Активно сте учествувале на безброј хуманитарни акции и проекти, како на национално, така и на интернационално ниво. Од сите овие промени кон подобро во различни сфери, што ги имате постигнато, која ви е најмила, некоја на која сте особено горда (една или повеќе).
Мојата прва голема промена е ставањето на марамата на својата глава, поради која и станав единствената покриена студентка на Правниот факултет во Скопје. Тоа беше голема промена за мене, но и за факултетот, кој ова промена ја прими прекрасно. Но, посебно сум горда на иницијативата што ја почнав во 2007 година, кога барав измени во Законот за лична карта/пасош и др. во кој ни беше забрането да се фотографираме со марама во сите лични документи. Акцијата беше успешна и МВР го смени и Законот и Правилникот и оттогаш 50-годишната неправда конечно беше укината. А тука се лобирањата, многубројните состаноци, интервјуа одржани во мај и во јуни 2015 година, со пратениците и министрите од власта, каде што ги убедувавме да ги усвојат измените во Законот за азил, со кој конечно ќе им се дозволи легален транспорт низ Македонија. Притисокот доаѓа од разни страни и организации, да бидам присутна во Собранието на 28 јуни, кога Комисијата даде дозвола за овој закон. Овие две промени имаат позитивен и траен импакт врз илјадници луѓе, затоа сум посебно горда на нив.
Ако цел свет молчи, дури и еден глас, со верба во него, може да биде многу моќен двигател. Што се вашите следни активности? Што би им порачале на луѓето што имаат желба или можност да помогнат на другите?
Многу убаво кажано. Токму така, секој глас е битен и важенМоментално, сите активности ни се посветен на бегалската криза. На трудничко боледување сум од својот професионален ангажман (правен консултант), но не и од сите други.За сите луѓе кои имаат желба да помагаат, би им порачала активно да се вклучат! Можеби некое мало и безначајно дело за нас, некому може да му ја врати вербата во човештвото. Никогаш не потценувајте ги добрите дела, колку и да се мали.„Бидете промената што сакате да ја видите во животот.“ Така и вие бидете позитивната промена во нечиј живот.