Егзодусот на бегалците од Сирија, Ирак, Авганистан надмина милионска бројка, потресните слики од нивното патување до западно-европските земји никого не оставаат рамнодушен. Стотици луѓе, играчи со човечки судбини, криумчари, воени профитери, секојдневно заработуваат илјадници евра на нив. Во сите пречки што транзитните држави пробувајќи да се заштитат, им ги поставуваа, бодликави жици, огради, ѕидови. солзавец, водени топови и слично, има и луѓе што прават буквално сѐ што е во нивна моќ да го олеснат нивното патување. Наша чест е што имавме можност да поразговараме со две жени, Ленче Здравкин и Мерсиха Смаиловиќ, што во нашава земја, за време на бегалската криза, станаа синоним за хуманост, човечност и силна волја. Секојдневно беа на релација на својот дом и бегалските кампови, имаат помогнато на стотици луѓе и со право ги нарекуваат со најразлични епитети како „бегалски мајки“, „хумани ангели “ и слично. Двете со своите постапки го менуваа секојдневието на многу луѓе, ја јакнеа улогата на жената во општество, позитивно влијаеа на сите општествени заедници, ги поттикнуваа и насочуваа другите да прават добри дела.
Ленче Здравкин- Никој не заслужува да се чувствува како отпад на општеството
За почеток сакам да го почнеме разговорот со една мисла од Мајка Тереза:- „Љубовта почнува дома и не ѐ колку и што правиме, туку со колкава љубов го правиме“. Вашата приказна почнува најпрво со помагање на мигрантите што случајно поминувле пред вашиот дом, за потоа да спиете само по 4 часа дневно и да сте синоним за хуманост. Како вашата хуманитарни активност зема ваков замав?
Сите ние сакаме мир и нѐ застрашуваат огнените оружја. Затоа треба да донесеме цврста одлука и да не дозволиме ниту едно штотуку родено дете, ниту една жена, ниту еден човек на земјинава топка да се чувствува непожелно, да се чувствуваат несакано, да се чувствуваат како отпад на општеството, треба да си помогнеме едни со други, да се поткрепиме и во сите земји и во сите нации да го смениме ужасното однесување кое ги убива невините, кое уништува животи,а со тоа затвораат и цели семејства.
Вклучени повеќе организации, фирми, ве контактираат многу здруженија да достават помош. Прочитав дека имало денови кога сте немале што да им дадете за јадење, сте купувале вреќи брашно и компири, и сте меселе леб. Што ви даваше сила и волја во тие денови да не се откажете и на сите да ни покажете дека не треба да губиме верба во хуманоста?
Во прифатниот центар Винојуг и во Табановце има многу невладини организации, многу волонтери. УНХЦР и неговите партнери се главните стожери за подигање на центрите и целокупната организација како треба да изгледа еден центар за да ги прими бегалците и да им се пружи хуман третман на високо ниво од храна, облека, медицинска помош, правна помош и се друго што е потребно за секој бегалец да се чувствува достоинствено, да се чувствува човечки. Од самиот почеток на кризата присутни се полицијата и армијата на Република Македонија кои освен што одговорно и професионално ја извршуваат својата работа на терен често пати ја покажуваат и нивната хуманост. Кога ќе се навратам три години наназад како беа моите почетоците со бегалците, сум имала многу тешки моменти. Нашиот семеен буџет е строго лимитиран, а со тоа и математиките не ми се совпаѓаа. Лебот не можев да си дозволам да го купувам па го месев сама, купената вода ми стануваше луксуз па и таа морав да ја полнам во пластични шишиња кои ги собирав, кога ќе го подадев сварениот топол компир во измрзнатите раце и топлиот чај и мене срцето ми се стоплуваше, пазарев во магацини на големо да можам за помалку пари да добијам повеќе. Облеката за бегалците беше од моето семејство, а подоцна апелирав и молев кај пријателите, соседите, роднините. Деновите и месеците поминуваа јас го крпев секој нов ден, но нивната сила да издржат во километарското пешачење уморни,истрошени, болни беше и за мене сила да чекорам напред. За тоа е создаден човекот да сака и споделува љубов.
Сигурно сте сведок на најразлични животни приказни, потресни судбини и глетки. Една од највпечатливите и најтрогателни стории ми беше за вашата несебична помош, на двете сестри на кои вашето семејство им помогнале повторно да се пронајдат. За што точно станува збор?
Само и Самах Умар се двете сестри Сиријки кои имаа тешка голгота пешачејќи со денови низ Македонија изгубени со своите браќа, братучеди и нивниот зет по патиштата. Малтретирани, тепани од криминални групи и онесвестени во тешка здравствена состојба паднати во ендек, беа најдени од еден мој пријател Б.Г. некаде пред Велес.Тој на свој ризик ги качи во автомобилот и ги донесе кај мене. Што да видам, искинати помодрени едвај дишеа, се тресеа и не можеа ништо да зборуваат. Прво се погрижив да ги повратам во живот можеби не многу професионално, но не ми преостануваше ништо друго. Се консултирав со пријатели, доктори, медицински сестри, обезбедив од првата аптека се што ме советуваа и за неколку часа ја видов насмевката на нивните лица. Првата реченица што ми ја кажаа беше ….Господ не испрати кај тебе, кога ја видовме куќава како да си ја видовме нашата куќа, така ни личеше.Додека јас ги средував нив, мојот сопруг и синовите се погрижија да се поврзат со останатите од семејството да испратат координати локации за да ги најдеме.Ги сместив во темен простор колку што во тоа време условите ми дозволуваа бидејки имаа повреди на главите да се одморат и да се соземат. Веќе следниот ден наспани и одморени можевме да поприкажеме и да им кажам дека за некој час ќе им пристигнат роднините,беа пресреќни. Кога семејството се собра во мојот двор на среќата и немаше крај, солзи, смеа, вриштење, и моето семејство многу се потресе. На ладниот цимент во нашиот двор, заедно го изедовме скромниот бегалски ручек. Требаше да се исправам уште пред еден предизвик, сите заедно да се пренесат до Куманово и да продолжат за Србија. Ми помогна нашиот чичко Славе и Самах заедно со семејството веќе за два часа беа во Куманово. За десетина дена сестрите веке се јавија од Германија благодарни за се што сторивме за нив. Постојано контактиравме но во ноември 2015 се јавија и ми пишаа дека нивната мајка и уште едната сестра Јасмин со две малечки дечинња се пристигнати до Идомени и немоќни да стасаат до Македонија. Ги пречекав на граница се погрижив и за нив, кога се видовме и кај мене и кај нив постоеше чуствот како да се познаваме отсекогаш. Заминаа со возот,а најголемата среќа беше кога ми пратија семејна фотографија, сите на куп па зарем има поголема радост од тоа да успееш да собереш едно многучлено семејство да бидат заедно.За овие години се соочив со многу вакви и слични судбини.
Постојат многу предрасуди во врска со целата ситуација, многу различни мислења за мигрантите како луѓе, за нивното настојување да стигнат до западно-европските земји и слично. Вие велите јас никогаш не сум се плашела од нив, почесто тие се плашеле од мене, какво е вашето искуство со нив?
Гледате како страдаат се мачат, не останало ништо од нивното огниште, бараат спас со по неколку деца за рака и еден ранец на нивните рамења. Бремените жени се пораѓаат по патишта, тука нема плашење тука мора сите заедно да ги поместуваме границите на хуманоста, бидејки сите ние сме исти пред Бога. На нивниот пат до Македонија има многу препреки многу криминални групи, многу лаги и многу ветувања, затоа постои малку недоверба кај нив, но кога ке им пријдам и кажам дека сакам да им помогнам тие го чувствуваат тоа.
На вашиот профил на Фејсбук има безброј фотографии каде сириските, авганистанските дечиња, ги шишате, храните, пресоблекувате со многу љубов и посветеност. Дали ве прогонуваат нивните судбини, ликови, колку сте сменета како човек?
За тоа велам секогаш Господ ни дал две раце со едната да си помогнеме сами ,а со другата рака да им помогнеме на другите. Мајките на овие деца се истоштени болни имаат повеќе деца, патуваат со месеци често колабрираат. Една млада мајка од дваесетина години своето прво дете ако го родила некаде по пат таа е уште кревка и не опоравена уште крвари и секако дека и е потребна помош. И јас сум мајка, баба и не може да ми е сеедно. Нивните судбини,нивните ликови никогаш не ги заборавам и секогаш сум во исчекување, чекам некој внатрешен глас да ми каже дека безбедно пристигнале онаму каде што наумиле, нивната порака која ќе ми стаса од далеку за мене значи многу.
Добитник сте на наградата од граѓанската асоцијација „Скопјанката Мајка Тереза“, како и признание за хуманост од УНЦХР. Дали вашите блиски роднини и пријатели се инспирирани од вас, дали некои ви се приклучија и доаѓаат со вас или како било помагаат?
Секој има право на свој начин да ја толкува бегалската криза, јас го ценам секое мислење, но многу луѓе што ја следат состојбата само на телевизија, сум се потрудила да ги однесам во Винојуг и лично да се уверат со состојбата на терен, да се дружат со бегалците и да им помагаат, скоро сите го смениле своето размислување. Има луѓе од мојот град па и од цела Македонија кои секојдневно ми испраќаат алишта, обувки, храна за сѐ тоа потоа јас да го доставам до бегалците, на сите сакам да им се заблагодарам. Секојдневно се трудам на македонската јавност да и ја објаснам состојбата онаква каква што е реално да ја доловам ситуацијата, често настапувам на трибини и говорам дека човечкиот живот нема цена, да го зачуваме човечкото достоинство, да го зачуваме мирот и спокојството како во нашите семејства така и во целиот свет
Вашата посветеност, бара од вас да ги трошите сите атоми на психо-физичка сила со кои располагате до крајни граници. Дали пред бегалскава криза знаевте дека оваа ваша лична сила и потреба да помагате на другите и правите добри дела може да земе волкави размери?
Секогаш околу мене има некој на кого му е потребна помош од поголеми или помали размери, но тоа не значи дека и мене некогаш не ми е потребна помош. На сите нас ни е потребна помош од било каков вид. Да си помагаме едни на други. Сиромаштијата не ни е одредена судбина од Бога, Бог не ја создал сиромаштијата, ние народот ја правиме сиромаштијата затоа што не знаеме меѓусебно да делиме. Често им говорам на сите околу мене…Тоа што го правиш ти, јас не можам да го правам. Тоа што го правам јас, ти не можеш да го правиш, но заедно можеме да направиме многу убави работи.