Вината на кои основната боја им е во спектарот од светлопортокалова до светловиолетова спаѓаат во групата на розе вина. Поради долгогодишниот лош квалитет на овие вина во минатото, сè уште не можат да го добијат епитетот за висококвалитетни вина и нивната консумација сè уште е на многу мало ниво. Повеќе за оваа сорта вино ни објасни м-р Петар Петров, асистент на Универзитетот МИТ – Скопје, при Факултетот за менаџмент на еколошки ресурси, катедра за безбедност на храна.
Различни техники на производство
Денес, со развојот и со усовршувањето на новите технолошки постапки за производство на розе вина, се добиваат вина со многу висок квалитет, што честопати се наоѓаат и на врвот со белите и црвените вина. Во принцип, розе вината претставуваат слабо обоени лесни црвени вина. Како суровина за нивно производство се користи грозјето од црвените вински сорти, но техниката на производство е сосема поразлична. Генерално, технолошките постапки за производство на розе вина се поделени во пет групи:
- Вина добиени со мешање на бели и црвени вина. Овој метод е мошне застарен, па дури и во одредени вински региони во Франција е забранет со закон. Со него се постигнуваат солидни резултати при производството на пенливи розе вина.
- Вина добиени со слабо гмечење на црно грозје, потоа смесата се разладува и стои во период од 12 до 48 часа, пред да се исцеди гроздовиот сок по пат на статичко дренирање и понатамошна ладна ферментација како при производството на бели вина.
- Вина добиени со пресување на цели гроздови и ферментација без лушпа.
- Вина добиени со механичко или со хемиско отстранување на боените материи од црвените вина.
- Вина добиени по метод „saignee“, односно крвавење на црвените вина. Произведените розе вина по овој метод се одликуваат со мошне висок квалитет, а методот е заснован на заедничка ферментација на гроздовата пулпа што најчесто трае од еден до три дена, а потоа по слободен пат се дренира одредено количество на гроздов сок (за розе вино), а остатокот служи за добивање на висококонцентрирани црвени вина.
Богата овошна арома во шише розе
Розе вината имаат релативно мал број на вински стилови. Најчесто се консумираат како млади вина со лесно тело, флаширани во шишиња од безбојно стакло.
Нивните ароми се директно поврзани со карактеристичните ароми за производната сорта, но најчесто розе вината се одликуваат со овошни ароми со нагласени тонови на јагодесто овошје и освежителен вкус.
Одлично за оние што внимаваат на линијата
Температурата на консумација им е мошне флексибилна и најчесто се движи од 6 до 12 Целзиусови степени. На трпезата можат да се комбинираат речиси со сите видови јадења, а најкомпатибилни се со печен крап и со другите слатковидни риби, сите видови пасти, специјалитети од морски плодови и сите видови сезонски салати, како и салати од живински јајца. Поради епитетот десертно вино, розе вината слободно можат да бидат комбинирани со сите видови десерти, особено со десертите со овошни ароми. Свежината што ја поседува од оксидативниот потенцијал, слободно дозволува розе виното да биде послужено и како аперитив. Најчесто, освежителните летни коктели како основа го содржат розе виното.
Најголем дел од розе вината се со значително помала содржина алкохол и релативно ниска калорична вредност, со што посебно место заземаат кај консументите кои внимаваат на својот телесен индекс.
Иако содржината на фенолни соединенија во розе вината во однос на црвените вина е многу помала, сепак овие вина се одликуваат со релативно висок антиоксидативен потенцијал.