Новиот албум на Taylor Swift покрена прашина откако излезе сосема неочекувано пред неколку дена. Миа Милошеска (@wilmaflintstone_) со рецензија за Folklore.
Искрено, воопшто не планирав да пишувам уште една рецензија за поп aртист/албум. Не дека го понижувам жанрот и неговите артисти – едноставно сакав да експериментирам со нешто покомплексно, нешто за што би почувствувала вистинска одговорност при пишувањето.
Кога видов дека Taylor Swift извадила нов албум кој се вика Folklore, кој има црно бел, прилично underground artwork, во кој ¾ од песните се напишани во соработка со Aaron Dessner (главниот гитарист и текстописец на The National), во кој има дует со Bon Iver, во кој голем удел како автор и продуцент има и Јаck Antonoff, коавторoт на последниот албум од Лана Дел Реј (види Рецензија, Lana Del Rey- Norman Fucking Rockwell)… ненадејноста и можноста за музичка и лирска анализа на една ваква турлитава беше нешто на што не можев да одолеам.
Има едно интересно видео во кое Таylor дознава дека нејзиниот претпоследен албум (Reputation, 2017) не е номиниран за главната награда, албум на годината. Во тие моменти, таа гласно си ветува себеси и на нејзината менаџерка дека ќе направи многу подобар, повреден албум – ,,No, it’s okay. I’m making a better record“…. Lover, кој излезе пред точно 11 месеци, исто не беше номиниран за албум на годината.
Taка, сакав да ја проверам веродостојноста на нејзиното ветување. Пред да го пуштам албумот, ми се јавија две дијаметрално различни очекувања: тој или ќе е ужасно добар, земајќи го предвид тимот кој работел на него, или самиот факт дека таа имала потреба и план да направи нешто маестрално, ќе направи албумот да звучи ужасно исфорсиран.
Folklore не е ниту поп, ниту кантри албум. Тивок, топол и трагичен, умереноста на овој албум го поништува долгогодишниот мит за Тaylor како жена-змија. Албумот е асоцијативен, комплексен и крајно експериментален, со музика и вокални аранжмани кои технички не можат да се поврзат со ниту една ера на Tејлор, ниту може конзистентната општа атмофера која владее низ албумот (освен со песни како This is the Last Time и Everything Has Changed од албумот Red, кои се дуети со тогаш анти-мејнстрим Ed Sheeran и Gary Lightbody oд Snow Patrol). Сè на сè, меланхолијата која владее во овој албум, сама по себе не е жедна за внимание и не постои со цел да акцентира потреба за одмазда и последователнo драматична преобраза, можеби затоа што во албумот нема ниту една песна потенцијално крунисана со називот летен хит и адекватна летна експлозија. Соодветно на тоа, оваа преобраза и промена на музичка насока не беше најавувана и промовирана – албумот беше неочекувано и ненадејно пуштен. Од друга страна, оваа нова објективност кај Tејлор можеби (најверојатно!) се должни на фактот дека таа пее за искуства на нејзини блиски познаници или пак создава свои приказни и ликови (пр. Уметничката патронка и една од најбогатите жени што живееле во Америка, Ребека Харнес). Впрочем, тaa со самата објава на овој албум соопшти дека истиот доаѓа со така наречени „еаster eggs“ – изненадувања во форма на автореференцијални алузии во самите песни. На пример, доколку обрнеме доволно внимание, мотото teenage love triangle може да се пронајде во песните Cardigan, Betty и August, така што во секоја од нив има различен лирски субјект (Betty, James и Inez) од тој љубовен тријаголник кој ни ја претставува неговата уникатна перспектива…
Во кратки црти, клучна фраза за овој албум – Слатка горчина. Folklore е лесен, флуиден и мултидимензионален; додека го слушам пред мене не летаат ниту пеперутки ниту пеат птици, туку минималистички, геометриски фигури ја будат истата соодветна реакција со нивната совршено темпирана и флуидна игра.
Земајќи предвид дека албумот има 16 песни, одлучив да ги искоментирам само тие кои играа најголема улога во градењето на мојот став.
The One звучи како акустична, адаптирана верзија на некој поп хит од албумот RED (2012); Cardigan, првиот сингл од овој албум, си игра со пијано и електроника, вокална наместо музичка експлозија која веднаш асоцира на Lana Del Rey, и краток, ама ужасно дрско-слатко аранжиран рефрен,
And when I felt like I was an old cardigan
Under someone’s bed
You put me on and said I was your favorite
Еxile со Bon Iver почнува со вокал ритмички координиран со пијаното и е проследена од карактеристичните ,,задушени” извици на вокалот нa Justin Vernon. Мелодијата и концептот на оваа песна се идентични со тие на The Last Time (баладата со Gary Lightbody од Snow Patrol). Сепак, спојот на овие два карактеристични и крајно различни вокали, колку и да е паметно изигран и осмислен, не ги престигна моите високи очекувања. Во Еpiphany, мојата омилена песна од овој албум, наизменичното менување на острината на гласот на Tејлор и филмската музика те ставаат во исчекување на нешто непознато и неочекувано – а таа улога ја има еден конкретен екстатичен извик во рефренот. Како песната би станала уште потрагична, во неа се пее за животот во свет полн насилство, траума и општ хаос – инспирирано токму од моменталната ситуација со пандемијата.
Mirrorball темпирано расте, со вокален аранжман кој ме потсетува на Cranberries и соодветно, градациски се отвора па повлекува. Во Seven, носталгична балада која сепак асоцира на брза брканица, Tејлор пее за сосетка од детството „And I’ve been meaning to tell you I think your house is haunted Your dad is always mad and that must be why And I think you should come live with me”, додека во Аugust, единствената песна со јасно нагласен рефрен во која има јасен поп вокален и музички тек се пее за летна романса. Тука е кантри песната Betty, преку која, според мене, Тaylor тотално непотребно нè потсетува на нејзиното минато (воедно и нашето) како кантри кантавтор, што е токму спротивно од тоа што овој албум пробува да го постигне. This is me trying почнува како „балада“ на Massive Attack (ping The Spoils – Massive Attack ft. Hope Sandoval), додека играта со продукцијата и вокалот потсетуваат на психоделичните песни на Norman Fucking Rockwell на Lana Del Rey и Jack Antonoff (како Venice Bitch).
Со Folklore, Tејлор не прави регрес кон гитарата, каубојките и Нешвил, туку создава ново, минималистичко, а со тоа и позрело, кохерентно дело и правец. Можеби не би било во ред веднаш да го класифицираме албумот како инди-фолк, туку едноставно како интимен, сталожен, концепциски aлбум кој би си го пуштиле пред спиење – НЗС за сите кантавтори кои не прават стриктна поп музика. Колку и да звучи патетично, во правите моменти, кај мене овој албум буди чувство на себе – спознавање, на некој вид помирување со сопствената и објективна реалност- чувство кое само мал број артисти го пробудиле кај мене (се разбира, во тој мал број спаѓаат и артистите кои стојат зад ова дело). Од друга страна, земајќи предвид дека ова е еден голем експеримент за Taylor како артист, верувам дека формата на албумот и неговиот концепт би биле многу попристапни кога истиот би бил попаметно распореден, а би имал и помал број на песни.
За крај, во форма на прочистувачки електро-фолк албум, потресителната чистота на Taylor не како индивидуа, туку како музичар и текстопицес, настрана неколкуте замерки, прилично ме вознемири. А, јас сакам кога музиката ме вознемирува.
Фотографија: Стефан Рајхл