Спој на две крајно контрастни архетипни карактеристики – таа на наивната невиност и провокативната бунтовност – Lana Del Rey има изградено веќе препознатлива сензуална слика за себеси.Прогласен за еден од најдобрите албуми за 2019 (NME, Rolling Stone, Pitchfork, The Guardian) и номиниран за GRAMMY награда за албум на годината, Norman Fucking Rockwell, како и останатите албуми од нејзината дискографија, е концептуален албум, реквием за ,,американскиот сон‘‘, во кој истовремено се пее и за (не)достижноста на истиот. Насловот има симболично значење и алудира на американскиот сликар Norman Rockwell, кој инаку е познат по тоа што го претставувал секојдневието и интимната страна на американското општество во 50-тите…
Така, на нас останува да одлучиме и пронајдеме дали и како, со додавањето на едно просто fucking во насловот, Lana имала за цел да го оживее неговиот дух низ овој албум, а воедно, и носталгијата за истиот кај слушателите.
Lana нè води низ албумот за рака, во летен фустан, низ разбранет ветар во инаку спарно лето, запирајќи на сите важни фрагменти од нејзиниот живот, сè додека самите не сфатиме дека сме во еден голем инертекстуален лавиринт. Во овој случај, како и кај Norman Rockwell, се работи за лавиринт на нејзиното сурово интимно секојдневние и (не)удобност.
Албумот започнува со филмскиот виолиниски оркестар на Norman Fucking Rockwell – мека, минималистична и сталожена песна со лесно класично пијано, уште полесниот глас на Lana. Песната веднаш го претставуа површниот концепт на албумот: објектот како жртва на токсична врска со егоистичен и несозреан поет:
Goddamn, man child
You act like a kid even though you stand six foot two
Self-loathing poet, resident Laurel Canyon, know-it-all.
Впрочем, целиот албум е неконзистентна (само)критика преку која Lana покажува различни страни од сопствениот карактер – најчесто контрастот на субмисивност, игноратност и феминистичка одлучност.
Во Mariners Apartment Complex, класичната фолклорна композиција и гитара се спротиставени со психоделични/ сурф вокали и жичани инструменти. Ланиниотглас сè уште го има тој мирис на наивност, но како лирски субјект, Lana овде зазема контрастна доминирачка позиција – I’m your man, креирајќи едно драматично сценарио и уште подраматична балада.
Venice Bitch, од друга страна, е крајно експериментална песна. Првата половина од песната има ангелска детска ритмичнот со дури и успивачки и смирувачки ефект. Овој тек е прекинат од наизменични психоделични дисторзии и синтови; со 5 минутно инструментално соло, гитарска кулминација и сетилен дисторзиран глас кој ти дозволува да се „исклучиш“ на некоја минута, со што песната, а со неа и приказната, си добиваат соодветен и заокружен завршеток: over and over, honey.
Во Fuck it i love you е присутна наизменична нарација и директно обраќање, инаку поддржани со различни вокални техники и нагли вметнувања на ритмизирани битови на тапан и пијано. Токму играњето со гласот на Lana додава на експерименталната сетилност на песната, земајќи предвид дека во претходните песни доминира рамен тоналитет и аранжман. Во оваа песна е можеби најдобро претставен тој идеалистичен Аmerican Dream – поетски слики на деним, сладолед, цигари, алкохол, големи класични куќи, дворови и маала, и најважно, меланхоличната КАЛИФОРНИЈА во која на поминување заглавуваат сите романтичари. И без спотот за оваа нумера, кој инаку совршено се вклопува со тонот и естетиката на Lana и албумот, препознатливо е дека моќта кај Lana е во успешното креирање/рециклирање на атмосфера и поетски слики – нешто поради кое е често споредувана со големи текстописци како Bob Dylan, Leonard Cohen, Joan Baez, Joni Mitchell… и прогласена за нивен логичен следбеник/ кантавтор на нашата генерација.
Doin’ time е пак препев на песна од Sublime од 1996 и јасна можност за радиски летен хит, со исклучително добра трип-хоп „лесна“ продукција – или, барем доволно лесна за да ја наречеме летна песна.
Во Love Song, Lanaсе претставува како наивната, а со тоа и прекумерено ентузијастичната индивидуа во летна романса, додека во Cinammon Girl, со не толку често фалсето и сентимент и електронска продукција епретставена потемната токсична страна на адолесцентата калифорниска љубов. If you love me without hurting me, you’ll be the first who ever did – Lana надежно верува во старомодната љубов – таа што доаѓа со непокорлива и непоколеблива верба и трпение, што надзира низ сета денешна површност и простотија – пробувајќи да нè убеди да веруваме во истата.
How to disappear, за мене омилена и најбогата песна на албумот која шири носталгија и без да обрнеш внимание на текстот. За разлика од претходните песни, во кои Lana и музиката не постојат заедно (тие се целосно апстрахирани и можат комотно да се проанализираат како посебни сегменти), овде сите елементи се совршено синхронизирани. Lana го претскажува сопствениот живот, поставувајќи се себеси како објект во една од сликите на Rockwell, сретнувајќи ги поранешните љубовници на булевар, низ маало, а потоа и себеси во иднината, во куќа со дете и 2 мачки.
Во California, Lana повторно ја покажува нејзината опсесија со митската Калифорнија. Земајќи предвид дека песната е директно инспирирана и алудира на California на Johni Mitchell, Lana директно се поврзува со нејзиниот музички предок, The Next Big American Record повторно ја споменува токсичната љубовна врска, но овде во форма на динамично дуо – поет и пејачка. You’re beautiful and i’m insane we’re american made и California dreaming I got money on my mind, национализмот и американизмот се претставени низ идејата за бескрупулозна желба за успех.
The greatest – класично за Lana , и во оваа песна се опејува и величи тагата. Сепак, иако идејата е да се претстави поетичноста на тагата, Lana јасно ја демистифира со брутално искрени и интимни текстови. Гитарското соло е гласен извик на тагата- извик кој инаку Lana ретко си го дозволува вокално, најчесто лирски. Кратко кажано, ова е песна за изгубени летни љубови (налик тие што сме ги гледале во Grease, The Notebook па дури и Call me by your name)
Лесно може да се примети дека Bartender е првата песна напишана за овој албум, со оглед на тоа што го има тој стар Lana Del Rey шмек и attitude (колку и да инсистирам на користењето на исклучиво македонски зборови, за некои просто нема соодветен превод), кој инаку може да се најде во Ultraviolence и Born to die. Happiness is a butterfly, пак, е пијано-балада која ги израмнува среќата и љубовта и ги претставува како една оптичка илузија чија непостојаност е фатална за еден страстен романтичар како Lana.
Hope is a dangerous thing for a woman like me to have.
Доколку почнеме да ги анализираме текстовите на Bob Dylan, веднаш ќе пронајдеме шема која, неважно многуте тематски и жанровски промени кои ги претрпела неговата музика, доминира во песните. Напишана како наративна приказна во прво лице, со игриви рими, карактеристичен долг наслов и лесни фрази како:
I’ve been tearing around in my fucking
nightgown
24/7 Sylvia Plath
Writing in blood on the walls
‘Cause the ink in my pen don’t work in my notepad,
оваа песна е една од многуте во кои е јасно и видливо лирското влијание на највлијателните американски текстописци современици и нивната шармантна, достапна лирика. Oвде е можеби и најсоголена душата на поетесата – таа конечно пее за себеси како емоционално распарчена индивидуа, без да се обраќа, пее, правда, бара/дава внимание од некој љубовник.
И за крај, моќта кај Lana не е во нејзината креативност, туку искреност.
А, креативноста не секогаш е искрена. Lana е раскажувач, поет кој пробувајќи да го врати идеалистичното персонално и колективно минато, го оживува на 60-тина екстатични минути. Музички гледано, албумот е едно вонвременско дело кое не може да биде лесно ставено во ниту една жанровска определба: folk-rock, pop, trip-hop, surf-rock, психоделија, филмска музика, безброј универзални мотиви перверзно и паметно сечени, додавани, и комбинирани со цел да ја доловат лирската убавина и автентичност на Lana Del Rey.
Фотографија: Стефан Рајхл