Кога едно мало дете се интересира и сака да отвори книга и сликовница прво нешто што ќе го привлече е илустрацијата. Поради тоа решивме да направиме разговор, кој го објавуваме во два дела, со неколку илустратори кои цртаат за македонски автори и издавачки куќи и создаваат нов, фантастичен свет за детските очи.
Катерина Николовска е дипломиран графички дизајнер и илустратор. Моментално работи на повеќе проекти и за повеќе клиенти како фриленс графички дизајнер и илустратор. Николовска се потпишува како илустратор на неколку детски книги, детски списанија, интерактивни сликовници, цртани, стрипови.
„Почнав со цртање на илустрации откако си го купив првиот пен таблет, некаде прва година на факулет. Официјално мојата прва сликовница ‘Кој ја јаде месечината?‘ ја направив за мојот специјалистички труд. Иако ми беше прва и немав многу искуство, сепак сѐ уште ми е најомилена книга што ја имам илустрирано. Секој уметник во себе носи свој стил на цртање, но потребно е време и работа, за тој да си го пронајде, да го усовршува и да стане препознатлив. Во моето досегашно искство, гледајќи наназад, гледам дека и мојот стил се менува суптилно, истражувајќи и пробувајќи нови техники и начини на приказ на една илустрација, но тоа не значи дека не сум задоволна од моите постари илустрации, туку тоа значи дека полека напредувам и се стремам кон подобра илустрација од претходната. Многу е битна самата инспирација и мотив за да почнеме со цртање. Инспирација има насекаде, буквално насекаде. Јас лично најмногу уживам во цртање на ноќни сцени, каде секаде се присутни ѕвездите и месечината, како што јас уживам да гледам во ѕвездено небо, да барам соѕвездија, да размислувам и да се изгубам во таа бесконечност. Како небото и облаците, така земјата и природата, љубител сум на природата, планините, дрвата и животните, а приказната станува далеку поинтересна, кога ќе се даде персонификација на овие нешта. Исто така, ова верувам дека го има кај повеќето автори, многу често или речиси секогаш се имаме себеси во илустрациите, без разлика дали тоа е портрет од себе или е предмет, секогаш има нешто во кое што ќе се препознааме себеси или некоја своја особина во приказната. Досега имам направено 21 сликовница , а ги издвојувам, ‘Бајки од Македонија‘, ‘Басни од Македонија‘, ‘Книгата што никогаш не беше иста‘, ‘Добредојде мило‘, ‘Ута и планините‘, ‘Кралот Арктик и Северот‘, ‘Шарената куќа‘ итн. Се радувам дека сè почесто гледаме на полици нови детски книги и од наши автори, а со самото тоа и сè повеќе се купуваат и децата уживаат во нив. Но не мислам дека е тоа доволно, допрва се надевам дека детската литература во Македонија ќе ги прошири своите граници во смисла на обработување на теми, стил на илустрација и дизајн и начин односно форма на егзекуција на книгата.“
„Бајки од Македонија“
„Бајки од Македонија“
Сања Симоска е визуелен уметник и графички дизајнер, има учествувано на повеќе групни изложби и е активен член на уметничкиот колектив „Кула“ чиишто активности се помеѓу уметноста и културниот активизам. Се користи со различни медиуми на изразување како на пример, сликарство, инсталација, илустрација, скулптура, видео и фотографија.
„Временски не можам да кажам кога почнав со цртање детски илустрации, но со развивање на цртежот идеите доаѓаат постепено. Иако пробувам различни стилови и се изразувам на начин како што природно ми доаѓа во моментот, омилен начин на изработка ми е колажирање; како што споменав погоре, додавање, одземање, сечење, лепење ми овозможуваат постепено да ги развијам моите цртежи, понекогаш тие се комбинација од рачно до дигитално изразување. Идејата си доаѓа спонтано, не би рекла дека цртам конкретно еден мотив, но главниот мотив ми е ноќта – небо полно ѕвезди. Исто така сакам да цртам и ликови и животни.Иако сега за сега не може да најдете издадена детска книга со мои илустрации, наскоро ќе може да го видите резултатот од мојата соработка за илустрирана детска книга со Билјана Црвенковска. Јас пораснав читајќи прекрасни илустрирани детски книги. Многу од тие книги можеби ме инспирираа и јас да станам уметник и сѐ уште се обидувам да следам што се објавува во странство и кај нас. Многу ме радува што имаме извонредни уметници што придонесуваат во оваа сфера. Сѐ повеќе гледам луѓе околу мене што подаруваат илустрирани детски книги на нивните деца или своите најблиски. Се надевам дека ова ќе охрабри и многу други уметници дa се изразуваат во оваа област.“
Eat some confusion (Туршија)
Happy Clown
Лубеница
Тања Вукобрат работи како freelance илустратор веќе седум години, најчесто изработувајќи детски илустрации и корици на книги. Голем љубител е на на видеоигри, спорт, филмови и музика, кои се и дел од мојата инспирација.
„Со цртање детски илустрации започнав пред пет години кога почнав да соработувам со издавачката куќа Просветно Дело. Соработката се уште трае и многу ми е драго што имам можност да илустрирам за списанијата ‘Росица‘, ‘Развигор‘ и ‘Другарче‘ списанија со кои и јас пораснав. Исто така морам да ги споменам и Lynx Animation Studios со кои имам работено на прекрасни проекти. Дел од моите омилени проекти каде што може да ги видите моите илустрации се ‘Скокни Прескокни‘, ‘Двете принцези‘, ‘Розата и вепарот‘… Детските илустрации ми даваат комплетна слобода на изразување и истражување различни стилови. Секоја илустрација раскажува приказна. Децата имаат бујна фантазија и се огромна инспирација, затоа во секоја илустрација настојувам да го доловам тој магичен детски свет. Интересот за илустрирана детска литература кај нас се зголемува сè повеќе и повеќе. Еден од факторите е тоа што има повеќе книги илустрирани од домашни автори, се надевам дека тоа ќе продолжи бидејќи имаме навистина квалитетни илустратори.