Запознајте ја Сара
Мојот татко е архитект и мојот дедо беше архитект. Јас сум трета генерација архитекти во мојата фамилија Симоски, но прва жена. Од мали години сум била опкружена со архитектурата. Меѓутоа, тоа никогаш не ми беше наметнато. Сама одбрав и очигледно со премногу љубов ја работам мојата работа. За време на моите додипломски студии во Скопје бев многу посветен студент. Ваквата посветеност го трасираше мојот пат и ги завршив моите магистерски студии на универзитетот „Политехнико ди Милано“. Таму навистина се оформив како архитект. Не се едуцирав само преку секојдневната настава туку и преку големата историја на италијанските градови, како и многубројните настани, како недела на дизајнот, на архитектурата и изложби, предавања од врвни архитекти и дизајнери. Очекувањата беа и сè уште ми се исти, а мое мото е: „Работи напорно и ќе има резултати, нема оправдување“. Секаде е тешко.
Најубави светски градби
Прва мисла ми дојде кои се зградите што ми направиле уау-ефект. А тоа се дефинитивно: Македониумот во Крушево, Ајфеловата кула (клише, но вистина), музејот MACBA во Барселона, Каикса форум во Мадрид.
Најубави македонски градби
Македониумот во Крушево, Старата охридска куќа, Музејот на современата уметност.
Зашто ја сакаме
Сакам да правам други работи како да свирам на пијано, почнав годинава да шијам, сакам да излегувам надвор од архитектурата, без разлика кој ќе биде резултатот. Сметам дека е корисно за да можеш да бидеш покреативен кога ќе се вратиш назад. Сè околу нас може да биде инспирација и сметам дека треба да се искусуваат и да се консумираат другите уметности за сопствена надградба.
Искуство од работа со клиенти
Почнав да работам сама и да водам проекти речиси веднаш по завршувањето на студиите. Тоа ме втурна во еден оган што најпрвин беше многу напорен и тежок за мене. Генерално, нашите клиенти сакаат голема употреба на декоративни елементи и орнаментика за да почувствуваат дека добиле нешто комплицирано за парите што ги платиле. Со користењето на дрво во моите проекти и различни форми изработени од дрво, успеав да ја задоволувам таа нивна потреба, истовремено сепак јас да се согласувам и да стојам гордо зад дизајнот.
Светски трендови во архитектурата
Моментално светски трендови во архитектурата се: зелено, одржливо, економично, како и употреба на природни материјали. Архитектурата е еден од главните виновници за климатските промени и загадувањето на животната средина. Во светот се поставени стандарди за објекти што се пасивни, што значи дека треба сами да ја создадат енергијата што ќе ја потрошат. Секогаш се залагам за ова во моите проекти.
Повеќе за работата на Сара може да видите на следните линкови: