Од 29 август до 1 септември годинава во Младиски културен центар-Скопје и во кафе-книжарницата „Буква“ ќе се одржи второто издание на „Скопски поетски фестивал“. За овогодишното издание разговараме со Биљана Стојановска, наградувана и преведувана поетеса која е една од основачите и организаторките на овој фестивал.
Втор пат ќе имаме Скопски поетски фестивал во Скопје. Што може да очекуваме годинава,
како течат подготовките, по што најмногу ќе го паметиме ова издание?
Ова издание ќе го паметиме по квалитетната поезија. Тоа ни е приоритет секогаш.
Сакаме публиката да чуе убави стихови, да се чујат одлични автори, како од земјава, така и
од надвор. Ќе имаме одлични гости, Андреј Ал-Асади, Јовица Ивановски, Делвина Крлуку,
Мариета Дукиќ, Д. А. Лори, Митко Апостолов, Васко Марковски, Влада Урошевиќ,
Владимир Мартиновски, Радмила Петровиќ од Србија, Сергеј Тимофеев од Латвија.
Валентина Бакти од Србија ќе има изложба на колажи, насловена „Сум страдал, ама убаво
ми било“, ќе има работилница за креативно пишување, ќе се проектираат поетски
филмови наменски направени за песни посветени на Скопје… Ќе има по нешто за сечиј
вкус. И најважно, позитивна енергија. Со поезија и песна ќе раздаваме и љубов.
Отварањето ќе биде малку поинакво со настанот „Во друштво на мртвите поети: како
битник ‒ џез и поезија“. За што поточно станува збор и од каде идејата и инспирацијата за
ваков тип на настан?
Сакаме секоја година да имаме тематска вечер. Минатата година тоа беше народната поезија и одлично пројде. Годинава во фокус ни е битничката поезија. Не ја одбравме случајно. Бит-генерацијата е револуционерна и пропагира пацифизам, антирасизам, антифашизам, анархизам, како и сексуална и духовна слобода. Идеологиите на оваа генерација се мошне актуелни и денес. Од нив се уште учиме како да го подобриме светот, да ги поместиме темелите на денешното општество, но и пишувањето и поезијата. Овојпат сакаме тој дух да го доближиме до скопската публика. Во тоа со својата музика ќе ни помогнат Шамба и Сол (од „Летечки пекинезери“). Како што вели битничкиот поет Лоренс Ферлингети „Поезијата сè уште паѓа од небото врз нашите сè уште отворени улици“, така
сакаме оваа вечер поезијата да паѓа од скопското небо и да нѐ замелушува од убаво.
Какво е искуството споредено со минатата година, што научивте, колкави се предизвиците
споредени со претходното издание?
Научивме дека без пари многу тешко се прави фестивал. Мала екипа сме, а предизвикот е голем. Некогаш мислам дека како што Обеликс како мал паднал во казан со волшебна напивка од која има постојана сила, така ние сме паднале во
казан полн ентузијазам. Правењето фестивал е голема одговорност. Тон сериозни обврски. Ама сме полетни. Сакаме да му го подариме фестивалот на Скопје. Кога само ќе ги видиме насмевките во публика знаеме дека сиот труд се исплател.
Колку е важен овој поетски фестивал за Скопје и скопјани? Сметате ли дека поттикнува на
поголема свест за развој на културната и поетска сцена во нашиот град?
Си го сакаме многу Скопје. И кога знае да биде грдо и кога ќе нѐ плисне кал од автомобил што вози пребрзо и кога ќе нѐ фати дожд среде летна вечер. Сакаме да му оставиме нешто убаво, нешто што (бар за одредена публика) ќе биде настан што едвај се чека. Сигурно дека поттикнува поголема поголема културна свест, како и сите книжевни настани. Во својот есеј „За поетот“, Јован Дуќиќ вели дека поетите сметаат дека реалниот свет не е доволно голем ни доволно убав и затоа тие создаваат, за да го усовршат светот. А поетските фестивали, бар на кратко, и те како умеат да го разубават светот.
И самата сте поетеса па што сметате дека е важно за младите поети да добијат поголема
поддршка и знаење кај нас?
Она што посебно ме возбудува на фестивалов е настанот „Отскочна даска“. Настанот е наменет за млади поети од 16 до 25 години. Ќе биде од натпреварувачки карактер, а „победникот“ (во суштина не верувам во поетски победници) ќе настапи на официјалното отварање на фестивалот, заедно со другите гости. Зошто овој настан ми е посебно драг? Затоа што е наменет за најмладата поетска струја. За оние што допрва доаѓаат, што ќе го сменат поетското небо, што сѐ уште се кријат од очите на јавноста преиспитувајќи се себеси дали се доволно добри (повременото сомневање во себе е одлично за оние што пишуваат). Важно е младите да добијат поддршка. И да полетаат.