Одлучив да бидам актерка бидејќи…. сакав, и сè уште сакам да бидам сè она што не можам или не сум. Бидејќи тоа е магија која се доживува само на сцената.
Работата во Театарот за деца и младинци ми донесе… поголема одговорност дефинитивно, поради детската публика и нивната искреност.
Телевизиски проекти или театарски… Двете ми се предизвик. Не би можела да издвојам, навистина различно се доживуваат, но сепак со секој нов проект било да е театарски или телевизиски поминувате низ едно убаво искуство, и сметам дека тоа е она што на некој начин ги спојува.
Од „Преспав“ научив… доста работи кои не ми беа познати за филмскиот свет. Имам уште многу да учам, всушност таква е и самата професија, како на филм така и во театар. Но, најважно од сè е тоа дека веќе не им се плашам на камерите хахаха.
Додека растев бев опкружена со… искрена љубов…
Досега сум била соочена со непријатни ситуации поради националноста… Да, ми се случи да бидам вратена од скопскиот аеродром, пред шест години. Наводно сум немала исправна документација, а за да излезете од сопствената држава потребни ви се само билет и патна исправа… што од тоа не беше валидно си знае само службеникот кој ми го покажа правецот за назад 🙂 Тоа беше мое прво соочување со дискриминација, а се надевам и последно.
Со Исаура сум слична… Уф, Исаура е сè она што не е Емра. Многу ми е тешко да пронајдам сличности во карактерот, најверојатно затоа што ги нема.
А различна… Ниту сум гатачка, ниту сум наметлива а најмалку сакам сплеткарења. Но, како карактер, како лик мене ми е забавна и ми е предизвик за играње.
Најмногу уживам во… друштвото на моето мало животинско царство.
Најдобар начин за релаксација… Тишина…
Совет што би им го дала на помладите актери… Нека очекуваат помалку за да добијат повеќе. Високите очекувања, се сведуваат на разочарување.