Низ историјата постојат многу случаи каде одредени луѓе се казнети за ширење на говор на омраза, но во повеќето случаи обвинетите се бранат со слободна на говор, што никако не треба да се помеша со говор на омраза кој носи порака за инфериорност на членовите на односната група и осудува, понижува, и е полн со омраза. Практично, сите расистички, ксенофобични, хомофобични и други поврзани деклинации на идентитетско-напаѓачко изразување би можеле да се подведат под поимот на говор на омраза. Сепак во некои случаи судовите сепак одлучувале дека се работи за повреда на правото на слобода на говор особено во случај на медиуми. Во следниве неколку случаи низ поновата историја може да се забележат различни одлуки на Европскиот суд за човекови права против говорот на омраза.
Сеурот против Франција
Французинот Сеурот на 14 ноември 1996 година објавил текст во списание кое било наменето за ученици и за нивните родители на приватен колеџ. Господин Сеурот предавал историја и географија на колеџот. Текстот кој бил насловен „Што е многу, многу е“ содржел пасуси против „проклетите Французи од Северна Африка, муслиманските орди кои не може да се асимилираат“, а кои наводно насекаде се распространувале. Тој тврдел дека „сега биле пет милиони, кои граделе џамии насекаде“ и употребил зборови како „нивните валкани арогантни девојчиња“. На 9 и 13 декември 1996 година, здруженија против расизам поднеле кривична пријава поради провоцирање на расна омраза и дискриминација и се појавиле како оштетени во постапката. Поради напишаниот текст, Сеурот добил отказ од работа. Но тој се побунил пред Европскиот суд за човекови права дека му е повредено правото за слобода на говор. Судот проценил ддека раскинување на договорот за работа не било вмешување во слободата на говорот, тоа било извршено во согласност со законот и имало за цел заштита на угледот и правата на другите. Текстот имал недвосмислен расистички карактер. Сеурот морал да искаже повеќе мудрост и разум кога веќе знаел дека текстот ќе му се објави во училишно списание.
Вејделанд и други против Шведска
Во 2004 година четворица млади Швеѓани во една гимназија дистрибуирале околу стотина летоци ставајќи ги во орманчињата на учениците или над нив. Тие биле поттикнати од страна на една организација, која се викала Национална младина. Летоците биле отворено насочени против хомосексуалноста, што ја нарекувале девијантно однесување и тврделе дека било морално деструктивна за општеството. Тие ги обвинувале хомосексуалците дека поради промискуитетниот начин на живот, СИДА и ХИВ биле во пораст, кaкo и дека нивното лоби ја минимализирало педофилијата. Швеѓаните биле обвинети за агитирање против национална или етничка група. Тие се бранеле дека тоа не им било намера и дека намерата им била да започнат дебата за недостаток на објективност во образованието во Шведска. Двајца од обвинетите биле осудени и казнети со по два месеца затвор, а третиот бил казнет условно, комбинирано со парична казна, додека четвртиот бил осуден на пробација комбинирана со 40 часа општокорисна работа. Апелациониот суд ја прифатил жалбата и ја укинал пресудата против подносителите на жалбеното барање. Врховниот суд, пак, сметал дека целта поради која се дистрибуирале летоците била легитимна, односно да се започне дебата која изразува загриженост на јавноста, но сметал дека содржината била непотребно навредлива. Врховниот суд условно осудил тројца со парични казни помеѓу 200 и 2.000 евра, додека четвртиот го оставил на пробација. Европскиот суд за човекови права го следел размислувањето на Врховниот суд на Шведска кој сметал дека летоците биле непотребно навредливи. Казните не биле преголеми во однос на стореното дејство кое било забрането со закон, а причините дадени од страна на Врховниот суд биле доволни и релевантни.
Јерсилд против Данска
Овој случај е од 1989 а се работи за новинарот Јерсилд од Данска вработен во Данското радио, кое имало и телевизиска програма. Тој работел на телевизиска програма наменета за добро информирана публика на различни горливи општествени теми. Групата наречена „Зелени јакни“ се состоела од младинци со расистички ставови. Уредникот решил да ги викне да учествуваат во телевизиската програма на која работел и Јерсилд, заедно со социјален работник. Во текот на емисијата водена од Јерсилд, младите искажале голем број на навреди за имигрантите (Турци, Југословени) и разните етнички групи во Данска, кои дури не ги сметале за човечки суштества. Тие се декларирале како расисти и подржувачи на Кју Клукс Клан и искажале многу навреди, предрасуди и лоши зборови за Афро-американците. Младите луѓе биле проблематични и потекнувале од семејства кои се бореле со немаштијата и невработеноста. Младите учесници во емисијата кои јавно деградирале, навредиле, се заканувале на група лица поради нивната раса, боја, национално или етничко потекло или уверување биле осудени. Јерсилд и главниот уредник на вестите, исто така, биле осудени за нивно поттикнување и помагање и морале да платат парични казни или алтернативно да лежат 5 дена затвор. Судот сметал дека тие знаеле дека лицата ќе искажат навредливи и расистички изјави за време на емисијата. Не биле искажани никакви коментари со кои би се опонирало на нивните изјави.
Европскиот суд за човекови права го потенцирал виталното значење на борбата против расизмот, како што било потврдено и од Конвенцијата за eлиминација на расната дискриминација, која била обврзувачка за Данска. Со цел да се види дали вмешувањето во слободата на говорот на Јерсилд било неопходно во демократско општество, судот се повикал на општите принципи од својата судска практика во однос на улогата на медиумите. Европскиот суд за човекови права утврдил дека вмешувањето било законито и имало легитимна цел. Тој нотирал дека Јерсилд ја поканил публиката да ја гледа емисијата во контекст на јавните дискусии и коментари на медиумите за расизмот во Данска. Емисијата имала за цел да даде информација за лицата кои пропагираат расизам во Данска и за нивното социјално потекло, а не да пропагира расизам. Програмата била упатена кон публика која била добро информирана. Судот утврдил дека Јерсилд јасно се дистанцирал од лицата кои ги интервјуирал и дека опонирал на некои од нивните ставови. Судот не се согласил со домашните судови дека имало доволни и релевантни причини за осуда на новинар во демократско општество, кога недостасува расистичка намера. Данска морала да му плати 1.000 дански круни на Јерсилд на име на материјална штета.