Владимир Ивковиќ е српски диџеј и музички куратор познат по својата уникатна селекција што спојува експериментални, амбиентални и ретро-футуристички звуци. Како клучна фигура во култниот клуб Salon des Amateurs во Диселдорф, стекна глобална репутација поради своите интроспективни и хипнотички сетови. Неговиот стил е препознатлив по тоа што ги поместува границите на клупската музика, воведувајќи ги слушателите во неочекувани и емотивни музички пејзажи. Ивковиќ денес е ценет како еден од најиновативните гласови на современата електронска сцена. Во петок на 13 декември, во клубот Минус Еден тој ќе го има својот прв настап пред македонската публика. Не пропуштајте!!!
Вашиот избор на музика често се опишува како емотивен и трансцендентeн. Како ја дефинирате улогата на диџејот во создавањето на вакво искуство за слушателите?
Улогата на диџејот е да биде исто толку посветен како и персоналот на клубот, гостите, слушателите и танчерите, бидејќи само кога сите елементи функционираат како што треба, на истата фреквенција, можеме како едно да достигнеме трансценденција.
Како културната и музичката сцена на поранешна Југославија влијаела на вашиот музички вкус и естетика, особено кога станува збор за електронска и експериментална музика?
Веројатно влијанието било сериозно и длабоко. Тоа се кругови во кои јас растев, со доживување на доблести и примери кои и денес се водилки.
Salon des Amateurs стана синоним за уникатен музички израз. Како ова место го обликуваше вашиот пристап кон диџејството и заедницата која ја изградивте околу него?
Дека Salon des Amateurs „станал“ нешто, ние го дознавме години подоцна. Никој не се грижеше за онлајн комуникацијата, сликите. Важна беше сегашноста, моментот, интензитетот до границите на издржливоста и подалеку од тоа, слушањето, размената. Мала група на добри луѓе, беше соединета во вистински момент од универзумот и тоа е, реално, тоа. Јас свирам речиси цел живот, но Salon беше потврда и олицетворување на одредени идеи кога беше потребно. Постоеше диџејство пред 2004 година, и решителноста од 2004.
Вашата издавачка куќа Offen ја опишувате како „анти-издавачка куќа“. Што значи тоа за вас и како одлучувате кои проекти заслужуваат да бидат објавени под тоа име?
Издавачките куќи имаат планови, програми, парични идеи итн. Offen не е таква креација. Можеби не е ни креација, туку нешто како црвенокосиот човек од „Сината тетратка бр.10“ на Данил Хармс. Таа е тука да ја овековечи музиката која ќе ме најде кога е потребно.
Вашиот проект за дигитализација и објавување на музиката на Суба беше револуционерен. Како изгледаше вашиот процес на откривање и курирање на неговото наследство и што ви значи таа музика лично?
Лично, тоа е прекрасна музика. Нуркање во архивата, соочување со духовите, истражувањето и промените се процеси кои треба да се носат на рамената, но на крајот сè тоа е едно: диџејство, Суба, архиви, предизвици… живот кој нема да се живее сам, вреден за живеење. На некој друг ниво, музиката на Суба е сведоштво на една уникатна земја, време, пријатели и семејство кои му се спротивставуваат на прераскажувањето и измислувањето на историјата.
Како гледате на еволуцијата на dance музика денес, особено во контекст на дигитализацијата и улогата на социјалните мрежи во создавањето на глобални сцени?
Не гледам. Има кој да гледа.
Во ерата на алгоритми и музички препораки базирани на вештачка интелигенција, каде го гледате местото на човечката интуиција и емоција во уметноста на диџејството?
Во корените на човчноста. И пред алгоритмите имавме забавувачи, и пред NFT имавме секакви будалаштини и сè тоа е легитимно и добро. Одлуката на секој од нас е дали ќе избере светлина или темнина.
Прв пат настапувате пред македонската публика. Какви се вашите очекувања од журката во „Минус Еден”?
Немам очекувања, многу се радувам и се надевам дека ќе се случи магија.