Во град во кој културната понуда често се движи по веќе познати патеки, BURU се појави како обид да се создаде поинакво искуство, искуство во кое музиката, просторот и луѓето се подеднакво важни делови од приказната. Во изминатата сезона колективот внимателно градеше настани што не се паметат само по музиката, туку и по атмосферата, контекстот и чувството на припадност што го создаваат. Токму затоа не е случајно што сезоната ќе биде заокружена со „Season Closing“ во Музејот на современа уметност, простор што совршено ја отсликува нивната идеја за поврзување на различни форми на современа култура.
Пред завршната журка на 13 јуни, разговаравме со тимот на BURU за нивната визија, за улогата на музичките заедници во современиот град, за потенцијалот на домашната електронска сцена и за амбицијата од локален колектив да прераснат во платформа препознатлива и надвор од Македонија.


BURU често ја промовира идејата за музиката како простор за посветено слушање и длабоко доживување, а не само како забава. Во време на кратки формати, алгоритми и постојано скролање, дали сметате дека создавате и своевиден отпор кон современата дигитална култура?
Во свет каде што сè се одвива премногу брзо, BURU е свесен обид да се забави ритамот. Пристапуваме внимателно кон секој детал, од музиката и просторот до начинот на кој луѓето го доживуваат настанот. Веруваме во подолги формати и во искуства што бараат присуство и внимание. Затоа инсистираме на долги DJ сетови кои им дозволуваат на луѓето навистина да се внесат во музиката и барем за момент да избегаат од секојдневието. Иако BURU е дел од современата дигитална култура, не веруваме дека едно кратко видео може да го пренесе чувството да се биде таму. Тоа може да биде само поглед. BURU мора да се доживее.


Во описот на проектот велите дека сте заедница изградена околу музика, култура и заедничко искуство. Што е тоа што една музичка заедница денес може да му понуди на градот, а институциите и социјалните мрежи не можат?
Пред сè, вистинско искуство и вистински спомени. Социјалните мрежи создаваат публика, но ретко создаваат припадност. Музичката заедница создава простор каде што луѓето се запознаваат, поврзуваат и градат заеднички моменти. На крајот, луѓето не паметат објави. Паметат како се чувствувале.
Вашата завршна журка се одржува во Музејот на современа уметност, простор кој самиот по себе носи силна симболика за Скопје. Колку ви е важно местото каде што се случува настанот и како архитектурата и контекстот влијаат врз начинот на кој луѓето ја доживуваат музиката?
Една од главните карактеристики на BURU е вниманието посветено на секој детал од целокупното доживување. Музиката секогаш е во центарот, но просторот е подеднакво важен дел од приказната. Затоа и одбираме културни институции како музеи и театри. Тие не се само локации, туку носат сопствен контекст, историја и емоција што го подигнуваат искуството на повисоко ниво. Воедно, преку BURU сакаме повторно да ги насочиме луѓето кон овие простори. Имаме многу значајни културни места кои ретко се користат на нови начини. Ние се обидуваме да им дадеме нов живот и да покажеме дека можат да бидат подеднакво релевантни и денес.


Оваа сезона ја затворате со пораката дека сè започнало како идеја да се предизвика градската рутина. Кога ќе погледнете наназад, што навистина успеавте да промените кај публиката, а што кај себе како колектив?
Не сметаме дека ја променивме публиката, туку дека разбудивме нешто што отсекогаш постоело. Покажавме дека добрата вечер не зависи од трендови или формули кои долго време се повторуваат. Луѓето повторно почнаа да доаѓаат поради музиката, атмосферата и чувството дека се дел од нешто поголемо од самите себе. Создадовме заедница која денес со нетрпение го очекува следното поглавје.
Кај нас како колектив, секој настан донесе нови лекции. Научивме подобро да решаваме проблеми, да размислуваме покреативно и постојано да го подигнуваме нивото на она што го создаваме.
Во вашите најави често нема големи маркетинг пораки, туку акцент на внимателно курирано искуство. Во ера кога многу настани се натпреваруваат за внимание преку спектакл, зошто одлучивте да градите поинаков концепт?
Токму во тој натпревар најлесно се губи суштината. Наместо постојано да бараме внимание, одлучивме да изградиме препознатлив јазик и атмосфера. Нашите пораки се намерно поедноставни, помистериозни и оставаат простор луѓето сами да ги интерпретираат. Не сакаме да бидеме дел од визуелната галама каде што секојдневно сите се натпреваруваат кој ќе биде погласен. Повеќе веруваме во органски раст, во љубопитност и во препорака од човек на човек.
На тој начин врската со публиката е многу подлабока и поискрена.
Скопската електронска сцена денес изгледа многу поразновидна отколку пред десетина години. Од ваша перспектива, кои се нејзините најголеми потенцијали, а кои структурни слабости што сè уште ја спречуваат да стане препознатлива и надвор од регионот?
Потенцијалот е огромен. Скопје сè уште има простор за нови идеи, нови формати и нови пристапи. Постои публика која е љубопитна и подготвена за квалитетни содржини. Од друга страна, една од најголемите слабости е што премногу често комфорната зона ни станува преудобна. Малку се ризикува, малку се експериментира и ретко се поставуваат повисоки стандарди. Веруваме дека токму преку поголема амбиција, професионалност и храброст за нови идеи сцената може да стане препознатлива и надвор од регионот.
Во програмата за затворање ги спојувате интернационалните гости со локални артисти. Како го разбирате односот помеѓу локалното и глобалното во електронската музика?
Не ги гледаме како спротивности, туку како нешта што се надополнуваат. Интернационалните гости носат нови перспективи, нови идеи и нова енергија. Истовремено, локалните артисти се тие што го градат идентитетот на сцената и ѝ даваат автентичност. Најинтересните работи се случуваат токму кога овие два света се среќаваат. Тогаш локалното станува повидливо, а глобалното станува порелевантно за конкретниот простор.
Завршната журка секогаш носи чувство на крај, но и на нов почеток. По ова „Season Closing“, каде го гледате BURU во следните неколку години?
Крајот на првата сезона е истовремено и почеток на следната.
Во наредните години сакаме BURU да прерасне во платформа што ќе ја претставува македонската култура и надвор од границите на земјата. Првото поглавје започна во Скопје, но визијата отсекогаш била поголема. Сакаме BURU да патува во градови како Атина, Белград, Берлин и Ибица, да создава нови соработки и да гради мостови помеѓу различни сцени.
Нашата амбиција е BURU да биде повеќе од локален настан. Да биде културен извоз што носи дел од Скопје со себе каде и да оди.
Ако некој во иднина пишува кратка историја на алтернативната културна сцена во Скопје во 2020-тите, што би сакале да стои во едно поглавје посветено на BURU?
Дека постоела публика за звукот за кој многумина мислеа дека одамна исчезнал.






