„ROTKO books&music“ го најавува гостувањето на легендарното британско електронско дуо Autechre, едни од најиновативните пионери на глобалната електронска сцена. По повеќе од три децении влијание и редефинирање на електронската музика, Sean Booth и Robert Brown конечно ќе настапат во Скопје, на 2 октомври 2026 година, во Младинскиот културен центар.
Ултимативното и неповторливо искуство, концертот на легендарните Autechre во Скопје ќе биде збогатен со уште едно големо име. Задно со нив ни доаѓа и MDX, DJ инкарнацијата на Andy Maddocks, таткото на култната етикета – Skam Records од Манчестер.
Autechre самите ја избраа и својата локална поддршка во Скопје – Александар Ордев. Бескомпромисниот продуцент од скопската експериментална електронска сцена ќe ja отвори вечерта на 2 октомври во МКЦ. Александар Ордев е познат по својот експериментален пристап кон звукот, поместувајќи ги границите помеѓу електрониката, амбиентот и авангардата.


Настапите на Autechre се одвиваат во целосен мрак и под посебен безбедносен протокол, правејќи го настанот неповторливо, екстатично аудио доживување, без нималку компромис.
Билетите за овој редок и ексклузивен настан се во продажба: https://mktickets.mk/en/concerts-en/autechre/
Autechre со децении важат за џентлмени од сенка во електронската музика – авангардни, технички брилијантни и бескомпромисно иновативни. Од деби албумот „Incunabula“ (1993), преку култните „Tri Repetae“ (1995) и „LP5“ (1998), до грандиозните, алгоритамски генерирани композиции како „NTS Sessions“ (2018), нивниот звук постојано ги поместува границите на жанрот и инспирира генерации артисти.
Бут и Браун потекнуваат од Рочдејл, Манчестер, каде во раните ’90-ти започнува нивниот експериментален пат со евтина аналогна опрема и визија што подоцна ќе го обликува она што медиумите го нарекоа IDM (Intelligent Dance Music). Нивниот прв албум достигна висок пласман на британските indie-листи и отвори пат за нивната легендарна статусна позиција во електронската музика.
По комплетно распродадената турнеја во 2025, Autechre живеат уште една екстремно активна концертна година со настапи од Јапонија до Европа, вклучително и нивниот најголем „хедлајн“ концерт досега, во Лондон.
Нивното најново издание е достапно на AE_STORE: https://autechre.warp.net.




