Преполна сала, долга сесија на прашања и одговори и бројни пофалби ја одбележаа американската премиера на филмот „Скејтбордингот не е за девојчиња“ на режисерката Дина Дума, која се одржа синоќа на Менхетен во рамките на филмскиот фестивал Tribeca во Њујорк.
Ова е прв македонски филм што е селектиран во официјалната програма на престижниот фестивал основан од Роберт де Ниро. Проекцијата се одвиваше пред преполна сала, а по завршувањето следуваше богата и емотивна дискусија со публиката. Најголем интерес предизвикаа прашањата за работата на Дума со актерската екипа и начинот на кој е постигната впечатливата автентичност на приказната и ликовите.




Успехот на филмот уште еднаш ја потврди силата на женското авторско-продуцентско дуо – режисерката Дина Дума и продуцентката Лабина Митевска. Нивната соработка покажа дека македонскиот филм може да најде место на фестивал од светска класа, каде што многу автори сонуваат да ја претстават својата работа. Tribeca е фестивал што пулсира со урбаниот дух на Њујорк и ги следи најактуелните трендови во современата култура и кинематографија.
„Скејтбордингот не е за девојчиња“ е во продукција на „Сестри и брат Митевски“, а продуцентка е Лабина Митевска. Копродуценти се Себастиен Делуа, Данијел Хочевар и Вања Сремац. Сценариото го потпишуваат Дина Дума, Лидија Мојсовска и Теона Стругар Митевска, директор на фотографија е Фредерик Ноаром, а во главните улоги настапуваат Ефќар Абаз, Симонида Селимовиќ, Џефрина Јашари и Ганимет Абдула.
Филмот е втор долгометражен игран проект на Дина Дума по наградуваниот „Сестри“. Станува збор за копродукција меѓу Северна Македонија, Белгија, Словенија и Хрватска, поддржана од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Eurimages, Creative Europe MEDIA, како и од национални и регионални фондови од земјите копродуценти.




