Социјалните мрежи целосно го променија начинот на кој жените денес откриваат, избираат и користат производи за убавина. Индустријата станува побрза, подинамична и постојано поставува нови правила, а публиката сè повеќе бара автентичност, лично искуство и содржина со која може да се поврзе.
За промените што ги донесе дигиталната ера, за современите навики на потрошувачите и за тоа како луксузните брендови ја задржуваат својата препознатливост и ексклузивност, разговаравме со Маја Божовиќ, едукациски менаџер за регионот Адриатик за брендовите Estée Lauder, Tom Ford, La Mer и Jo Malone London. Таа зборува за новата естетика во индустријата за убавина, за влијанието на „реалната“ содржина и за тоа зошто денес производот е многу повеќе од обична козметика.
Индустријата за убавина денес функционира многу побрзо отколку порано. Кои се моментално најголемите трендови што го обликуваат начинот на кој жените избираат и користат производи за шминка?
Денес големо влијание имаат социјалните мрежи, кои од една страна создаваат возбуда и поттикнуваат желба нешто да се поседува и купи, а од друга страна често создаваат чувство дека нешто пропуштаме ако го немаме. Производот за убавина денес не е само дел од рутината за разубавување, туку станува и дел од животниот стил. Начинот на кој се облекувате, вашата естетика, кого следите, каде патувате, што носите во чантата сето тоа станува дел од приказната. Трендовите се менуваат преку ноќ, постојано се појавуваат нови брендови, изборот на пазарот е огромен и лесно е човек да се изгуби во морето информации. Лично, им верувам на стручњаците, на светски познатите шминкери, на јавните личности чија естетика ја сакам и ја следам, како и на релевантните медиуми. Денес сè е достапно со еден клик, има многу трендови и важно е да се знае што навистина вреди да се избере.


Колку социјалните мрежи како TikTok и Instagram ја променија индустријата за убавина и начинот на кој брендовите комуницираат со публиката?
Социјалните мрежи ја забрзаа размената на информации, поради што купувачите денес се исклучително информирани. Тие имаат информации за одреден производ уште пред тој воопшто да пристигне на нашиот пазар. Порано продавачките во парфимериите беа главниот извор на информации и совети за тоа што е ново и популарно, а денес ситуацијата е обратна. Купувачите се тие што знаат сè за производот, читаат рецензии и се добро информирани. Благодарение на социјалните мрежи, сите сме побрзо поврзани и размената на трендови, новитети и информации е огромна, можеби дури и преголема, што понекогаш создава заситеност и недоверба.
Публиката денес сè повеќе бара автентичност и содржини од секојдневниот живот. Дали класичните кампањи за убавина полека им отстапуваат место на искрените препораки и дигиталната содржина?
Класичните кампањи за убавина секогаш ќе постојат, но се согласувам дека постепено им отстапуваат место на нови форми на претставување. Луксузните брендови денес организираат работилници, тематски дружења, едукативни настани и ексклузивни средби за своите лојални купувачи. Се создаваат помали кругови на влијание каде што купувачите можат да го доживеат брендот во поинакво опкружување и да ја создадат својата рутина со персонализирани совети, надвор од традиционалното продажно место. Таквите настани се наменети и за создавање содржина, каде секој креатор може да ја претстави сопствената визија за брендот и своето искуство. Токму таквата содржина од реалниот живот е многу попривлечна за публиката отколку класичната реклама. Кога производот ќе стане дел од нечија естетика и начин на живот, тогаш има многу поголемо влијание врз следбениците отколку традиционалното огласување.

Луксузните брендови за убавина денес им се обраќаат на сосема нови генерации потрошувачи. Како изгледа рамнотежата помеѓу престижот на брендот и потребата од современ дигитален пристап?
Точно е дека брендовите се обидуваат да го задржат својот престиж и ексклузивност, а истовремено да се приближат до помладата публика која пораснала со социјалните мрежи. За да постигнат рамнотежа, многу брендови се насочуваат кон соработки, привремени продажни простори, поврзување со познати личности, но и кон претставување на своите препознатливи производи во помали пакувања, како мал луксуз по подостапна цена. Сето тоа мора внимателно да се осмисли, бидејќи ако сте достапни за сите и насекаде, тешко е да се зачува чувството на луксуз. Затоа некои брендови намерно остануваат ексклузивни преку онлајн продажба или многу внимателно избираат со кои продажни места ќе соработуваат.




Минатата недела во Македонија беше одржана презентација и едукација за новата Estée Lauder Double Wear пудра. Што ја издвојува оваа формула и зошто толку долго е еден од најпродаваните производи на брендот?
Estée Lauder Double Wear е еден од култните производи на брендот, пудра што жените ширум светот ја обожаваат поради нејзината долготрајност и покривност. Новата формула што ја претставивме на работилницата овозможува слоевито нанесување и уште подолготрајни резултати. Додека претходната формула обезбедуваше трајност до 24 часа, новата останува беспрекорна дури 36 часа. Тоа значи дека пудрата останува на лицето без оглед на тоа како изгледа вашето секојдневие. Отпорна е на високи температури, влага и потење. Без разлика дали по работниот ден ќе заминете на тренинг или на дружење со пријателите, вашиот тен ќе остане свеж и изедначен. Особено ја сакаат шминкерите и невестите бидејќи изгледа одлично на фотографија, а останува беспрекорна и по часови емоции, солзи и возбуда.


Кои се најчестите грешки при изборот на пудра и на што жените треба најмногу да внимаваат кога ја избираат идеалната нијанса и текстура?
Би им препорачала на жените најпрво да одлучат каква покривност сакаат. Дали претпочитаат лесно и природно покривање, средна покривност за природен изглед или целосно покривање. Потоа треба да изберат пудра според типот на кожата и ефектот што сакаат да го постигнат – мат или сјаен изглед. Најголемата грешка што жените ја прават е изборот на погрешна нијанса. Според статистиките, дури 60 проценти од жените носат несоодветна нијанса на пудра.
Estée Lauder Double Wear има многу јасен систем за означување на нијансите. Најпрво треба да се одреди интензитетот на бојата, односно колку е светол или темен тенот, а потоа и подтонoт, кој може да биде топол, ладен или неутрален. Осветлувањето во парфимериите, за жал, често не е најсоодветно, па затоа секогаш советувам нијансата да се испроба на дневна светлина и задолжително на лицето, во пределот на образот и вилицата, а не на раката. Најголемите грешки најчесто се случуваат кога сме во брзање. Вреди да се одвои време за избор на вистинската нијанса, бидејќи токму таа е клучна за природен и беспрекорен изглед на целокупната шминка.
Индустријата за убавина денес многу зборува за грижата за себе и самодовербата. Колку шминката денес е повеќе од естетика и претставува начин на лично изразување?
Шминката несомнено е одраз на личниот идентитет, но и на актуелните трендови. Денес сè повеќе доминира природниот изглед, каде што кожата доаѓа до израз. Формулите се полесни, попроѕирни и со природен сјај, а особено ми е драго што овој тренд сè повеќе се забележува и во Македонија. За да се постигне ваков изглед, доволни се неколку повеќенаменски производи што можат да се нанесуваат на очите, образите и усните. Периодот на тешка и силно нагласена шминка, каква што беше популарна на социјалните мрежи пред неколку години, во голема мера е зад нас, иако секогаш ќе има жени што претпочитаат поинтензивна шминка и целосна покривност. Верувам дека повеќето од нас се чувствуваат подобро кога имаат чиста коса и негувана кожа. Грижата за кожата е важен дел од грижата за сопственото здравје и благосостојба.
По долгогодишна работа во индустријата за убавина и соработка со водечки светски брендови, што денес претставува вашата најголема инспирација и мотивација?
Сакам да организирам настани и работилници што ги следат високите стандарди на овие светски познати брендови, без разлика дали се одржуваат во Загреб, Скопје или Приштина. Мојата улога е да создадам концепт што ќе одговара на локалниот пазар, а истовремено ќе ги почитува стандардите што ги поставува брендот. Секогаш ме радува кога ќе слушнам дека гостинките биле задоволни, дека имале можност подобро да го запознаат брендот и да доживеат искуство какво што би имале во некој од големите светски центри. Токму тоа ме мотивира за сите идни проекти. Сакам да ги поместувам границите, да организирам настани на необични и впечатливи локации и да создадам целосно искуство, од првата до последната замисла. Секој детал е важен – од изгледот на огледалата и уредувањето на просторот до видливоста на брендот. На крајот, не е најважно само она што гостите го виделе, туку како се чувствувале и што ќе понесат со себе како спомен. Сето тоа не би било возможно без моите колешки, кои со истата страст и посветеност ја сакаат својата работа.



