Спроти тебе, на другото биро, стои чинија. Соленки, бисквити, понекогаш чоколадо што некој донел од пат. Иако чинијата е на колегата, некако грицките се за сите.
Ти се смешка секој ден. Си се гледате и понекогаш земаш, иако во тој момент ама баш нема чувство на глад.
Поминуваш покрај бирото, застануваш да поразговараш две минути, земаш една соленка. Подоцна уште една. До крајот на денот веројатно веќе немаш претстава колку пати раката посегнала по нешто од чинијата.
А во канцеларијата секогаш има по нешто, па чиниите со грицки полека стануваат дел од работниот декор.
Сетилата работат пред одлуката
Телото може да почне да се подготвува за јадење уште пред првиот залак. Кога ќе видиме или помирисаме храна што ни се допаѓа, може да се поттикне лачење плунка и да се активираат подготвителни реакции во дигестивниот систем.
Тоа не е твоја одлука. Телото веќе се договорило со себе, а ти уствари ништо немаш решено.
Мирисот на тазе топло печиво може да разбуди апетит дури и веднаш по ручекот. Истото се случува и со гледањето. Отворена кеса на бирото, кутија бонбони на рецепција, чинија со колачи во салата за состаноци. Храната што е во видно поле почесто го привлекува вниманието и создава повеќе прилики да посегнеме по неа.
Научните истражувања покажуваат дека и растојанието има влијание. Луѓето во просек консумираат помалку од одредена храна кога е поставена подалеку од нив. Понекогаш неколку дополнителни чекори до садот со бисквити се доволни за поретко посегнување.
Контрола на средината
Во Precision Nutrition, методологијата според која работам со моите клиенти, контролата на средината е една од стратегиите за промена на навиките во исхраната.
Храната што постојано ни е пред очи и на дофат создава повеќе прилики за грицкање. Со текот на времето, посегнувањето по нешто од бирото може да стане вообичаен дел од работниот ден. Особено кога вниманието е насочено кон работа, телефонски разговори, состаноци и рокови.
Тука има простор и за една поинаква канцелариска навика. Замисли сите грицки што колегите ги носат на работа, било за частење или едноставно затоа што им се грицка, да имаат свое место складирани во плакар во заедничката кујна. Секој може да си земе кога ќе посака.
Роденденските торти, чоколадите од патувања и бисквитите и понатаму ќе бидат дел од дружењето. А на работните бироа ќе има помалку храна што постојано го привлекува вниманието.
Останува само да го убедиш колегата со соленките ;).
Се читаме повторно за две недели.
Јас сум Олга Дервенџи, сертифициран нутриционистички коуч и основач на REGULA. Работам по методологијата на Precision Nutrition, една од водечките едукации за исхрана во светот.





