На 20 октомври 2026 година (вторник), во 20:00 часот, во Галеријата „Драгутин Аврамовски Гуте“ при Факултетот за ликовни уметности (Сули ан) во Скопје ќе биде отворена изложбата „Циркулации“ на Гоце Наневски и Дориан Јовановиќ.
Куратор на изложбата е д-р Ана Франговска. Изложбата го истражува принципот на циркулација, од физичкиот феномен на проток на течност и создавање вортекси до протокот на материја, слика, поглед, звук, информација, меморија и моќ. Централниот дел на проектот го сочинуваат три кабини, замислени не како објекти за набљудување од дистанца, туку како апаратуси на искуство. Во нив посетителот се соочува со сопствената слика и погледот на другиот, со какофонијата на истовремени информации, со нестабилноста на сопствената позиција наспроти колективот и со пропустливоста на границата меѓу внатрешното и надворешното.
Партиципацијата тука не е додаток, туку структурен услов на делото. Движењето станува сигнал, сигналот звук и говор, туѓото присуство сенка, а телото на посетителот дел од механизмот што го активира делото. Секое ново присуство создава поинаква констелација на слика, звук, движење и сензација, па „Циркулации“ се финализира со секој посетител, за веднаш потоа повторно да стане недовршено.



Според кураторката Ана Франговска, „Циркулации“ не нуди безбедна позиција надвор од системот од која може да се набљудува, туку го внесува посетителот во него и ја отвора критичката димензија на системите на моќ, знаење, информација и перцепција.
Изложбата ќе биде отворена до 05.11.2026 година.
За авторите
Гоце Наневски (1974) дипломирал во 1996, а магистрирал во 2002 година на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ во Скопје, каде е редовен професор на Катедрата за скулптура и трансмедиумски практики. Бил продекан за настава (2012– 2016), а од 2023 до 2026 година бил продекан за финансии. Предмет на неговитеуметнички интереси вклучуваат широки интердисциплинарни истражувања во морфологијата на скулптурата, инсталацијата, објектот и скулптурата во големи размери, звукот, фотографијата и видео уметноста. Автор е и на колаборативни дела кои опфаќаат разновидни искуства и сознанија од повеќе дисциплини, преплетувајќи ги уметничките проседеа со оние на политиката, социологијата, антропологијата, механиката, електрониката, звукот и перформансот.
Излагал самостојно во Скопје, Њујорк, Сараево, Цетиње, Бања Лука, Никшиќ и Пловдив, а меѓу позначајните проекти се „Педесет или педесет“ на 53. Биенале во Венеција (2009), „Мо(ну)мент“ (Национална галерија на Македонија, 2014), и „На работ“ (Национална галерија на Македонија, Чифте амам, 2024), реализиран заедно со Дориан Јовановиќ, „Педесет или Педесет“ (Музеј на современата уметност – Скопје, 2006). Учествувал на групни изложби во над дваесет градови низ Европа, Азија, Африка и Северна Америка.
Дориан Јовановиќ(1969) е дипломиран електроинженер од областа на компјутерската техника, информатиката и автоматиката, со 30-годишно искуство во приватниот сектор, меѓународните организации и јавниот сектор. Како продолжение на професијата е долгогодишен тонски инженер, во студио и на настани како Скопскиот џез-фестивал и Сараевскиот џез-фестивал. Постдипломските студии на оваа тема ги следи на ЕФТА Скопје. Активен е и како музички автор, самостојно и во групите Стринг форсис, Чалгија саунд систем, Добрила и Дориан дуо, Julian Misic и Дориан ут квартет, со вкупно 18 изданија, меѓу кои „Изохронија“, „Свиленкаст пат“, „Тихувај“, „Апокриф“, „Пиле шарено“ и „Маестро“. Соработувал со визуелни уметници (Дејан Спасовиќ, Гоце Наневски, Ладислав Цветковски) во заеднички изложби и авторски проекти, а автор и соработник е на голем број видеа и музички видеа.
Изложбата е реализирана со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.





