Често владее уверување дека треба да сме секогаш позитивни и оптимистични на работа и дома. Но дали тоа е реално? И уште поважно, дали ваков став е корисен?
Да се биде емоционално агилен подразбира да бидеме свесни за своите емоции (позитивни или негативни), да ги препознаеме, разбереме и да знаеме како правилно да одговориме на истите, на начин кој ни користи.
Емоционална агилност е услов за ментална и емоционална отпорност. Релативно нов концепт кој се покажа како ефикасна алатка во областа на професионален и личен развој, помага во различни ситуации преку донесување на одлуки до зголемување на чувство на лична благосостојба.
Емоционалната агилност како концепт се применува во полето на емоционална интелигенција и подразбира дека сите емоции се важен прифатлив аспект од нашето живеење. Емоциите се наш природен водич и се многу поефикасни ако не се бориме со нив. Потребно е да сме свесни и да владееме со нашите емоции за да истите не ни се пречка, туку наш сојузник.
Но во секојдневниот живот често се случува да функционираме на принцип “автопилот”. Тоа значи да автоматски, непромислено реагираме на ситуации во кои ќе се најдеме. Колку пати сте си помислиле “ Зошто повторно вака реагирав, не сакав вака да испадне … “ Овие мисли имаат влијание на нас да се чувствуваме анксиозно и наместо да сме емоционално агилни, ние стануваме емоционално ригидни, нервозни и ги одложуваме обврските.
Личност која е емоционално агилна реагира на начин на кој се запрашува “ Како се чувствувам, однесувам? Како надворешните фактори влијаат на мене? Како можам од оваа ситуација да научам, да се однесувам спонтано, автентично, а не по инерција, автоматизам?“
Зошто емоционалната агилност е важна?
Денес, сите сме преплавени со информации, видеа од “гуруа” преку социјалните медиуми како треба да сме харизматични, ентузијасти на висина на задачата. Некој ќе рече дека живееме во време не токсична позитивна психологија. Како да постои непишано правило дека ако си секогаш позитивен и расположен, тогаш си професионалец, успешен. Овој став има негативен ефект на нас да ги отфрлиме негативните емоции, да се браниме од нив. Но не треба да е така. Од голема важност е да сфатиме дека емоциите не се добри или лоши, туку емоциите се сигнали кои ни праќаат пораки. Како што радоста ни укажува дека нешто ни се допаѓа, убаво е, сакаме да трае и сме во добра состојба, така и тагата или пак нервозата укажува обратно. Не треба да се негира туку потребно е да се “менаџира” емоцијата.
Емоциите можат да ни помогнат да да ги разбереме нашите најдлабоки вредности бидејќи често ни сигнализираат кога се случува нешто важно. Емоција на љубов, благодарност, амбициозност, самопочит, мир, задоволство или пак страв, анксиозност, срам. Многу е битно да се фокусираме на нашите вредности, отколку на моменталното чувство кое може да не забрза во носење на избрзани одлуки.
Запрашајте се дали вашата реакција е во согласност со вашите животни вредности?
Како реагира емотивно агилна личност?
Пред се потребно е емпатичен пристап. Согледување и разбирање на динамиката на своите реакции ќе ни биде значаен фактор во подобар увид и фокус на можности и решенија. Потребно е да сме свесни дека својот однос кон критиката или реакцијата од другите го градиме уште пред да дојдеме на работа или во домашно опкружување. Искуствата од детството или зрелиот живот се значаен фактор.
Критиката или коментарите не значи дека сме лоши, туку е feedback на нас за одредена ситуација или период. Верувајте дека и на тие што даваат критика понекогаш не им е лесно. Избегнување на разговор или соочување со критика е типичен пример или нападно емотивно реагирање кога некој ви “ оди на нерви“, останување на работно место каде што не напредувате или не сте доволно вреднувани или во емотивна врска која ви дава чувство на празнина.
Без разлика дали даваме или примаме критика, како емоционално агилна личност треба да се соочиме со моментот, да ги препознаеме емоциите во нас. Да размислиме, запишеме како се чувствуваме и зошто; кој е “тригерот” за нашето моментално чувство. Истражи го својот емотивен свет. Сите емоции се природни и ни даваат порака. Научете да ги препознаете и именувате емоциите. Често знаеме да кажеме “под стрес сум”. Но бидете конкретни, препознајте дали е тоа бес, разочараност, страв. На овој начин ќе може полесно да научите да ги контролирате и да владеете со емоциите. Кога нештата не се дефинирани тие лебдат над нас или пливаат во нас.
Емоционално агилна личност често ќе се запраша што се крие зад емоциите, кои ни се мислите, кои уверувања се одговорни за нашето моментално чувство. Кога ќе ја препознаеме мислата, треба да се запрашаме дали е вистина или само наша имагинација. Мислите не се секогаш вистинити, реални.
Ваков начин на размислување ќе ни помогне да избегнеме ситуации во кои краткорочно се чувствуваме добро и комфорно, но долгорочно гледано е во спротивност со нашите вистински животни вредности.
Бидете флексибилни, подготвени за промени, можеби однесувања кои ви биле во корист можеби сега повеќе не се. Промената е процес во кој нешто треба да пуштиме (“let it go“) доколку сакаме да го насочиме нашето однесување во корисен правец. И ова се учи. Секогаш потребно е едукација, лична или професионална, самоук или со помош на друг.
Почни уште веднаш со промената со едноставно прашање “ Како се чувствувам сега?“
Никој не се раѓа целосно емоционално агилен, потребно е вежбање како би можеле да живееме во согласност со нашите вредности и цели. Целта е да ја ослободите зависноста на повторливи обрасци на однесување. Кога работиме на себе и на нашите емоции, резултатите се неизбежни и за релативно кратко време ќе почувствувате промена кај себе и кај другите.