Вања Штркова (@shtrkova_illustrations) е илустраторка и графичка дизајнерка која со својата креативна енергија создава прекрасни илустрации. Со неа поразговаравме за уметноста, за нејзината инспирација и за тоа што ѝ е најважно во работата и секојдневието.
Како започна со илустрации, што ти дава инспирација и мотивација?
Започнав спонтано додека работев во дизајн студио „Кома“. Кај Бане Гелевски. 😊 И потоа почнав сè повеќе да тестирам тоа што ме интересира и што можам и треба да доучам/довежбам.
Инспирацијата ја добивам од мисли, соништа, чувства. И секако опкружувањето. Поради короната и тоа чувство на изолираност и дистанца од луѓе, во последно време сè повеќе сум насочена кон сликање на празни столици 😀 тоа ми е во видокруг последниве две години.
Немам некој што што ме мотивира да седнам и да цртам, повеќе е како потреба. Потреба да зашлакам боја насекаде. Иако не сум дефинитивно откажана од дигиталните илустрации, некако ми фалеше пробување разни техники.
Дали си се нашла во креативен блок досега и како излегуваш од истиот?
Уф многу пати. Мислам дека со месеци сум имала блокади. Иако не биле месеци, така го доживувам тој период кога не цртам. Станувам нервозна… и во такви моменти само чекам да помине. Сум пробала неколку пати да се присилам да цртам и тоа завршувало со незадоволство од направеното. И сфатив дека само ми треба време, да размислам малку повеќе, да искицирам макар и шкртаница да е. Имало денови во кои можам и 10 илустрации да направам. Но, имало и денови кога не ми се ни размислува за цртање.
Што те води низ работата и животот, на што особено внимаваш, какви вредности ти се најважни?
Бојата ми е многу битна како во илустрациите, така и во животот. Не можам да си го замислам животот без ерупција на бои. Во работата како графички дизајнер, креативноста е двигател. Некако се поврзани двете работи. Кога умот ми е отворен во едното, на пример дизајнот, некако магично го отвора и другиот дел, цртањето. Внимавам на идејата што ја имам и пробувам да се движам во рамки на тоа што веќе мојот ум го има исцртано, само рацете да следат. И таа идеја мислам дека е една од вредностите кои ми се важни. Идејата што ја имам за самата себеси, за моите илустрации, но сите тие работи не се споредуваат со важноста на семејството. Секогаш на прво место ќе бидат најблиските. И тие ми ја даваат мојата најголема мотивација. Најдобри критичари.
Каква порака сакаш да пренесуваш низ илустрациите?
Не цртам групи на луѓе, како што може да се забележи. Пораката мислам дека е: Нема подобар соиграч од самиот себеси. Како што видовме со целата оваа ситуација со ковидов, дека знае да биде страшно да бидеме сами, но, кога ќе седнеш самиот со себеси, можеш да видиш кој си и што си.
Какви се твоите планови за следни изложби и како си задоволна од досегашните?
Требаше да имам изложба во 2020 и сè ми беше договорено, но се случи тоа што се случи и го одложив на неопределено. Се надевам дека ќе се стабилизира ситуацијава па ќе може да направам една голема изложба со многу луѓе. Досега имам само една изложба, во Концепт во 2016. Сметам дека стилот ми има еволуирано од тогаш и со нетрпение ја чекам следната изложба.
Што најмногу те расположува и те прави среќна?
Музика. Нема ништо подобро од тоа.
Кои илустрации досега ти биле најголем предизвик?
Имам една на која работам во последниве 6 месеци. Душата ми ја извади само и се враќам, корегирам нешто ситно и пак ја оставам „да ја преспијам“. Не ја брзам.
Дали сметаш дека уметниците најчесто се водат по емоциите за да направат одредено дело?
Кај секој мислам дека е различно. Има многу фактори кои доминираат во сечиј стил. За мене цртањето е приказна која ја раскажуваш со четка на платно или дигитално во некој програм. Има феноменални цртачи, уметници кои цртаат хипер-реализам кај кои доминира техниката и прецизноста. Исто има и апстрактни уметници кои со еден квадрат на платно те тераат да се насмееш или расплачеш. Сè е до тој кој го гледа делото без разлика во каква техника е или што сакал авторот да каже.